сабота, 29 септември 2007

Лузер Фест и во Прилеп

Традиционалниот Лузер Фест, кој што се одржува секоја година како најава за Таксират, од оваа година ќе има три вечери во три градови низ Македонија, Прилеп, Штип и Скопје, соопштуваат од Литиум Рекордс. Во Прилеп ќе се одржи на 29.11 во Домот на АРМ. Ќе учествуваат 8 млади бендови од целиот Балкан. Најдобриот бенд од трите вечери ќе добие снимање и издавање на албум за Литиум Рекордс. Пријавувањето за Лузер фестот е сеуште во тек, па кој е заинтересиран може да испрати свои снимки.

петок, 28 септември 2007

Викенд предлози

Викендов во нашиот град има доста случувања од културниот, забавниот и спортскиот живот. Еве неколку мои предлози каде да го помините викендот и да го разбиете секојдневното сивило.
28.09 Центар за Култура - „Тајната Книга“...види подолу поопширно
29.09 Центар за Култура - Концерт на пијано дуо Билјана Петровска и Маја Поповиќ. На програмата се дела од Моцарт, Шмит, Гершвин, Григ и Пиацола. Почетокот е во 20.00 часот.
30.09 Центар за Култура - Пијано концерт на Филип Пеоски. Ќе настапи со дела од Шопен, Шуман, Бетовен и Менделсон. Почеток во 20.00 часот.
30.09 Апореа - Decadence. За крај на викендот свирка во рок кафичот „Апореа“ на струшката прогресив метал група „Decadence“. Составени се од: Сашко Бранковски-гитара (најталентираниот македонски млад гитарист), Ивана Балоска-гитара, Влатко Крстески-бас и Стефан Голабоски-тапани. Навистина ми е жал што нема да бидам во Прилеп за да го проследам овај концерт бидејќи не се сомневам дека ќе биде лудница.
Сепак, за кои настани и да се одлучите овај викенд нема да зажалите.

четврток, 27 септември 2007

Ало! „Водовод и Канализација“?


среда, 26 септември 2007

„Тајната книга“ во петок

Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 28 Септември ќе се прикажува филмот „Тајната книга“ кој што е во македонско-француска копродукција. Ова е еден од нашите најнови филмови кој беше во најтесна конкуренција за македонски претставник за „Оскар“. Сценариото е на братското трио Јордан Плевнеш, Владо Цветановски и Љубе Цветановски. Режисер е Љубе Цветановски, а продуцент Димитар Николов. Учествуваат најеминентните македонски актери: Лабина Митевска, Владо Јовановски, Мето Јовановски, Ѓорѓи Јолевски, Кирил Ристески, Петар Мирчески, Јоана Поповска, Арна Шијак итн. како и двајца странски актери. Проекцијата започнува во 21.00 часот на сцената 105, втор кат на Центарот за Култура „Марко Цепенков“.

Al & The Black Cats на 11 Октомври во Прилеп

На 11 Октомври во Домот на АРМ ќе настапи американската punk/rockabilly/psychobilly група Al & The Black Cats. Тие доаѓаат од малото место Lowell, Michigan и се под влијание на Brian Setzer и Stray Cats како и на целото rockabilly движење во 50-тите и 60-тите. Имаат издадено два студиски албуми и моментално се наоѓаат на европска турнеја. Бендот го сочинуваат: Tony Cozzaglio (20) гитара и придружен вокал, Hugh Skiffinghton (21) стоечки тапани и придружен вокал и Eric Soules (23) стоечки бас и главен вокал. Во Македонија, освен во Прилеп ќе свират и во Скопје, Битола и Штип.
Официјалната веб страна , My Space

вторник, 25 септември 2007

Златко Крстески на фестивал во Германија

Прилепскиот уметник Златко Крстески учествува на меѓународната изложба на современа ликовна уметност во Културниот Центар „БУЗ“-Минхен Германија (17.08-15.10.2007). На изложбата учествуваат 24 земји меѓу кои и: САД, Франција, Русија, Германија, Бразил, Норвешка и тн. Македонија е претставена преку сликата „Македонска ентропија“ која е инспирирана од политичкото секојдневие, преживувањето на македонскиот народ и губењето на идентитетот изразено преку ентропискиот ембрион.

понеделник, 24 септември 2007

Пелистер - Победа 1:1

Пелагониското фудбалско дерби помеѓу екипите на Победа и Пелистер заврши нерешено 1:1. Поведоа домаќините во 19 минута со голот на Џуниор, а екипата на Победа израмни во 86 минута преку Марјан Нацев. Според информациите двете екипи прикажале слаба игра и не ја задоволиле четириилјадната публика од кои стотина беа од навивачката група „Мајмуни“. Сега Победа е на шестата позиција со 10 бодови. Во следното коло се среќаваме се Силекс од Кратово на домашен терен.
Неуспешен старт на новата сезона имаше ракометната екипа на Тутунски Комбинат која загуби на гостувањето во салата „Расадник“ од новиот суперлигаш Пролет со 23:25.

Изложба на Наташа Андреска

Во ликовната галерија на Центарот за Култура „Марко Цепенков“ е поставена изложба на сликарката Наташа Андреска и сите љубители на ликовната уметност ќе можат да се запознаат со нејзината творечка дејност. Изложени се петнаесетина дела работени во повеќе техники.

сабота, 22 септември 2007

Откопан Стоунхенџ во прилепско Бонче

Стоунхенџ во Македонија е првиот впечаток што се добива кога ќе ја видите чудната гробница што археолозите веќе месец и половина ја „откриваат“ од цврстите канџи на земјата. Тие велат дека е единствена во светот и дека во неа бил погребан некој од македонските кралеви. Била ограбена уште во антиката, но научниците веруваат дека еден дел од гробницата со векови одолевал на алчните раце на трагачите по неоткриени богатства. Археолозите сметаат дека една комора е сочувана уште од 4 век пред новата ера, кога во монументалното здание бил погребан висок достоинственик за кого била изградена гробницата. Сепак, додаваат тие, и да е празна комората, доволно е што откривме објект единствен во светот - македонски тип гробница, заокружена со прстен од масивни камени блокови.
Прочитајте ги сториите на „Дневник“
Текст 1
Текст 2

Рецитал

Во недела на 23.09 во домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи рецитал на кој ќе настапат: Софија Никоска на виолина, Христина Никоска на пијано и Марија Вршкова како пијано придружба. На програмата ќе бидат дела на Паганини, Шуман, Григ и Тартини. Почетокот е во 20.00 часот

Гостување во Битола

Навивачката група „Мајмуни“ организира превоз на пелагониското фудбалско дерби помеѓу Пелистер и Победа во Битола. Тргнувањето е во недела 23.09 во 13.00 часот пред реклами. Натпреварот започнува во 15.30 часот на стадионот „Под тумбе кафе“.

понеделник, 17 септември 2007

Победа - Вардар 0:0

Фудбалерите на Победа играа само 0:0 со екипата на Вардар во дерби натпреварот од шестото коло на првата македонска фудбалска лига. Иако ниту Вардар не беше без шанси, сепак нашите фудбалери доминираа во текот на целиот натпревар контролирајќи ја играта на средината од теренот. Неснаодливоста на напаѓачите беше причина за уште еден нерешен резултат оваа сезона, во која работите не одат според планот. Следното коло е пелагониското дерби со Пелистер во Битола. Не треба да се спомнува дека ќе биде навистина тешко „Под тумбе кафе" но од Победа се очекуваат три бодови без разлика кој е противникот.

петок, 14 септември 2007

Затворен базен во Прилеп?

Агенцијата за млади и спорт во соработка со Владата на Република Македонија ќе градат седум затворени базени низ целата држава. За жал во моментов Прилеп не е предвиден како град каде што ќе се гради ваков базен. Скопје, Куманово, Битола, Охрид, Тетово, Штип и Струмица се градовите кои што ќе добијат базени. Според одговорот што го добив од директорот на агенцијата во моментов постои барање за преиспитување на оваа одлука на владата по барање на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Сите љубители на пливањето во нашиот град очекуваат одлуката да биде променета и конечно да добијаме затворен базен кој е неостварена желба долги години не само на пливачкиот клуб „Маркови Кули“ туку и на голем број рекреативци. Причините зошто е потребен овај базен не треба да се бараат многу длабоко. Доста е тоа што Прилеп е еден од поголемите градови во Македонија, има голем број на ученици и студенти, голем број на спортисти и спортски клубови, постоење на пливачки клуб и голем број на рекреативци кои се желни за ваков пбјект. Не сакам да правам споредба со оние градови каде е предвидено да се градат затворените базени но повеќе од половината немаат ниту пливачки клуб. Да се надеваме дека оваа неправда во најскоро ќе биде исправена и Прилеп ќе го добија заслужениот затворен базен.

среда, 12 септември 2007

Ден на слободниот софтвер во Прилеп

На 15 Септември (сабота) е светскиот Ден на слободен софтвер што ќе биде прославен и во Прилеп. Организаторот - ЛугоП најави дека на плоштадот „Александрија“ ќе биде изградена т.н. „слободна соба“ каде што сите заинтересирани ќе можат да пробаат слободен софтвер и оперативни системи, а доколку го донесат и својот компјутер ќе може да им биде инсталирана некоја дистрибуција на Linux. Исто така ќе се одржи и работилница за програмирање каде во фокусот ќе бидат Python, PHP и HTML,а ќе бидат прикажувани и филмови кои што се однесуваат на слободниот софтвер како што е „Revolution OS“. Еден дел од одбележувањето ќе се одржи и во Фондацијата за информатичка технологија каде што ќе се направат презентации за слободен софтвер, лиценцирање на слободен софтвер, GNU/Linux и сл.

вторник, 11 септември 2007

Шпанскиот филм „Патот за Обаба“ во петок

Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 14 Септември ќе се прикажува шпанскиот филм „Патот за Обаба“. Филмот кој што е во режија на Монцо Армендарис беше кандидат за Оскар во 2006 година. Проекцијата ќе биде на сцената 105, втор кат од центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 21.00 часот. Влезот е слободен

понеделник, 10 септември 2007

Мартиноски поразен во четврт-финалето

Младиот прилепски тенисер Илија Мартиноски беше поразен во четврт-финалето на турнир во главниот град на Бугарија, Софија вреден 10.000 долари. Мартиноски со 2:1 во сетови загуби од домашниот тенисер Тодор Енев кој е 396 на АТП листата за разлика од нашиот тенисер кој е на 1248 место. Во првите две кола Мартиноски забележа победи над Јапонецот Такахиро Итоги и Шпанецот Игнасио Кољ-Рјудавец со максимални 2:0 во сетови.

недела, 9 септември 2007

Хумор

сабота, 8 септември 2007

Ќе се уредува „Паркот на револуцијата“

Денеска свечено е одбележан почетокот на проектот за уредување на „Могилата“ т.е. „Паркот на револуцијата“. Целиот проект чини 120.000 евра од кои 80.000 евра се донација на швајцарската агенција за развој, а останатите се од локалната самоуправа. Со проектот се предвидува паркот да биде уреден, осветлен, да добие спортски терени и чуварска служба. Работите ќе ги изведува ЈП „Комуналец“. Со ова се надевам дека конечно овај простор ќе го добие вниманието што го заслужува и градот ќе добие уште едно убаво место за рекреација.
Кога сме кај „Могилата“ да спомнеме дека сеуште не се пронајдени 7-те бронзени бисти на народни херои кои беа украдени пред неколку месеци од Алејата. Да се надеваме дека набрзо ќе се вратат на вистинското место.

Честит 8-ми Септември

Денеска е еден од најважните датуми во поновата Македонска историја 8-ми Септември, денот на независноста. Сигурно сите знаете за неговото значење и затоа да не ја тупам, убаво да си го прославите и Македонија да ја изненади Русија на фудбалскиот натпревар. Честит празник!

петок, 7 септември 2007

ОК 11 Октомври се подготвува за новата сезона

Одбојкарите на 11 Октомври засилено се подготвуваат пред стартот на новата сезона во која освен на домашна сцена за првпат ќе играат во европскиот ЦЕВ куп. Клубот го напуштија Катеринчо Груев и Дејан Гиновски кои се вратија во матичниот клуб Борец, а дојдоа дури пет нови одбојкари, Кристијан Ристески, Соте Најдоски и Никола Алексоски од Нико Доага, Драган Тодоров од Струмица и средниот блокер Златко Богојоски од кичевска Шутова.
Подготовките стартуваа на 10 Август, а беше одигран и еден пријателски натпревар со гостите од Црна Гора-Будванска Ривиера (0:3). Во следниов период треба да се одиграат уште неколку пријателски натпревари со екипите на Нико Доага и Лирија. На 7 Октомври ќе биде организиран меѓународен турнир во Прилеп, кој го поддржа и Агенцијата за млади и спорт.
Натпреварите во ЦЕВ купот се играат на 21 и 28 Октомври а противник е екипата на Сеат Нефелс од Швајцарија.

Лугоп

Претпоставувам дека малкумина слушнале и се запознати со работата на оваа група. Лугоп (Linux User Group of Prilep) е група на корисници на GNU/Linux оперативниот систем од нашиот град, формирани на 4 Март оваа година. Членовите претежно се средношколци иако има и повозрасни корисници на Linux. Целта им е да го промовираат овој оперативен систем како и воопшто слободниот софтвер, да им овозможат нивно користење на заинтересираните корисници и меѓусебна соработка.
Досега реализирани се неколку проекти меѓу кои: „GNU/Linux во училиштата“ - кампања која е спроведена во две средни училишта во Прилеп, „GNU/Linux и НВО“ - проект кој му овозможува на сите НВО пристап до GNU/Linux и слободен софтвер, делење на бесплатни дистрибуции, презентации и слично. Следниот проект кој ќе се реализира е одбележувањето на 15 Септември - меѓународен ден на слободниот софтвер.
Просториите на Лугоп се наоѓаат на улица Кузман Јосифоски бр.118 и се отворени секој ден од 09.00-15.00 часот каде што може да се проба GNU/Linux Ubuntu 7.04, GNU/Linux Xubutnu 7.04 и друг слободен софтвер.

Technorati Tags: , , , .

четврток, 6 септември 2007

Аудиција за театарска претстава

Во понеделник (10.09) со почеток во 19.30 часот ќе се одржи аудиција за 22 млади актери за претставата „Бум, бум, мртов си!“. Аудицијата ќе се одржи во центарот за култура „Марко Цепенков“ на сцената 105. Пожелно е кандидатите да подготват монолог или рецитација. Претставата е во организација на Младинската Театарска Сцена од Прилеп. За подетални информации контакт на телефон: 075/403-313

среда, 5 септември 2007

Седумдневна ликовна колонија

Во Прилеп денес почнува седумдневна сликарска колонија во организација на невладината организција „Форум за авангардна креативност“.
Сликарската колонија е во рамките на проектот „Прилеп-град на културата“. На колонијата ќе учествуваат десеттина уметници од Македонија кои ќе творат црпејќи инспирација од околината на Прилеп. Тие ќе изработуваат дела со масло на платно, кои по завршувањето на колонијата ќе бидат во вид на „патувачка изложба“ изложени низ повеќе градови во Македонија.
Извор: МИА

„Пакт со волците“ во петок

Во рамките на циклусот Европски филм, во петок - 7 Септември ќе се прикажува францускиот филм „Пакт со волците“. Проекцијата ќе биде на сцената 105, втор кат од центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 21.00 часот. Влезот е слободен

вторник, 4 септември 2007

Транс журка на 8 Септември

На денот на независноста на Република Македонија-8 Септември ќе се одржи транс журка на градскиот базен „Маркови Кули“ во Прилеп. Почетокот е во 22.00 часот, а влезот е слободен.

Настапуваат:
Darkforce - WRC, Moonsun Records, Extra Cheese
B.A.N.E - WRC, Amplifying Studio, Future Sounds
Miss Triptamina - Soul Of Trance
Trefko - WRC

понеделник, 3 септември 2007

50 години ликовна колонија

Во ликовната галерија на домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е поставена изложба по повод 50 години од ликовната колонија. Моја препорака е да одделите 10-15 минути и да ги погледнете петнаесетината слики кои што се изложени деновиве.

недела, 2 септември 2007

Цементарница-Победа 0:2

Фудбалерите на Победа ја забележаа првата победа на гости оваа сезона. Тие ја совладаа Цементарница во Скопје со 0:2, полувреме 0:1. Головите ги постигнаа Марјан Нацев (36 минута) и Димитар Капинковски (59 минута). Сега имаме 8 бода и полека се искачуваме на врвот на табелата односно го делиме 5-тото место со екипата на Силекс од Кратово.
Овдека да спомнеме дека во екипата повторно се вратија Тони Мегленски и Борче Манески кои ќе претставуваат големо засилување во понатамошниот дел на првенството.
Следниот натпревар го играме на 16 Септември со екипата на Вардар од Скопје на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во нашиот град.

сабота, 1 септември 2007

Осма тениска балканијада

Од 5-9 Септември во Прилеп ќе се одржи осмата тениска балканијада за играчи до 14 години. Домаќин е тенискиот клуб „Маркови Кули“ на чии терени ќе се одржуваат и натпреварите. Ќе учествуваат вкупно осум репрезентации, Македонија, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Грција со околу седумдесет натпреварувачи. Освен тениските натпревари ќе се одржат и неколку работни состаноци на тренерите и стручните лица од федерациите.

Згасна женскиот тим на РК Тутунски Комбинат

Со голема жал ве известувам дека и официјално повеќе не постои женската екипа на ракометниот клуб „Тутунски Комбинат Бренд“. Она што се навестуваше подолго време се покажа како точно и поради немање финансиски средства клубот го откажа учеството во женската ракометна супер лига. Поголемиот дел од ракометарките си најдоја нови клубови за оваа сезона. Не треба да спомнувам за големата традиција и големиот број на квалитетни ракометарки кои произлегоја од него. Долги години младинските екипи беа неприкосновени во своите категории, а прилепската ракометна школа беше една од најдобрите во Македонија.