недела, 30 декември 2007

Од нас за Прилеп - 3 вечер

Dedicated For LifeAirless Project Тотално ОпуштањеКултурно Уметнички Работници

сабота, 29 декември 2007

Од нас за Прилеп - 2 вечер

Crossroad Blues BandКангоФолтин
Паркети

Иле Ристески најдобар кик-боксер за 2007

Иле Ристески е избран за најдобриот спортист за 2007 година од страна на Кик-бокс федерацијата на Македонија. На вчерашното свечено доделување Ристески за првото место ги потисна второпласираниот Атанас Стојковски и Мартин Гроздановски, кој заврши како трет. Оваа година беше најплодна во кариерата на Ристески и ги освои златните медали на сениорскиот Светски куп, Медитеранското и на Балканското првенство.
Како награда за освоените трофеи во 2007 година, Агенцијата за млади и спорт им додели по 100.000 денари на Ристески и на Стојковски.

четврток, 27 декември 2007

Публикација „Антички македонски штитови од Пелагонија"

„Антички македонски штитови од Пелагонија" е насловот на публикацијата на археологот Душко Темелкоски која вчера беше промовирана во Градската библиотека "Борка Талески" во Прилеп. Во публикацијата се претставени деловите од штитовите, пронајдени на локалитетот Бонче кои потекнуваат од пред 22 века, од периодот по Александар, во времето на античкиот македонски крал Деметриј.
- Наодите за штитовите се претставени не само на стручен туку и на попопуларен начин, за приказната за античките штитови да биде достапна до широката читателска публика, изјави Темелкоски. Тоа значи дека публикацијата донесува податоци и за локалитетот Бонче и за тоа кој бил кралот Деметриј. Освен од Темелкоски публикацијата е потпишана и од францускиот историчар Пјер Жуел.
- Жуел се затекна тука во Македонија кога лани беа откриени штитовите. Со него бевме на локалитетот Бонче и ги разгледувавме штитовите, објаснува Темелкоски.
Жуел и Темелкоски наодите за штитовите ги презентирале во Франција, во Хрватска, а во Германија објавиле заедничка статија за штитовите во списание за епиграфика.
- Публикацијата е заокружување на процесот на соработка, вели Темелкоски.
Рецензент на книгата е полскиот археолог Ник Секунда, професор на Универзитетот во Гдањск, кој ја истакнува исклучителната важност на наодите. Деловите од штитовите се единствени пронајдени во Македонија кои потекнуваат од античкиот период и укажуваат на прочуената Македонска фаланга. Во Грција ги има само три. Деловите се на конзервација во Заводот и музеј во Охрид. Најрано на есен можеби еден од трите штита ќе биде реконструиран и претставен на јавноста.

Извор: Вечер

понеделник, 24 декември 2007

Од нас за Прилеп

„Од нас за Прилеп“ е уште еден од бројните проекти во низата „Прилеп-град на културата“. Овојпат, во три вечери на само неколку дена пред Новата година ќе имаме можност да видиме повеќе музички состави и поединци од Македонија. Првата вечер во четврток настапуваат: „The John“, „Bei the Fish“ , Сашко Костов и „Тоито“. Во петок настапуваат: „Фолтин“ , „Паркети“ , Канго и „Crossroad Blues Band“, додека саботата е резевирана за: „Културно Уметнички Работници“ , „Тотално Опуштање“ , „Dedicated for Life“ и „Airless Project“. Настаните ќе се одржат во Домот на АРМ со почеток во 21.00 часот. Влезот е 50 денари.

четврток, 20 декември 2007

Хуманитарен концерт на Денис Димоски

Во сабота 22.12 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ хуманитарен концерт ќе одржи Денис Димоски, македонскиот претставник на детската евровизија во Белгија пред две година. Влезницата е 60 денари, а собраните пари ќе бидат наменети за отворање на дневен центар во Прилеп за децата заболени од церебрална парализа. Почетокот е во 18.00 часот

среда, 19 декември 2007

Крстевски на фестивал во Јапонија

Златко Крстевски учествуваше на 17. Меѓународен фестивал на стрип и карикатура во градскиот Музеј на современа уметност во Саитама сити, Јапонија. Овој месец селектираните уметници од 42 земји: САД, Франција, Италија, Иран, меѓу кои и Крстевски, се публикувани во антологијата "The best cartoons of Nippon". Крстевски е селектиран да изложува и во "Railway Museum", во 2008 година. Еве неколку негови дела кој што за прв пат се објавуваат на интернет: Слика1, Слика2, Слика3
Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ е поставена изложбата на графики и цртежи „Слободен простор“ од авторката Марина Конеска.

вторник, 18 декември 2007

Tobacco Blues Festival

Во петок и сабота, односно на 21 и 22 Декември во клубот „Апореа“ за прв пат ќе се одржи блуз фестивалот насловен како „Tobacco Blues Festival“. Првата вечер ќе настапат „Blue Vibe“ и „Crossroad Blues Band“, додека во сабота ќе свират „Wild Bunch“ и „Juke Joint Express“. Почетокот е во 21.00 часот.

Пази се лизга!

Плоштадот „Александрија“ овие денови е претворен во лизгалиште. Мермерните плочки кои што се поставени се вистинска опасност за сите, особено за постарите лица. Честа беше глетката на паднати лица кои се обидуваат да станат. Заради тоа, под итно треба да се најди некое решение за овај простор. При секое врнење најмалку што може да се стори е веднаш да се расчисти снегот. Поставување на табли кои ќе упатуваат на опасноста и ќе ги предупредуваат поминувачите да внимаваат при поминувањето. Едно од решенија за кои треба да се размисли е поставување на неколку привремени патеки од груб, цврст материјал кои ќе служат за преминување од едната на другата страна.


понеделник, 17 декември 2007

Пелагониското дерби за Победа

Победа-Пелистер 2:1

Во последниот натпревар од есенскиот дел на првата македонска фудбалска лига, актуелниот шампион Победа го совлада пелагонискиот ривал од Битола. Стрелец на двата гола за домашниот тим беше Марко Ѓоровиќ во 30 и 71 минута. Со овие три бода се израмнивме на табелата со Пелистер со по 28 бода и паузата ќе ја поминеме на 5-тото место. Во првото пролетно коло и гостуваме на екипата на Силекс во Кратово.

Македонија ЏИО-11 Октомври 3:0
Вицешампионот на Македонија убедливо со 3:0 по сетови (25:15, 25:14 и 25:22) ја совлада екипата на 11 Октомври. Домаќините без поголеми проблеми славеле над нашата млада и неискусна екипа која ја очекува реванш натпреварот од Челинџ купот во Естонија против Селвер.

Концерт на Борис Трајанов

Од денеска на касата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ се продаваат влезници за концертот на Борис Трајанов. Концертот ќе се одржи во недела 30.12 со почеток во 20.00 часот, а влезницата е 200 денари. Диригент ќе биди Рамадан Шукри, а ќе биде придружуван од мандолинскиот оркестар „Скопје“.
Во галеријата на икони „Бабанеделино училиште“ е поставена изложбата „Разговор со Винсент“ на авторката Маја Ралева. Изложбата е во организација на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј на град Прилеп.

сабота, 15 декември 2007

Снег


петок, 14 декември 2007

Премиерна изведба „На два стола“

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во сабота премиерно ќе ја изведе петтата последна годинашна премиера комедијата „Од кол на кол“, работена според Реј Куни во режија на Коле Ангеловски.
- На општо задоволство ја подготвивме претставата со прилепскиот ансамбл со кој имаме повеќедецениска соработка. Комедиите имаат силни пораки и најважно од се е на публиката да и понудиоме час и половина смеа и задоволство од ситуациите во кои ќе се најдат актерите во претставата, истакна режисерот Коле Ангеловски.
Оригиналниот наслов на Куни „На два стола“ е преименуван само поради потребата да се доближи до публиката и до одредени наши комични ситуации во животот, објаснува Ангеловски.
Со оваа претстава актерот Трајче Иваноски заокружува четири децениска кариера на „штиците што живот значат“.
- Со режисерот Ангеловски имаме 25-годишна соработка и над 20 остварени улоги, вели Иваноски.
Тој ја избрал комедијата како и многупати досега да и донесе смеа на публиката во ова време - невреме. Иваноски и натаму ќе остане активен во проекти на театарот и на други сцени, продолжувајќи да им ја дава поддршката на младите.
Во комедијата „Од кол на кол („На два стола“) играат и Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Андон Јованоски, Најдо Тодески, Марјан Чакмакоски, Димитар Вандески и Гоце Наумоски. Изборот на костимите го направи режисерот Ангеловски чија е и адаптацијата на делото на Куни. Соработник на сценографијата е Пеце Ристески.
Извор: МИА

среда, 12 декември 2007

Металци, навалете!

понеделник, 10 декември 2007

„Американската литература на филм“

Во Центарот за Култура „Марко Цепенков“ од саботата се прикажува циклусот филмови насловен „Американската литература на филм“. Распоредот на филмови, сите од четириесеттите и педесеттите години, можете да го следите од десната страна на блогов во „Настани“. Проекциите се на добро познатата „Сцена 103“ на вториот кат, а влезот е бесплатен.
Во ликовната галерија на Центарот за култура е поставена изложбата „Авангардниот прилепски пејсаж“. Застапени се повеќе автори со дела во различни техники.

Прекинат ракометниот натпревар Тутунски Комбинат-Пелистер

Тутунски Комбинат-Пелистер прекината!
Ракометното пелагониско дерби не го доживеа својот крај. При резултат 18:21 во 41 минута судиите се повлекоја во соблекувалната и повеќе не излегоја на терен. На ова претходеше спорна судиска одлука во корист на битолчани по која доби црвен картон домашниот тренер Локвенец. Настана мешаница и туркање на судиите Чавдаров-Наумовски по кој тие го прекинаа натпреварот. Пред одигрувањето на самиот натпревар со чудна одлука екипата на Вардар им отстапи на Пелистер тројца скопски играчи. Ова е само кулминација на неколкугодишната хајка што се води кон ракометот во Прилеп од страна на претседателот на РФМ Трифун Костовски и неговите луѓе како Марјан и Драган Начевски.

Вардар-Победа 0:0
Дуелот на ланскиот куп победник на шампионот на Македонија заврши мирољубиво со 0:0. На тежок терен, фудбалерите прикажале уште полоша игра и нерешениот резултат бил најправичен за двете екипи. Следната недела се игра уште едно дерби против забревтаниот Пелистер од соседна Битола.

11 Октомври-Лирија 3:0
Одбојкарите на 11 Октомври лесно со 3:0 по сетови (25:5, 25:13, 25:9) славеа над гостинот од Тетово и сега со 11 бодови сеуште се само на 6-тата позиција на табелата. Утре во „Универзалната сала“ во рамките на Челенџ купот се игра натпреварот против екипата на Селвер од главниот град на Естонија, Талин.

Турнир во мал фудбал
Од денеска во „Универзалната сала“ започнува традиционалниот зимски турнир во мал фудбал под покровителство на општина Прилеп. Пријавени се голем број на екипи со познати поранешни и сегашни активни фудбалери. Како и секогаш се очекува голем број на публика и забава во овие ладни денови.

понеделник, 3 декември 2007

Триумф на Станојоски во соседна Србија

Станојоски триумфираше во Обреновац
Нашиот велемајстор Звонко Станојоски (2467) е победник на 20. "Трофеј на Белград '07", кој во изминатите девет дена се одржуваше во Обреновац, во Србија. Тој успеа да го повтори минатогодишниот успех и да го одбрани епитетот најдобар на овој престижен турнир, освојувајќи 8 поени од 9 кола. Второто место му припадна на ИМ М. Живаниќ (Срб, 2460) со 7,5 поени, колку што има и третопласираниот ВМ М. Манолаче (Ром, 2513).

Победа-Цементарница 4:3
Иако потешко од очекувањата, фудбалерите на Победа ги освоија трите бода на натпреварот со фенерџијата во првата лига. Два гола постигна Гешоски, а по еден Алмеида и Итуа. На табелата се наоѓаме на 5-тото место. Другиот викенд на Градски во Скопје го играме дербито со Вардар.

Лешок-11 Октомври 0:3
Одбојкарите на 11 Октомври славеа во Тетово над домашниот Лешок со 0:3 во сетови (24:26, 23:25, 24:26). Нашата екипа имаше и забелешка на судењето кое било наклонето кон домаќините.

четврток, 29 ноември 2007

Инсталација "SFRJ GO HOME"

Инсталацијата "SFRJ GO HOME" на ликовниот уметник Златко Крстевски, ќе биде поставена денеска (18 ч.) во Уметничката галерија "Марко Цепенков" во Прилеп. Уметникот Крстевски вели дека станува збор за антимилитаристичка, заедничка визија за некогашната СФРЈ како интегрирано општество, преку демистификација на комунистичките митови создадени за време на распадот на Југославија пред и потоа, како промовирање на нови заеднички вредности за сите граѓани на Македонија.
Отпечатени се и седум картички - по една за сите екс-републики, и една колаборативна со знамето на СФРЈ. На сите знамиња се претставени и мечиња како сатирична визија.
Делото ќе биде претставено во Белград на меѓународниот фестивал Опен њорлд", а делови во форма на мејл-арт ќе бидат испратени на изложби во Италија, Франција и САД.
Извор: Вечер

вторник, 27 ноември 2007

Стоп за убивањето на кучињата!

Пред неполна година бев сведок на суровото, нехумано убивање на кучињата скитници. Верувам дека не бев единствената (тоа се случи во Точила околу полноќ и на улиците имаше повеќе претежно млади луѓе што пукањето не го правеше само грозна глетка, но и опасна) која се најде изреволтирана и згрозена од таквата сурова, нехумана и варварска постапка која се случуваше пред наши очи.
Од овој настан не бев само јас засегната, погледнете што се пишуваше на интернет: Прилеп, град убиец на кучиња, иако претпоставувам и на други места луѓето реагираа.
Но тоа беше пред неполна година, сега како што дознав кучињата се ловат и потоа се успиваат. Тоа не ми се чини ништо похумано и поцивилизирано. Убивањето си е убивање, но овојпат тоа не се случува пред очите на прилепчани. Контактирав со некои здруженија за заштита на животните и добив повратна информација дека успивање (еутаназија) на животни не е дозволено во никој случај, освен во исклучителни ситуации кога животното е многу болно, а ветеринарната помош не може да помогне.
Како најдобро и најхумано решение се смета и практикува, според европски стандарди: ловење, вакцинирање, евентуално кастрирање, а потоа или вдомување или повторно враќање на улица.
Колку што знам во Битола и Скопје веќе има стационари што функционираат. Кога може таму, сигурно може да се најде некое поцивилизирано решение и во Прилеп, зошто сепак се стремиме Прилеп да биде европски град, нели?

Менче З.

п.с. Благодарност до Менче за испратениот текст. Воедно ова нека биде апел и другите читатели да праќаат свои текстови.

понеделник, 26 ноември 2007

Порази на Победа и 11 Октомври

Ренова-Победа 2:0

Нова разочарувачка игра на фудбалерите на Победа и пораз во Тетово од домашната Ренова со 2:0. На табелата Победа е шеста со 21 бод. Наредниот викенд во Прилеп ја пречекуваме екипата на Цементарница против која се очекува сигурна победа.

11 Октомври-Вардар 1:3
Пораз доживеаја и одбојкарите на 11 Октомври кои не ги постигнуваат посакуваните резултати во новата сезона. Во саботата загубија од Вардар со 1:3 (21:25, 26:17, 23:25 и 16:25). Раководството на тимот мора да направи анализа и да ги утврди слабите резултати. Особено што вината треба да се бара на нивна страна во смената на тренерот на самиот почеток од првенството.

Станојоски одличен на турнир во Белград
Нашиот шаховски велемајстор Звонко Станојоски (2467) игра одлично на стартот на 20-тиот Трофеј на Белград што се одржува во Обреновац. Тој оствари победа во првите три натпревари и се наоѓа во групата на шахисти со максимални поени. Досега оствари победи над Небојша Весовиќ (2106) од Црна Гора, Драган Савиќ (2229) од Србија и против Бранко Станоевиќ (2300) исто така од Србија.

Наумоски повторно погодува
Фудбалскиот интернационалец Илчо Наумоски беше стрелец на израмнувачкиот гол за својата екипа Матерсбург во натпреварот против Рид. Со голот во последната минута ја спаси од пораз својата екипа која се наоѓа на 4-то место во австриската прва фудбалска лига. За Матерсбург целиот натпревар го одигра и Гоце Седлоски.

петок, 23 ноември 2007

Петти меѓународен фото салон „Визант“

Во уметничката галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вчера беше отворен Петтиот меѓународен фото салон „Визант“. Селектерини се околу шеесетина фотографии од 120 автори од 28 земји.
Добитник на овогодишното Гран при е Херман Чатер од Словенија, а прва награда освои Куели Христина Бриди од Бразил. Второнаградена е Маја Медиќ од Србија, а третонаградена е Ивана Милиќ од Хрватска. Во рамки на фото салонот се доделува и специјална награда, овојпат таа му припадна на Теодор Раду Пантеа.
Ирена Паскали, Владимир Секуловски, Роберт Брсакоски и Златко Крстески се учесници од Македонија. За фото салонот е публикаван и каталог во формат од 32 арт-разгледници. Изложбата е во организација на Центарот за визуелни уметности „Визант“ и е независна културна акција.

четврток, 22 ноември 2007

Ретро слика

Екипата на Р.К.Тутунски Комбинат на последниот натпревар во салата „Македонија“ пред да изгори во големиот пожар на 12.06.1993.

вторник, 20 ноември 2007

Младост лидер во пингпонгарската Супер-лига

Пингпонгарскиот тим на Младост оствари победа од 0:5 на гостувањето во Крива Паланка против истоимената екипа. Со 12 поени, Младост се наоѓа на првата позиција на табелата и во наредното коло ќе игра со минатогодишниот шампион Југококта.
Илчо Наумоски беше стрелец на вториот гол за репрезентацијата на Македонија која во саботата славеше над Хрватска со 2:0. Одлична партија прикажа и капитенот на нашата фудбалска репрезентација Гоце Седлоски.
Екипата на 11 Октомври овај викенд беше слободна во одбојкаркото првнество на Македонија. Поради репрезентативните настапи одмараше и екипата на фудбалскиот клуб Победа.
Ракометарите на Тутунски Комбинат беа убедливо поразени на домашен терен од екипата на Металург со 24:33. Натпреварот се одигра порано од предвидениот термин поради настапот на скопјани во европските купови. Во следното коло Тутунски му гостува на Вардар ПРО во Скопје.

понеделник, 19 ноември 2007

Стрип антологија „Преку границите“

Ви издание на центарот за визуелни уметности „Визант“ од нашиот град е објавена стрип антологија „Преку границите“. Во неа се застапени бројни автори од Македонија: Атанас Ботев, Иванка Апостолова, Наташа Андрееска, Дмитриј Михајлоски, Горан Дачев, Миле Ничевски и Златко Крстески. Од странските автори застапени се: Нини Буњевац од Канада, Питер Купер од САД како и повеќе уметници од Холандија и Австралија. Антологијата е на 22 страници и ќе биде промовирана на меѓународниот фестивал во Москва.

четврток, 15 ноември 2007

Концерт на КУД „Моминок“

Во недела 18.11 свој концерт ќе одржи културно уметничкото друштво „Моминок“ од нашиот град. Концертот ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток од 18.30 часот. Гости ќе бидат КУД „Бучим“ од Радовиш и КУД „7-ми Септември“ од Македонски Брод. Влезницата е 30 денари.

среда, 14 ноември 2007

Индивидуален блогер

вторник, 13 ноември 2007

Кампања „GNU/Linux - мојот пријател”

Во организација на ЛугоП - Linux групата на корисници од Прилеп, во тек е кампањата „GNU/Linux - мојот пријател” која што има за цел промовирање на споменатиот оперативен систем. Кампањата опфаќа предавања и презентации во сите средни и неколку основни училишта во градот. Почетокот беше во О.У. „Климент Охридски“, наредната презентација е во СОЕПТУ „Кузман Јосифоски - Питу“ на 14 Ноември, а потоа следуваат СОУ „Ристе Ристески Ричко“ на 19 Ноември, гимназијата „Мирче Ацев“ итн. Напредокот на кампањата можете да го следите на блогот од координаторот на ЛугоП.

Technorati Tags: , , , , .

понеделник, 12 ноември 2007

Викенд резултати

Башкими-Победа 3:4
Иако губеа со 3:0, фудбалерите на Победа направија целосен пресврт и успеаја да се вратат со три бода од гостувањето во Куманово. Два гола постигна Маневски во 35 и 44 минута, еден Гешоски во 73, а фудбалерот на Башкими Шабани си постигна автогол во 70 минута. Победа е петта на табелата со 21 бод. Во следното коло играме со Ренова во Тетово.

Преспа-Тутунски Комбинат 34:31
Ракометарите на Тутунски Комбинат после првите две победи повторно се поразени. Тие во Ресен изгубија од домашниот тим на Преспа со што ја продолжија црната серија на гостувањата. Тутунарите сеуште не можат да се одлепат од последната позиција на табелата со само 6 бода. Следниов викенд во Прилеп гостува екипата на Металург.

Шутова-11 Октомври 3:0
Поразени се и одбојкарите на 11 Октомври кои во Кичево загубија со 3:0 (25:20, 25:17 и 25:19) од екипата на Шутова. Со само 5 бода нашите одбојкари се наоѓаат на 7-та позиција на табелата.

Автомобилизам
Автомобилистите на „Прилепец“ не се покажаа во најдобро светло на последната трка од државниот шампионат на кружни патеки во Кичево. Единствено В. Треневски се пласира на второто место во класата до 1150 ццм3.

сабота, 10 ноември 2007

Миле Стојкоски се врати во Прилеп

Стојкоски се надева дека за кратко време ќе му биде издаден новиот пасош, дополнително ќе собере пари и во почетокот на декември ќе се врати во Дамаск, од каде што ќе го продолжи патувањето преку Јордан, Ирак... до Кина. Целата сторија објавена денеска во „Дневник“

Настани

Синоќа во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена четвртата самостојна изложба на икони на Орде Стамболџиески, додека во градската библиотека „Борка Талески“ беше промовирана збирката поезија на младиот прилепски артист Игор Трпчески.
Вечерва во 19.30 часот Центарот за култура во соработка со прилепскиот народен театар ќе ја прикажуваат монодрамата „Филип II“ во изведба на Петар Темелкоски.
Планинарското-спортско друштво „Козјак“ од нашиот град во недела организира марш на релација: с.Богомила-превој тунел-манастир Св.Петка-с.Гостиражни. Собирањето и тргнувањето е во 08.00 часот од железничката станица.

петок, 9 ноември 2007

Станојоски испушти златен медал

Нашиот велемајстор Звонко Станојоски беше блиску до освојување на златен медал на европското првенство во шах во Грција. Тој освои 4,5 поени од 7 партии и беше нашиот најуспешен шахист. Со евентуална победа место ремито против Радослав Војташек во мечот од последното коло со Полска, Станојоски ќе се закитеше со златниот медал, а ако не играше, ќе имаше обезбедено бронза. Но, воден од двете победи во низа над Србинот Никола Седлак и над Гркот Јоанис Папајоану), првакот на Македонија реши да им помогне на колегите од националниот тим против Полјаците, иако тоа го чинеше медал. Македонија го освои 17-тото место, што е одличен успех.

Тутунски Комбинат-Пролет 29:26
Екипата на Тутунски Комбинат за четири дена стаса до две победи во првенството, овој пат совладувајќи го пред своите гледачи Т. Пролет од Скопје со 29:26. Викендов тутунарите гостуваат во Ресен на екипата на Преспа.

четврток, 8 ноември 2007

Маестро Трпчески во Прилеп

Нашиот најреномиран пијанист Симон Трпчески, на 5-ти Декември по втор пат ќе настапи во Прилеп како дел од мини турнејата низ Македонија. Турнејата има хуманитарен карактер на која ќе свири композиции од Скријабин, Шопен, Брамс и две дела од Дебиси, кои ќе бидат прв пат изведени во Македонија. Освен во Прилеп свои концерти ќе има и во Гевгелија и Струмица. Еве што вели самиот Трпчески за оваа турнеја:
- Одамна ми е желба да свирам во секој град каде што има барем минимални услови. Програмата ќе биде пресек на длабоки чувства. Секое дело зборува за љубовта кон различни субјекти. Намерно ги избрав така, зашто љубовта е главен двигател на човекот. Се решив за овие дела зашто во нив има многу драма, што е обележје на нашиот менталитет и мислам дека треба да се негува. Драго ми е што ќе настапам во внатрешноста на нашата земја, зашто и таму има големи почитувачи на класичната музика.
Трпчески наскоро ќе замине во Англија, каде што треба да сними ново цеде, за ЕМИ, во која ќе влезе и „Пајдушко“ на Живојин Глушиќ, кој според нашиот виртуоз, е најизведуваниот македонски композитор надвор од земјава. Ќе следуваат концерти во Брисел, Хамбург, четири концерти во Англија, Малезија, Сингапур. До крајот на годината, ќе настапи со Филаделфискиот симфониски оркестар.

среда, 7 ноември 2007

„Infest“ од Србија во Прилеп

На 18.11. (недела) во „Апореа“ свој концерт ќе одржи thrash-metal составот „Infest“ од Јагодина, Србија. Тие во Прилеп ќе го промовираат својот прв албум „Anger will remain“ издаден оваа година. Освен нив како бенд за поддршка ќе свират и „Skullcrush“ од Битола. Ова е некоја мини турнеја на „Infest“ низ Македонија каде освен во Прилеп ќе настапат и во Скопје во клубот „Кастро“. На свирката ќе можат да се купат и рекламни материјали од нив по пристапни цени: ЦД-200 ден, маица-300 ден, мал прешивач-60 ден и грбен прешивач-200 денари. Влезот е само 50 денари. Еве и неколку песни за преземање од нивниот албум:

вторник, 6 ноември 2007

Златна плакета за Влатко Стефановски

По повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп, беа одржани бројни манифестации и доделување на дипломи и плакети. Највисоката награда, златната плакета за животно дело ја доби нашиот најдобар гитарист, член на култната група „Леб и Сол“, Влатко Стефановски. На свеченоста освен Стефановски со своја изведба настапи и мандолинскиот оркестар при МКЦ.
Претходно беше пуштено во употреба ново спортско игралиште во населбата „Рид“, а беше поставен и камен темелникот за трета лента од патниот правец Прилеп - Скопје (кај Плетвар) во должина од 10 километри.

понеделник, 5 ноември 2007

Успешен викенд

Победа-Македонија ЃП 4:1
Фудбалерите на Победа после подолго време забележаа победа, совладувајќи го гостинот од Скопје со убедливи 4:1. Головите ги постигнаа Мегленски 27' (пенал), Ѓоровиќ 50', 81' и Итуа 55'. Следното коло гостуваме во Куманово против Башкими.

Тутунски Комбинат-ВВ Тиквеш 27:23
Конечно ракометарите на Тутунски Комбинат ја забележаа првата победа оваа година совладувајќи ја екипата на Винарска Визба Тиквеш од Кавадарци. Да се надеваме дека ова е почеток на една успешна серија на прилепските ракометари и пробивање на средината од табелата.

11 Oктомври-Струмица 3:2
Одбојкарите на 11 Октомври со пресврт ги победија гостинските одбојкари со 3:2 (25-21, 16-25, 19-25, 27-25, 15-13). Гостите имаа приговори кон судиите но се чини дека нашите играчи заслужено го добија овој дуел.

ЕП во Шах
Звонко Станојоски продолжува со добрите игри и во досегашниот тек има освоено 3 поени од 5 натпревари и е без пораз. Тој освои цел поен на четвртата табла во дуелот против репрезентацијата на Србија што беше клучно за победата над оваа шаховска репрезентација.

петок, 2 ноември 2007

„Морталити“ свират во Скопје

Прилепскиот melodic-death состав „Морталити“ ќе свират утре во клубот „Кастро“ како дел од роденденската свирка на македонските метал форуми кои слават 5 години. Еве ја најавата за нив на истиот форум:
„Mortality, или македонските Hipocrisy како што ги нарекуваат, е бенд од Прилеп кој постои веќе неколку години. Уште во почетокот се ориентираа кон death-metal-от, отпрвин фавиоризирајќи го поцврстиот звук, за подоцна да се насочат кон помелодичните води на овој жанр. Mortality влегоа во финалето на минатогодишниот Рок фест, а имаа и забележителен настап заедно со Dedicated for Life, Victim Yield, Held so Dear во ноември минатата година. Оваа година Mortality, заедно со Mark of Cain од Канада издадоа сплит-издание (веќе распродадено кај нас, се работи на нов тираж) во кој се поместени пет песни. Иако во меѓувреме, дел од членовите на бендот се вклучија и во други бендови (Dedicated for Life и Maras), истите се определени Mortality, со својот карактеристичен звук и моќен вокал да продолжи да ја збогатува македонската метал сцена.“

Членови на Mortality се:
Бобан Петрески – гитара/вокали
Горјан Василески – бас
Драган Талески – тапани

Арт картички од средновековен Прилеп

Во издание на центарот за визуелна уметност „Визант“ од Прилеп, се отпечатени осум од планираните 24 арт картички за промоција на културното наследство на средновековен Прилеп. „За почеток требаше да се дојде до неколку тешко пристапни места низ Мариово, далеку од цивилизацијата, па постепено да се истражува. Посебен аспект ставивме врз византискиот средновековен фреско-живопис, црвата Св.Никола - Мариово, низ Зрзе и „Св. Никола“ во Варош“, вели уметникот Златко Крстевски, чија иницијатива е проектот. Тој е автор и на фотографиите и дизајнот на картичките за промоција на средновековен Прилеп.
Тој открива и дека картичките ќе бидат промовирани и во „Галерија 21 век“ во Москва - Русија, во рамките на меѓународен уметнички фестивал.

четврток, 1 ноември 2007

Утре премиера на „Светилникот“

Вечерва прилепскиот народен театар ќе ја изведе претпремиерата на театарската претстава „Светилникот“ работена според романот „Железниот светилник“ на Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски, додека премиерата е закажана за утре во 19.30 часот. Ова ќе биде прво претставување во Македонија на контраверзниот писател, инаку роден прилепчанец Талев. Според режисерот Цветановски, на сцената ќе бидат пренесени духот на авторот и духот на стариот Прилеп, на старите градски семејства, занаети и на старата прилепска чаршија преку приказната за едно семејство.
За подготовката на проектот, чиј буџет далеку ги надмина средствата и стигна до еден и пол милион денари, екипата од 60-ина луѓе користеше стари предмети и фотографии од познати прилепски семејства, а кај занаетчиите се снимени сцени и дијалози. Во фоајето на театарот ќе биде поставена изложба на графики од познатот прилепски сликар Аче, а снимена анкета ќе говори кој е всушност Димитар Талев.
За претставата, драматизацијата на романот на Талев „Железниот светилник“ ја направи Трајче Крстески, музиката е на Оливер Јосифовски, костимите на Благој Мицевски, сценографијата на Владо Ќоревски, а покрај целата актерска екипа на прилепскиот театар, гости актери се Владо Јовановски и Александра Пешевска.
Утрински Весник за „Светилникот“

среда, 31 октомври 2007

Изложба на дела од Борко Лазески

По повод девет годишнината од смртта на академскиот сликар Борко Лазески во неговиот роден град Прилеп, Друштвото за наука и уметност, Музејот и градската библиотека одржаа час за животот и делото на истакнатиот македонски уметник и педагог, а во галеријата од домот на културата „Марко Цепенков“ е отворена изложба со дела на Лазески.
- Ликовниот опус на Лазески содржи иновациски транзиции во рамките на македонската современа ликовна уметност. Тој е од оние десетмина кои кај нас успеаја да ја задржат модернистичката линија препознатлива како уметност по 1945-тата година, рече Марика Бочварова Плавевска, од Музејот на современата уметност од Скопје.
Деклариран монументалист, односно муралист, Лазески наслика многу мурали, пред се со тематика од Народноослободителната борба на повеќе јавни објекти во Македонија. Муралите ги има во прилепскиот Дом на културата и во Музејот „11 Октомври“. Негово дело се и витражите во Македониумот во Крушево.
- За татко ми предизвик беше да го облагороди Ѕидот. Тој тоа постојано го правеше со нескриена инспирација, вели ќерката на уметникот Росица Лазеска.
На изложбата во Галеријата во прилепскиот Дом на културата се изложени и дела на Лазески кои јавноста прв пат ги виде, меѓу кои портрет на Драги Пепељугоски и циклусот цртежи насловен „Митрашинци“ донесен од неговото ателје.
Извор: МИА

вторник, 30 октомври 2007

Гостување на Македонската опера и балет

Во четврток, 01.11 во Центарот за Култура „Марко Цепенков“ гостува Македонската опера и балет. Под диригентската палка на Бисера Чадловска ќе настапат повеќемина солисти кои ќе и приредат на публиката несекојдневна можност да ужива во нивната музика. Почетокот е во 20.00 часот, а влезот е бесплатен.

понеделник, 29 октомври 2007

11 Октомври-Сеат Нефелс 0:3

И во реваншот од одбојкаркиот ЦЕВ куп, прилепскиот тим беше максимално поразен од швајцарскиот претставник со 0:3 (15:25, 15:25 и 17:25). Дебито на меѓународна сцена помина без ниеден освоен сет и со неочекувана слаба игра. Тие заедно со вториот претставник од Македонија, Работнички кој исто така беше елиминиран од овај куп ќе продолжат во Челенџ Купот. На неколку дена пред натпреварот дојде до смена и на тренерската позиција. Досегашниот тренер Дејан Димоски поради приватни причини го напушти кормилото, а на негово место дојде помошниот тренер Марјан Басароски
Серијата слаби резултати ја продолжија и фудбалерите на Победа кои повторно беа поразени во дербито против Работнички со 4:2. Головите за црвено-белите ги постигнаа Алмеида и Ѓоровиќ. Тежок натпревар претстои и идниот викенд кога во Прилеп ќе гостува екипата на Македонија Ѓорче Петров која исто така постигнува разочарувачки резултати.
Прилепскиот велемајстор Звонко Станојоски е дел од македонската шаховска репрезентација која настапува на европското првенство. Тој во својот прв настап вчера се избори за реми.
Фудбалерите на австрискиот Матерсбург Гоце Седлоски и Илчо Наумоски постигнаа по еден гол во победата на нивниот тим против екипата на Пашинг од 5:2. Со тоа продолжуваат добрите игри на прилепските фудбалски гастербајтери надвор од нашата земја.

недела, 28 октомври 2007

Концерт на Јасмина Трајческа

Вечерва во Центарот за Култура „Марко Цепенков“, свој концерт ќе има пијанистката Јасмина Трајческа која е студент во класата на професорот Валериј Стефановски. Таа ќе изведе дела од Шостакович и Барток. Почетокот е во 20.00 часот

понеделник, 22 октомври 2007

Сеат Волеј - 11 Октомври 3:0

Во првиот настап на евро сцената т.е. во ЦЕВ купот, одбојкарите на 11 Октомври загубија во Швајцарија од Сеат Волеј со максимални 3:0 (25:21, 25:13 и 25:21). Реваншот се игра следниов викенд во Универзалната сала.
Ново срамно издание на фудбалерите на Победа кои во Куманово загубија од домашниот тим на Милано со убедливи 4:0. На следниот натпревар гостуваат во Скопје против екипата на Работнички.

четврток, 18 октомври 2007

Уредување во центарот

Проектот за партерно уредување во центарот на градот кое што е во тек:

вторник, 16 октомври 2007

М.Јованоски победи на Светскиот куп во Перник

Прилепскиот параглајдерист Мартин Јованоски, член на ПК Делта го освои првото место на Светскиот куп кој што се одржа во Перник, Бугарија. Тој победи во дисциплината „прецизно слетување на цел“ во конкуренција на 58 натпреварувачи од 10 земји. Претходно освои бронзен медал на светското првенство во Литванија. 17-годишниот Јованоски се наоѓа на одличното четврто место во генералниот пласман на ФАИ и тоа во конкуренција за сениори.
Ракометниот клуб Тутунски Комбинат загуби минимално на гостувањето во Битола од Пелистер со 32:31.
Викендов се одржа и меѓународниот турнир во стрелаштво „11 Октомври“. Членовите на Херој Прилеп не триумфираа во ниту една дисциплина иако освои повеќе втори и трети места. Сето тоа како резултат на поделеноста во стрелачкиот сојуз и отсуството од квалитетните натпреварувања.


понеделник, 15 октомври 2007

Промоција на книга

Утре, 16.10 во 19.00 часот во Градската Библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе се одржи промоцијата на поетската книга „Остави ја тагата“ од Менче Настоска Кадинец. Промотори на книгата ќе бидат Мирјанка Р.Селчанец и Сузана Горгиоска.
Во среда, 17.10 во 19.00 часот ќе се одржи годишниот концерт на октетот „Прилеп“. Гости на концертот се Ванчо Петрушевски, Анета Ефтимова и Илија Бошкоски-Чоки. Влезот е бесплатен.

Заштитете ја околината!

Денеска е т.н. Blog Action Day кога илјадници блогови од целиот свет ќе постираат написи за заштита на околината во обид да ја подигнат свеста кај читателите. Од тука и апелот на Prilep Online, ЧУВАЈТЕ ЈА ОКОЛИНАТА! Не фрлајте ѓубре на сите страни, не ги уништувајте зелените површини, не сечете дрвја, не трошете ја чистата вода залудно, штедете ја струјата, јадете здрава храна...впрочем не треба некој да Ви кажува што треба да правите. Разбудете ја свеста во себе!

недела, 14 октомври 2007

Елена Петреска 4-та на „Макфест“

На годинашното издание од поп фестивалот „Макфест“ кој што се одржа викендов во Штип, Елена Петреска се пласираше на четвртото место со песната „Кој знае“. Победник на 22-то издание на нашиот најреномиран фестивал беше дуото Ристо Самарџиев и Ирена Крстевска пред Дани и Елвир Мекиќ.






сабота, 13 октомври 2007

Бесплатна обука за „Дигитален клуб“

Во градската библиотека „Борка Талески“ можете да се пријавите за бесплатна обука за користење на компјутер во рамките на новоотворениот „Дигитален Клуб“ т.е. електронската читална. Предвидено е со обуката да бидат опфатени оперативниот систем Ubuntu, канцеларискиот пакет Open Office и интернет прелистувачот Mozilla Firefox. Термините ќе бидат дополнително определени.
Електронската читална беше промовирана во средата. Целокупниот фонд на книги, списанија и стручна литература што ги поседува библиотеката ќе бидат достапни по електронски пат. Е-читалната е проект на фондацијата „Метаморфозис“, Градската библиотека, општина Прилеп и фондацијата за ИТ-ИТЦ Прилеп.

Изложби

Во ликовната галерија на Центарот за Култура „Марко Цепенков“ е поставена изложбата на фотографии од Марек Лабно - „Игра со темни-светли нијанси“, додека во галеријата на градската библиотека „Борка Талевски“ се поставени слики од ликовните уметници Борислав Талевски и Георги Дисановски-Дисан.

петок, 12 октомври 2007

„Ѕвездички“ 2007

Од денеска до недела во Центарот за Култура „Марко Цепенков“ по седми пат ќе се одржи традиционалниот детски интернационален фестивал „Ѕвездички“ 2007 на кој ќе настапат голем број на деца од повеќе земји. Сите фестивалски вечери започнуваат во 19.00 часот. Доколку ве интересира историјата и организацијата на фестивалот посетете ја официјалната веб страна на фестивалот.

Победа-Шкендија 1:1

Екипата на Победа им приреди уште едно непријатно изненадување на своите симпатизери. На домашен терен ремизираше со екипата на Шкендија од Тетово, играјќи само 1:1. Поведоа домашните фудбалери со голот на Ѓоровиќ во 39 минута, а гостите израмнија во 47 минута со голот од пенал на Делиоски. Во продолжението на натпреварот иницијативата ја имаа фудбалерите на Победа, но сепак тие не успеаја да ја валоризираат теренската надмоќност и да забележат победа над последнопласираната екипа. На крајот, со право се појавија и сомнежи за регуларноста на натпреварот. Следниот натпревар е во Куманово против екипата на Милано на 21 Октомври.
Во пријателски натпревар, одбојкарскиот клуб 11 Октомври беше поразен од шампионот Работнички Фершпед со 0:3 во сетови. Сосема заслужена победа на подобриот и поискусен тим.

четврток, 11 октомври 2007

Бесплатна претстава во Недела

Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во недела 14.10 бесплатно ќе ја прикажува претставата „Натемаго“ во чест на националниот празник „11 Октомври“. Почетокот е во 19.30 часот, а влезници ќе можат да се подигнат два часа пред почетокот на билетарницата од театарот. Едно лице смее да подигне најмногу четири влезници.
Со истата претстава следниот ден, театарот ќе учествува на деновите на комедијата во Куманово.

вторник, 9 октомври 2007

Фоторепортажа-Паркот на револуцијата

Во паркот на револуцијата, интензивно се работи на негово реновирање и изградба на нови објекти. Во продолжение следи една мини фоторепортажа од таму.

Овде ќе има нешто како езерце

Тука се планирани терени за тенис, баскет и одбојка на плажа

Овде ќе бидат ракометното и фудбалското игралиште „Крал Марко“ каде се планира изградба и на трибина


Трим патеките

понеделник, 8 октомври 2007

Напредок-Победа 1:1

Екипата на Победа продолжува со слабите резултати откако вчера играше само 1:1 со кичевски Напредок. Домаќините поведоа во 11 минута со голот од пенал на Нически, а израмни Ѓорович во 87 минута. Истиот фудбалер испушти шанса на минута пред крајот кога од 3-4 метри не го погоди голот на домашниот голман. Нашата екипа имаше уште една голема шанса во првото полувреме кога беше погодена пречката од голот. Во среда играме со тетовска Шкендија во Прилеп.
Денеска во нашиот град ќе биде поставен камен темелник на новото фудбалско игралиште „Крал Марко“. Игралиштето е дел од проектот на Владата на Република Македонија за изградба на 50 фудбалски терени. На отворањето ќе присуствува и премиерот Никола Груевски.

петок, 5 октомври 2007

Турнир во одбојка

5Викендов во сабота и недела во спортската сала на Тутунскиот Комбинат по втор пат ќе се одржи меѓународниот одбојкарски турнир. Учество ќе земат четири екипи: Македонија Џио од Струмица, Динамо Тирана од Албанија, Приштина од Косово и домашниот тим на 11 Октомври. Турнирот е во чест на националниот празник 11 Октомври, но поради почетокот на домашното првенство се игра нешто порано. Ова ќе биде и генерална проверка на прилепската екипа пред првиот настап во европските купови.

четврток, 4 октомври 2007

Интервју со Дејви Спиркоски (Македонски Синови)

Дали сте задоволни како помина вашиот прв албум „Ритамот под кулите“?
Беа испечатени 1000 примероци од албумот при што на самата промоција беа продадени 500, а потоа уште стотина други. Останатите ги дадовме бесплатно. Инаку албумот помина одлично, прифатен е како во нашиот град така и во останатите градови особено во Скопје и Охрид.

Кои се автори на албумот?
Текстовите се мои, а музиката е наша со голема помош на нашиот продуцент Дејан Момироски од „
XL“ студиото во Прилеп.

Кои теми најчесто ги обработувате во песните?

Пред се општествени теми, нашето секојдневие, интересни случки, патриотизмот кон градот и државата и се разбира љубовта и сексот.

Често во песните критикувате разни личности. Дали досега имало реакција од некој?

Директни реакции немало, но индиректно до нас допираат некој реагирања. Сепак, тоа не значи дека ќе прекинеме да критикуваме се што не е добро, но и да пофалуваме.


Зошто баш песна против педерите?

Ова прашање му го посветувам на Трифун Костовски кој свечено ја пресече црвената лента на геј клубот во Скопје, а кога би ме прашал Чомовски него би го побијал со Адам и Ева. Како демохристијанец не ги поддржувам педерите.


Каде се имавте настапи?

Во Крушево за националниот празник Илинден, во Охрид и повеќе пати во Прилеп.


Освен музиката што правите друго во слободно време?

Освен со рап музиката се занимаваме со секојдневното досадие т.е. најчесто времето го поминуваме во нашиот кафич „Култ“. Секоја недела играме фудбал кој не останува без вообичаените расправии.

Како поранешен водач на „Мајмуни“ што мислиш за моменталната ситуација на македонската навивачка сцена?
Нашата навивачка сцена е со спуштени завеси и е далеку од некое европско ниво. Таа е со посткомунистички, стари навивања кои се користеа во деведесеттите. Конкретно за „Мајмуни“, се во голем пад иако среќен сум што не е целосно замрена традицијата за навивање во Прилеп. За тоа не
обвинувам никој, едноставно потребни се големи промени во навивањето како во Прилеп така и во Македонија.

Кои се идните планови на „Македонски синови“?
При крај е спотот за песната „Притвор за педерите“, а после нова година влегуваме во студио да го снимаме нашиот втор албум. Во меѓувреме ќе има и доста настапи.


Порака за крај?

Им порачувам на читателите на
„Prilep Online“ што и да прават, да го прават тоа со чиста совест и без да бидат стимулирани од било какви опојни дроги.

среда, 3 октомври 2007

Филмот „Зрели жени“ во петок

Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 05 Октомври ќе се прикажува белгискиот игран филм „Зрели жени“ во режија на Сесил Телерман . Проекцијата започнува во 21.00 часот на сцената 105, втор кат на Центарот за Култура „Марко Цепенков“.

вторник, 2 октомври 2007

Од чоек на чоек


Ц.А.Ц.И.Б.-Прилеп 2007

Во недела, 7-ми Октомври на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ ќе се одржи меѓународната изложба на кучиња Ц.А.Ц.И.Б-Прилеп 2007 во организација на истоименото кинелошко друштво од Прилеп. Судии ќе бидат: Сашо Пешев, Зоран Чурчиќ, Људмила Честјакова, Ванчо Димитриоски и Стефан Попов. Почетокот е во 09.00 часот, а влезот е 50 денари.

понеделник, 1 октомври 2007

Спортски резултати

Победа-Силекс 1:0
Екипата на Победа издвојува минимален триумф над гостите од Кратово. Единствениот гол го постигна Благојче Гешоски во 21 минута. Со 13 бодови сега сме на четвртото место на прволигашката табела. Наредната недела играме во Кичево против екипата на Напредок.

Тутунски Комбинат-Преспа 31:31
Во првиот натпревар на домашен терен, ракометарите на Тутунски се поразени минимално од Преспа. Ресенчани победничкиот гол го постигнаа во последните секунди, а се случи и мал инцидент кога беа нападнати судиите од страна на публиката која не беше задоволна од судењето.

11 Октомври-Студенти 2:3, Струмица-11 Октомври 0:3
Во пријателски натпревар, деветкратниот првак на Албанија, екипата на Студенти од Тирана беше подобра од нашите одбојкари. Викендов 11 Октомври одигра уште еден пријателски натпревар во Струмица каде со 3:0 го совлада домашниот тим.

Бронза за Ристески

Прилепскиот кик-боксер Иле Ристески го освои бронзениот медал на светското првенство кое се одржа во Белград во дисциплината таи кик бокс или попозната како К1. Тој во борбата за пласман во финалето беше поразен од францускиот натпреварувач М.Камел. Претходно во 1/4 финалето го победи Русинот Дмитри Шуткин.

Младинците на „3 Ноември“ најдобри во Купот на Македонија
Викендов во Скопје се одржа финалето од Купот на Македонија за младици и младинки во атлетика. Во севкупен пласман нашите атлетичари се пласираа на првото место. Во штафетна трка 100х200х300х400 метри атлетичарките на „3 Ноември“ од Прилеп поставија нов младински и сениорски рекорд со време од 2:29,43 мин. Треба да се напомене дека претходно атлетичарите на „3 Ноември“ беа севкупни победници и во сениорска категорија.

сабота, 29 септември 2007

Лузер Фест и во Прилеп

Традиционалниот Лузер Фест, кој што се одржува секоја година како најава за Таксират, од оваа година ќе има три вечери во три градови низ Македонија, Прилеп, Штип и Скопје, соопштуваат од Литиум Рекордс. Во Прилеп ќе се одржи на 29.11 во Домот на АРМ. Ќе учествуваат 8 млади бендови од целиот Балкан. Најдобриот бенд од трите вечери ќе добие снимање и издавање на албум за Литиум Рекордс. Пријавувањето за Лузер фестот е сеуште во тек, па кој е заинтересиран може да испрати свои снимки.

петок, 28 септември 2007

Викенд предлози

Викендов во нашиот град има доста случувања од културниот, забавниот и спортскиот живот. Еве неколку мои предлози каде да го помините викендот и да го разбиете секојдневното сивило.
28.09 Центар за Култура - „Тајната Книга“...види подолу поопширно
29.09 Центар за Култура - Концерт на пијано дуо Билјана Петровска и Маја Поповиќ. На програмата се дела од Моцарт, Шмит, Гершвин, Григ и Пиацола. Почетокот е во 20.00 часот.
30.09 Центар за Култура - Пијано концерт на Филип Пеоски. Ќе настапи со дела од Шопен, Шуман, Бетовен и Менделсон. Почеток во 20.00 часот.
30.09 Апореа - Decadence. За крај на викендот свирка во рок кафичот „Апореа“ на струшката прогресив метал група „Decadence“. Составени се од: Сашко Бранковски-гитара (најталентираниот македонски млад гитарист), Ивана Балоска-гитара, Влатко Крстески-бас и Стефан Голабоски-тапани. Навистина ми е жал што нема да бидам во Прилеп за да го проследам овај концерт бидејќи не се сомневам дека ќе биде лудница.
Сепак, за кои настани и да се одлучите овај викенд нема да зажалите.

четврток, 27 септември 2007

Ало! „Водовод и Канализација“?


среда, 26 септември 2007

„Тајната книга“ во петок

Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 28 Септември ќе се прикажува филмот „Тајната книга“ кој што е во македонско-француска копродукција. Ова е еден од нашите најнови филмови кој беше во најтесна конкуренција за македонски претставник за „Оскар“. Сценариото е на братското трио Јордан Плевнеш, Владо Цветановски и Љубе Цветановски. Режисер е Љубе Цветановски, а продуцент Димитар Николов. Учествуваат најеминентните македонски актери: Лабина Митевска, Владо Јовановски, Мето Јовановски, Ѓорѓи Јолевски, Кирил Ристески, Петар Мирчески, Јоана Поповска, Арна Шијак итн. како и двајца странски актери. Проекцијата започнува во 21.00 часот на сцената 105, втор кат на Центарот за Култура „Марко Цепенков“.

Al & The Black Cats на 11 Октомври во Прилеп

На 11 Октомври во Домот на АРМ ќе настапи американската punk/rockabilly/psychobilly група Al & The Black Cats. Тие доаѓаат од малото место Lowell, Michigan и се под влијание на Brian Setzer и Stray Cats како и на целото rockabilly движење во 50-тите и 60-тите. Имаат издадено два студиски албуми и моментално се наоѓаат на европска турнеја. Бендот го сочинуваат: Tony Cozzaglio (20) гитара и придружен вокал, Hugh Skiffinghton (21) стоечки тапани и придружен вокал и Eric Soules (23) стоечки бас и главен вокал. Во Македонија, освен во Прилеп ќе свират и во Скопје, Битола и Штип.
Официјалната веб страна , My Space

вторник, 25 септември 2007

Златко Крстески на фестивал во Германија

Прилепскиот уметник Златко Крстески учествува на меѓународната изложба на современа ликовна уметност во Културниот Центар „БУЗ“-Минхен Германија (17.08-15.10.2007). На изложбата учествуваат 24 земји меѓу кои и: САД, Франција, Русија, Германија, Бразил, Норвешка и тн. Македонија е претставена преку сликата „Македонска ентропија“ која е инспирирана од политичкото секојдневие, преживувањето на македонскиот народ и губењето на идентитетот изразено преку ентропискиот ембрион.

понеделник, 24 септември 2007

Пелистер - Победа 1:1

Пелагониското фудбалско дерби помеѓу екипите на Победа и Пелистер заврши нерешено 1:1. Поведоа домаќините во 19 минута со голот на Џуниор, а екипата на Победа израмни во 86 минута преку Марјан Нацев. Според информациите двете екипи прикажале слаба игра и не ја задоволиле четириилјадната публика од кои стотина беа од навивачката група „Мајмуни“. Сега Победа е на шестата позиција со 10 бодови. Во следното коло се среќаваме се Силекс од Кратово на домашен терен.
Неуспешен старт на новата сезона имаше ракометната екипа на Тутунски Комбинат која загуби на гостувањето во салата „Расадник“ од новиот суперлигаш Пролет со 23:25.

Изложба на Наташа Андреска

Во ликовната галерија на Центарот за Култура „Марко Цепенков“ е поставена изложба на сликарката Наташа Андреска и сите љубители на ликовната уметност ќе можат да се запознаат со нејзината творечка дејност. Изложени се петнаесетина дела работени во повеќе техники.

сабота, 22 септември 2007

Откопан Стоунхенџ во прилепско Бонче

Стоунхенџ во Македонија е првиот впечаток што се добива кога ќе ја видите чудната гробница што археолозите веќе месец и половина ја „откриваат“ од цврстите канџи на земјата. Тие велат дека е единствена во светот и дека во неа бил погребан некој од македонските кралеви. Била ограбена уште во антиката, но научниците веруваат дека еден дел од гробницата со векови одолевал на алчните раце на трагачите по неоткриени богатства. Археолозите сметаат дека една комора е сочувана уште од 4 век пред новата ера, кога во монументалното здание бил погребан висок достоинственик за кого била изградена гробницата. Сепак, додаваат тие, и да е празна комората, доволно е што откривме објект единствен во светот - македонски тип гробница, заокружена со прстен од масивни камени блокови.
Прочитајте ги сториите на „Дневник“
Текст 1
Текст 2

Рецитал

Во недела на 23.09 во домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи рецитал на кој ќе настапат: Софија Никоска на виолина, Христина Никоска на пијано и Марија Вршкова како пијано придружба. На програмата ќе бидат дела на Паганини, Шуман, Григ и Тартини. Почетокот е во 20.00 часот

Гостување во Битола

Навивачката група „Мајмуни“ организира превоз на пелагониското фудбалско дерби помеѓу Пелистер и Победа во Битола. Тргнувањето е во недела 23.09 во 13.00 часот пред реклами. Натпреварот започнува во 15.30 часот на стадионот „Под тумбе кафе“.

понеделник, 17 септември 2007

Победа - Вардар 0:0

Фудбалерите на Победа играа само 0:0 со екипата на Вардар во дерби натпреварот од шестото коло на првата македонска фудбалска лига. Иако ниту Вардар не беше без шанси, сепак нашите фудбалери доминираа во текот на целиот натпревар контролирајќи ја играта на средината од теренот. Неснаодливоста на напаѓачите беше причина за уште еден нерешен резултат оваа сезона, во која работите не одат според планот. Следното коло е пелагониското дерби со Пелистер во Битола. Не треба да се спомнува дека ќе биде навистина тешко „Под тумбе кафе" но од Победа се очекуваат три бодови без разлика кој е противникот.

петок, 14 септември 2007

Затворен базен во Прилеп?

Агенцијата за млади и спорт во соработка со Владата на Република Македонија ќе градат седум затворени базени низ целата држава. За жал во моментов Прилеп не е предвиден како град каде што ќе се гради ваков базен. Скопје, Куманово, Битола, Охрид, Тетово, Штип и Струмица се градовите кои што ќе добијат базени. Според одговорот што го добив од директорот на агенцијата во моментов постои барање за преиспитување на оваа одлука на владата по барање на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Сите љубители на пливањето во нашиот град очекуваат одлуката да биде променета и конечно да добијаме затворен базен кој е неостварена желба долги години не само на пливачкиот клуб „Маркови Кули“ туку и на голем број рекреативци. Причините зошто е потребен овај базен не треба да се бараат многу длабоко. Доста е тоа што Прилеп е еден од поголемите градови во Македонија, има голем број на ученици и студенти, голем број на спортисти и спортски клубови, постоење на пливачки клуб и голем број на рекреативци кои се желни за ваков пбјект. Не сакам да правам споредба со оние градови каде е предвидено да се градат затворените базени но повеќе од половината немаат ниту пливачки клуб. Да се надеваме дека оваа неправда во најскоро ќе биде исправена и Прилеп ќе го добија заслужениот затворен базен.

среда, 12 септември 2007

Ден на слободниот софтвер во Прилеп

На 15 Септември (сабота) е светскиот Ден на слободен софтвер што ќе биде прославен и во Прилеп. Организаторот - ЛугоП најави дека на плоштадот „Александрија“ ќе биде изградена т.н. „слободна соба“ каде што сите заинтересирани ќе можат да пробаат слободен софтвер и оперативни системи, а доколку го донесат и својот компјутер ќе може да им биде инсталирана некоја дистрибуција на Linux. Исто така ќе се одржи и работилница за програмирање каде во фокусот ќе бидат Python, PHP и HTML,а ќе бидат прикажувани и филмови кои што се однесуваат на слободниот софтвер како што е „Revolution OS“. Еден дел од одбележувањето ќе се одржи и во Фондацијата за информатичка технологија каде што ќе се направат презентации за слободен софтвер, лиценцирање на слободен софтвер, GNU/Linux и сл.

вторник, 11 септември 2007

Шпанскиот филм „Патот за Обаба“ во петок

Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 14 Септември ќе се прикажува шпанскиот филм „Патот за Обаба“. Филмот кој што е во режија на Монцо Армендарис беше кандидат за Оскар во 2006 година. Проекцијата ќе биде на сцената 105, втор кат од центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 21.00 часот. Влезот е слободен

понеделник, 10 септември 2007

Мартиноски поразен во четврт-финалето

Младиот прилепски тенисер Илија Мартиноски беше поразен во четврт-финалето на турнир во главниот град на Бугарија, Софија вреден 10.000 долари. Мартиноски со 2:1 во сетови загуби од домашниот тенисер Тодор Енев кој е 396 на АТП листата за разлика од нашиот тенисер кој е на 1248 место. Во првите две кола Мартиноски забележа победи над Јапонецот Такахиро Итоги и Шпанецот Игнасио Кољ-Рјудавец со максимални 2:0 во сетови.

недела, 9 септември 2007

Хумор

сабота, 8 септември 2007

Ќе се уредува „Паркот на револуцијата“

Денеска свечено е одбележан почетокот на проектот за уредување на „Могилата“ т.е. „Паркот на револуцијата“. Целиот проект чини 120.000 евра од кои 80.000 евра се донација на швајцарската агенција за развој, а останатите се од локалната самоуправа. Со проектот се предвидува паркот да биде уреден, осветлен, да добие спортски терени и чуварска служба. Работите ќе ги изведува ЈП „Комуналец“. Со ова се надевам дека конечно овај простор ќе го добие вниманието што го заслужува и градот ќе добие уште едно убаво место за рекреација.
Кога сме кај „Могилата“ да спомнеме дека сеуште не се пронајдени 7-те бронзени бисти на народни херои кои беа украдени пред неколку месеци од Алејата. Да се надеваме дека набрзо ќе се вратат на вистинското место.

Честит 8-ми Септември

Денеска е еден од најважните датуми во поновата Македонска историја 8-ми Септември, денот на независноста. Сигурно сите знаете за неговото значење и затоа да не ја тупам, убаво да си го прославите и Македонија да ја изненади Русија на фудбалскиот натпревар. Честит празник!

петок, 7 септември 2007

ОК 11 Октомври се подготвува за новата сезона

Одбојкарите на 11 Октомври засилено се подготвуваат пред стартот на новата сезона во која освен на домашна сцена за првпат ќе играат во европскиот ЦЕВ куп. Клубот го напуштија Катеринчо Груев и Дејан Гиновски кои се вратија во матичниот клуб Борец, а дојдоа дури пет нови одбојкари, Кристијан Ристески, Соте Најдоски и Никола Алексоски од Нико Доага, Драган Тодоров од Струмица и средниот блокер Златко Богојоски од кичевска Шутова.
Подготовките стартуваа на 10 Август, а беше одигран и еден пријателски натпревар со гостите од Црна Гора-Будванска Ривиера (0:3). Во следниов период треба да се одиграат уште неколку пријателски натпревари со екипите на Нико Доага и Лирија. На 7 Октомври ќе биде организиран меѓународен турнир во Прилеп, кој го поддржа и Агенцијата за млади и спорт.
Натпреварите во ЦЕВ купот се играат на 21 и 28 Октомври а противник е екипата на Сеат Нефелс од Швајцарија.

Лугоп

Претпоставувам дека малкумина слушнале и се запознати со работата на оваа група. Лугоп (Linux User Group of Prilep) е група на корисници на GNU/Linux оперативниот систем од нашиот град, формирани на 4 Март оваа година. Членовите претежно се средношколци иако има и повозрасни корисници на Linux. Целта им е да го промовираат овој оперативен систем како и воопшто слободниот софтвер, да им овозможат нивно користење на заинтересираните корисници и меѓусебна соработка.
Досега реализирани се неколку проекти меѓу кои: „GNU/Linux во училиштата“ - кампања која е спроведена во две средни училишта во Прилеп, „GNU/Linux и НВО“ - проект кој му овозможува на сите НВО пристап до GNU/Linux и слободен софтвер, делење на бесплатни дистрибуции, презентации и слично. Следниот проект кој ќе се реализира е одбележувањето на 15 Септември - меѓународен ден на слободниот софтвер.
Просториите на Лугоп се наоѓаат на улица Кузман Јосифоски бр.118 и се отворени секој ден од 09.00-15.00 часот каде што може да се проба GNU/Linux Ubuntu 7.04, GNU/Linux Xubutnu 7.04 и друг слободен софтвер.

Technorati Tags: , , , .