понеделник, 30 март 2009

Продажна изложба на роднокрајни издавачи и автори

Во градската библиотека „Борка Талески“ е поместена продажна изложба на десетина роднокрајни прилепски автори и неколку издавачки куќи од градов. Изложбата ќе биде отворена до трети Април, а има за цел запознавање и доближување на локалните писатели и нивните дела до читателите. Изложбата привлекува внимание бидејќи овие литературни дела многу потешко доаѓаат во рацете на читателите и ова е убава можност да се видат но и да се купат книги кои потекнуваат од нашиот град.

недела, 22 март 2009

Бесплатен театар

По повод светскиот ден на театарот - 27 Март, Прилепскиот народен театар ќе прикаже 5 бесплатни претстави кои што се на редовниот репертоар. Бесплатните билети ќе можат да се набават два часа пред почетокот на претставите на билетарницата од театарот.
25.03 - „Госпоѓица Јулија“, режија: Кирил Петрески (19.30ч.)
26.03 - „Песијазол“, режија: Бранко Ставрев (19.30ч.)
27.03 - „Од кол на кол“, режија: Коле Ангеловски (19.30ч.)
28.03 - „Службогонци“, режија: Софија Ристовска (19.30ч.)
29.03 - „Волшебникот од Оз“, режија: Петар Димоски (11.00ч.)

вторник, 17 март 2009

Riders of the apocalypse

понеделник, 16 март 2009

Ден на дрвото, Март 2009


сабота, 7 март 2009

Француската мода во 90-тите

Во галеријата на Градската Библиотека „Борка Талески“ вечерва е отворена изложбата на фотографии „Источен ветар“ посветена на влијанието на истокот во француската мода во 90-тите години. Поставени се триесетина фотографии. Изложбата е во соработка со Францускиот културен центар.

петок, 6 март 2009

Минијатури на Шулајковски во Прилеп

„Допрен од звукот“ е насловот на изложбата на минијатури од Тони Шулајковски која ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Центарот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.Ќе бидат претставени 65 минијатурни дела работени во техниките акрил и масло на платно. Инспирацијата авторот ја наоѓа во електронскиот звук.
Шулајковски е роден во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1993 година. Има реализирано 34 самостојни изложби и учествувал на 50-ина групни излагања. Добитник е на наградата „Константин Мазев - Коце“ за сликарство доделена од Културно-информативниот центар во Скопје.
Извор: Дневник

среда, 4 март 2009

Локалитетот Локви кај Прилеп ќе биде природен резерват

Локалитетот Локви што се наоѓа на 3,5 км од прилепското село Големо Коњари ќе биде прогласен за природен резерват од прва категорија. Ендемскиот вид фауна вилинско ракче или хироцефалус пелагоникус што живее само во овие солени локви и никаде на друго место во светот ќе биде заштитен од државата. Во локвите има уште 50-ина други видови фауна, а 16 од нив се регистрирани во Европската книга на природни реткости.
Министерството за животна средина, локалната самоуправа, месното население и невладиниот сектор вчера во Прилеп почнаа јавна расправа пред подготовка на закон што треба да помине на Влада и да го усвои Собранието.
Вилинското ракче е со големина од два сантиметра. Поради спецификите на просторот и соленоста на водите, оваа уникатна, реликтна и ендемична фауна треба да се заштити, велат експертите.
„Својот животен циклус го почнува во рана пролет, а го завршува кон крајот на мај, кога женките ги полагаат резистентните јајца. Тие имаат дебела обвивка за да може да опстанат скриени во трските во студените зими и летната суша, кога локвите пресушуваат. Така, идната пролет при поволни услови се развива повторно вилинското ракче на длабочина до 60 сантиметри“, објаснуваат стручњаците.

Оваа природна реткост засега ја чуваат само жителите. Пред неколку години била поведена иницијатива за заштита на локалитетот, но како што велат жителите, ништо особено не е направено.
Вилинското ракче го има засега во три бари, на површина од околу 10 хектари кои се остаток од некогашното пелагониско блато.
За вилинското ракче знаеле и постарите жители на Големо Коњари, но не знаеле дека е природна реткост. Уште во турско време била позната солената вода, а локвите ги нарекувале солени бари.
Во 2001 година локалитетот е прогласен за заштитен од државата, но сега, согласно со новите законски регулативи и барања на ЕУ, треба да се изврши повторно прогласување за заштитен зоолошки објект.
Извор: Утрински Весник

понеделник, 2 март 2009

Прилеп фолк-фест

Ансамблот Теодосиевски со песната "Родена за песна" е прва од публиката, додека дуетот Сузана Спасовска и Миле Кузмановски со песната "Што спечаливме" се први од жирито, на новоформираниот фестивал "Прилеп фолк фест" што се одржа во петокот вечерта петокот во Прилеп. Второто место според публиката припадна на необичниот дует "Биоритам" и Маја Вукичевиќ за песната "Еј дечко шетај", додека од жирито на Горан Тодоровски за песната "Живот". Третата награда од публиката замина во рацете на младата Тања Стефановска за песната "Љубовта", а третата од жири за Блага Петреска и песната "Песна за брат ми".
Првата награда за интерпретација ја доби сексапилната Јованка Житарова.
Домот на културата "Марко Цепенков" беше преполн со љубители на макдонската песна. "Убаво е луѓето да се расположат со музика додека не почнале предизборните кампањи" велеа прилепчани.
Извор: Вест

недела, 1 март 2009

Во вторник премиера на „Таму каде што не сум бил“

Театарската претстава „Таму каде што не сум бил“ на режисерката Зоја Бузалковска после трите предпремиери, во вторник на 3 март во 19:30 часот ќе ја има својата премиерна изведба пред прилепската публика.
Текстот на Жанина Мирчевска е напишан со поетски јазик. Дејството го движат монолози, дијалози и монолошки форми, кои се специфични за изговор и за играње. Во претставата се зборува за човековата детерминираност, немоќта да се соочи со светот и со животот, за соодносот институција-индивидуа. - Човекот на сцена ги пренесува соништата, надежите, потребите, вербата, но и немоќта да сонува.„Живата кал“ која им се заканува на луѓето од ридот е клучното во претставата. Приказна во која завршува љубовта несреќно.
Ова е нешто сосема ново за прилепскиот театар но и за сите македонски театари во Македонија.
Претставата е на мала сцена со многу одлична и практична сценографија. Во дејствието на претставата е вклучена и публиката која е во самиот лавиринт на претставата.
Во „Таму каде што не сум бил“ играат: Игор Трпче, Дарја Ризова, Димитар Ѓорѓијоски, Александар Степанулески, Никола Настоски, Јамина Мицкоска-Станкоска, Марија Спиркоска-Илиески, Наташа Наумоска, Зоран Иваноски, Александар Тодески
После премиерата ќе почне да се работи вториот проект за годинава во прилепскиот театар ,комедија која ќе ја режира Коле Ангеловски.