недела, 27 септември 2009

Британска колекција од Музејот за современа уметност во Прилеп

Изложба на слики од британски уметници е отворена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Изложени се дела од Дејвид Хокни, Денис Бовен, Хауард Хокин, Бриџит Рајли, Питер Филипс и други, кои се дел од Британската колекција на Музејот на современата уметност во Скопје.

Ќе бидат претставени 30-ина дела работени во класични медиуми - сликарство, цртеж и графика. Изложбата ја организираат Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, Министерството за култура и МСУ во рамките на проектот „Кич, да!? Сте или не?“ Целта на проектот е да се презентира и промовира ликовната уметност и да се доближат до публиката не само врвните имиња од македонската туку и од светската ликовна уметност.

Британската колекција во МСУ има особено значење бидејќи е збирка чија висока вредност дава квалитетна карактеристика на вкупната колекција на Музејот. Создавањето на оваа збирка почнало во 1964 година благодарение на британските уметници Денис Бовен и Кенет Куц. Денес во колекцијата има 132 дела од 81 автор.

Извор: Дневник

недела, 13 септември 2009

Римски убавици ископани на Стибера

Две мермерни женски глави високи 31 сантиметар, а широки 23 сантиметри, кои датираат од четвртиот век, се пронајдени деновиве за време на археолошките истражувања на наоѓалиштето Стибера, Прилепско. Лилјана Кепеска, археологот што работи на локалитетот, вели дека откритието е доказ дека на Стибера имало живот во 4 век, што ги урива досегашните претпоставки во научниот свет според кои животот на овој античкиот град замрел во 3 век пред нашата ера. - Двете мермерни глави ги откривме во еден одводен канал. Се работи за претстави на млади жени од доброситуирани семејства. Ова, пак, е потврда дека Стибера бил град со богати економски можности, во кој жените имале значајно место - вели Кепеска, додавајќи дека локалитетот имал големо значење во македонско-хелинистичкиот и во римскиот период.
Покрај мермерните глави, археолозите откриле и епиграфски споменици, садови од керамика, како и делови од нов објект, чијашто функција се уште не може да се препознае. При годинашните ископувања на Стибера е откриен и монументален објект со полукружна апсида од римскиот период. Археолозите велат дека објектот служел за одржување обреди во чест на императорот. Во негова близина се откриени и четири фрагменти од мермерни плочи со натписи (епиграфи), кои, пак, го потврдуваат постоењето и значењето на Стибера во рамките на Римското Царство.

Извор: Време

Ранохристијанска базилика откриена во Зрзе

Ранохристијанска базилика е откриена при археолошките истражувања во манастирскиот комплекс во Зрзе. Базиликата, велат археолозите, има две етапи на живот: првата од 5 и од 6 век, а втората од 9 до 15 век. Таа е откриена на стотина метри северно од манастирот.
- Во базиликата се откриени камени пластики и натпис од петтиот век, кој дополнително ќе се испитува. Најдени се и гробници од петтиот и од шестиот век, како и од 9 до 15 век, во кои има повеќе движни наоди - вели археологот Бранислав Ристески, раководител на истражувања во локалитетот Зрзе.
Според него, овие податоци говорат дека монашката населба откриена со ланските истражувања има ранохристијански корени.
- Новите факти докажуваат дека почетоците на христијанството на овие простори се многу постари. Се потврдува дека Зрзе како локалитет има универзални вредности од аспект на историјата на религијата и на културата во пошироки рамки - вели Ристески.
Годинава беа откриени и нови испосници и уште една монашка црква, која датира од 9 до 15 век, со што е заокружен целиот монашки комплекс.
Освен базиликата, досега се најдени околу 50 монашки ќелии, црква со значаен натпис и други движни наоди, кои се значајни од археолошки, историски и од културен аспект.
Зрзе, по овие истражувања, во иднина треба да стане главна туристичка дестинација на македонскиот манастирски туризам.

Извор: Шпиц