петок, 26 септември 2008

Ново издание на „Мелфест“

Утревечер во Центарот за култура „Марко Цепенков“ од 20.00 часот ќе се одржи 17-тото издание на младинскиот фестивал „Мелфест“. Целта на оваа музичка манифестација е да промовира млади и надежни македонски пејачки гласови кои досега не добиле шанса да се промовираат пред јавноста. Годинава ќе настапат 24 нови имиња. Досега преку „Мелфест“ се афирмирале доста популарни имиња на нашава естрада како: Дани, Елена Петреска, Тоше Проески, Марјан Стојановски, Ламбе Алабаковски...

Стрип новости

Во рамките на 6-тиот Меѓународниот стрип фестивал во Белград, во недела во 18.00 часот во големата сала при СКЦ, покрај другите издавачи Центарот за визуелна уметност „Визант“ од Прилеп ќе ги промовира своите независни изданија: првиот печатен интернационален стрип мегазин „Beyond Borders“, каде насловната страна е дело на познатиот уметник Атанас Ботев, 200 страници едиција „Прилеп град на културата 2007“, „Пост-Кард 007“ со македонски автори: Горан Дачев, Смиле Цветановски, The Мичо и др, како и стрип постерот „Ернесто Че“ на Златко Крстевски.
Извор: Culture.in.mk

Легендарниот стрип „Алан Форд“ на кирилско писмо, на македонски јазик вчера беше промовиран во Прилеп. Издавач е „Варм комикс“, од каде што велат дека стрипот се издава по повод 40 години од првиот број на „Алан Форд“ отпечатен во Италија. Изданието е во колекционерски формат, а ќе излегува двапати месечно.
Извор: Вест

Упатувам повик до сите прилепски стрип автори доколку сакаат да ја претстават својата работа и своите дела да пишат на е-маил адресата: prileponline/at\gmail.com

четврток, 25 септември 2008

Прилепчани ги собраа аплаузите во Љубљана

Десеттемина актери од прилепскиот театар не можеа да ја напуштат сцената на Словенско младинско гледалишче завчеравечер, откако публиката во преполната сала ги наградуваше со аплаузи и овации по изведбата на претставата „Тапани во ноќта“, од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски. Прекрасната фестивалска публика им приоѓаше на авторите на претставата и разговараше со нив. За разлика од вообичаената слика, кога најчесто гостува наш театар надвор од Македонија и кога најмногу има Македонци, кои доаѓаат да го слушнат мајчиниот јазик, овој пат доминантна беше публиката што сакаше да види претстава.Прилепскиот театар тоа и им го подари. Ја имаше честа да го затвори 15-тото издание на фестивалот на современ театар „Екс понто“, кој во изминатите десет дена го исполнуваше културниот простор на словенечката метропола.
Целосна репортажа од Љубљана, „Дневник“

среда, 24 септември 2008

Откриена изгубената престолнина Пелагонија?

Се повеќе се потврдуваат тезите дека кај локалитетот Бонче можно е да се наоѓа четвртата изгубена македонска престолнина, градот Пелагонија. Со најновите годинешни открија, под раководство на професорот Виктор Лилчиќ, целосно е откриена гробницата која е единствена од ваков тип на Балканот. Слична има само во Пела во Грција.
„Според начинот на градење и според монументалноста на самата гробница може да претпоставиме дека во оваа гробница е погребан некој пелагониски крал, за жал за кого не знаеме се уште кој е“, изјави д-р Антонио Јакимоски, раководител на Археолошките ископувања.
Оваа гробница потекнува од четвртиот век п.н.е. кога и постоело Кралството на Пелагонците. Се претпоставува дека е ограбена уште во антиката.
„Ова е единствената гробница во Македонија и пошироко и меѓу ретките објекти од четвртиот век п.н.е.“, вели Јакимоски.
Гробницата се наоѓа веднаш под врвот Висока каде се претпоставува дека се наоѓал градот. Откривањето на градот Пелагонија на овие простори би било од огромно значење за Македонија затоа што другите три старо антички престолнини Пела, Амфиполис и Тесалоника се наоѓаат на територија на денешна Грција.
За жал, оваа година државата не оддели средства за да се истражува и на врвот Висока. По овој град археолозите трагаат повеќе од 150 години.
Тука пред две години беа откриени и три штитови со Сонцето од Вергина на кралот Деметриј. Кога ќе се реставрираат, за прв во светот ќе се добие како изгледал штитот на Македонската фаланга.
Извор: А1

вторник, 23 септември 2008

Нов број на „Стремеж“

Новиот број на списанието „Стремеж“ од Прилеп донесува повеќе поетски, прозни и есеистички прилози од познати македонски автори, како и преводи од српската теорија и белетристика. Во воведната рубрика „Расказ за овој број“ е објавен постмодернистички интонираниот расказ „Непознатите ракописи на Сингер“ од Младен Србиновски, кој е проследен со критичкиот осврт на Трајче Крстески.
Во овој број на списанието, по повод јубилејот 100 години од раѓањето на големиот македонски поет Кочо Рацин, е објавен текст од Филомена В. Марковска, во кој таа открива провокативни детали за животот и за убиството на Рацин. Во рубриката „Критика и есеистика“ Санде Стојчевски се осврнува кон поезијата на познатата бугарска поетеса Елка Њаголова, Никола Маџиров во есејот „Расплетување на поезијата“ ги изложува своите размислувања за интегрирањето на поезијата во електронскиот свет, Маја Апостолоска се осврнува кон книгата „За восхитот и пораката“ од Санде Стојчевски, определувајќи ја како полемички интонирана афирмација на иманентниот пристап кон книжевното дело во која авторот вешто ги комбинира теорискиот дискурс и дијалогот, а Александра Димитрова ги анализира ликовите во романот „Смртта на дијакот“ од Драги Михајловски.
Во рубриката „Поезија“ свои прилози имаат Науме Радически и Борис Апостолов, а во рубриката „Проза“ е објавен расказот „Менаџер“ од Емил Калешковски. Во рубриката „Преводи“ македонските читатели можат да го прочитаат есејот „Уметноста меѓу интересот и монахизмот“ од Бранко Лазиќ, како и расказите на Данило Николиќ и Милисав Савиќ.
Извор: МИА

понеделник, 22 септември 2008

Циклус „Антологиски македонски филм“

Од утре стартува циклусот „Антологиски македонски филм“ во кој ќе бидат прикажани шест филмови од постарата продукција. Проектирањето на филмовите започнува во 20 часот на добропознатата „Сцена 105“ во центарот за култура „Марко Цепенков“. Еве го и целосниот репертоар:
23.09.2008, „Солунските атентатори“
24.09.2008, „Мирно лето“
25.09.2008, „Планината на гневот“
26.09.2008, „Време без војна“
29.09.2008, „Исправи се Делфина“
30.09.2008, „Светло сиво“

„Тапани во ноќта“ ќе го затвори „Екс понто“ во Љубљана

На затворањето на реномираниот театарски фестивал „Екс понто“ во Љубљана, Словенија, утревечер ќе биде прикажана претставата „Тапани во ноќта“ од Бертолд Брехт во режија на Мартин Кочовски, а во изведба на Прилепскиот театар:
- За нас како театар учеството на „Екс понто“ значи многу. Тоа е потврда за квалитетот на претставата и за ансамблот. Ова е второ гостување на театарот со претставата на фестивал. Првото беше на летниот фестивал „Белеф“. Ќе следи и учеството на фестивалот „МЕСС“ во Сараево - вели Стојан Дамчески, раководител на театарот.
Со гостувањата на театарот на овие фестивали се отвораат вратите за презентација на претставата и на други реномирани фестивали.
По настапот на „МЕСС“, во октомври ќе следи изведба на претставата во Зеница и гостување во Подгорица.
Во претставата играат: Владимир Ѓоргијоски, Илина Чоревска, Игор Трпче, Марија Спиркоска-Илиески, Андон Јованоски, Александар Степанулески, Зоран Иваноски, Александар Тодески и други.
Сценографијата е на Јулијана Војкова-Најман и Филип Јовановски, а музиката е на „Фолтин“.
Извор: Шпиц
Врски: Дневник, Време

вторник, 16 септември 2008

Елена Петреска подготвува спот за песната „Те нема“

Елена Петреска ќе снима спот за песната „Те нема“, која се снимаше во студиото на Роберт Билбилов, кој воедно се потпишува и како автор на музиката и аражманот, додека текстот е на Весна Малинова. Со оваа песна прилепчанката планираше да настапи летоска на Радискиот фестивал „Ѕвездена ноќ“ и да ја промовира, но бидејќи го откажа учеството, песната ќе ја промовира со спот.
Поп-пејачката, која работи во Македонската опера и балет, подготвува и анплагд концерт, кој ќе се одржи во МКЦ, а на кој ќе биде презентирана новата песна заедно со видеозапис. Покрај музиката Елена е преокупирана и со обврските на факултететот за арт и дизајн при Европскиот универзитет.
Извор: Вечер

петок, 12 септември 2008

Р.К.Тутунски Комбинат стана „Златен даб“

Екипата која со години беше позната како Т. Комбинат, за да се ребрендира во Т. К. Бренд, а лани накратко се викаше и ВИП 2007, во новата сезона, во која ќе се натпреварува во Првата Лига, ќе се вика Златен даб.
Со тоа, конечно, е ставен крај на дилемите околу тоа како ќе изгледа (барем на прв поглед) прилепскиот клуб, кој годинава ќе ја преживува својата најлоша година, како член на втората по квалитет лига во Македонија.
Прилепчаните лани доцна се снајдоа со пари, веќе немаа време да се дигнат по катастрофалните резултати во есенскиот дел од сезоната и стигнаа само до шанса да се борат за суперлигашки статус. Не успеаја, на клучниот натпревар со В. В. Тиквеш во Кавадарци беа поразени и се преселија во понизок ранг.
Некогашниот освојувач на Купот на Македонија, со нова управа, се обиде административно да се врати на суперлигашката сцена. Не успеаја, нивното барање да се прошири лигата доби поддршка само од В. В. Тиквеш. А за да се разгледува, беше потребна согласност од сите 8 суперлигаши.
Но, прилепчани не се предадоа и продолжија да го одржуваат во живот клубот, кој сега има и ново име и веројатно ќе се обиде да доведе засилувања кои експресно би го вратиле во македонската елита.
Извор: Македонски Спорт

вторник, 9 септември 2008

Изложба на Дарко Талески

Во петокот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата на слики на прилепскиот ликовен уметник Дарко Талески.
Талески има дипломирано на факултетот за ликовна уметност во Велико Трново, Р.Бугарија, а на истиот универзитет станува магистар со специјалност-Медиум и реклама. Има учествувано на повеќе изложби во Бугарија и Македонија. Целосниот каталог подготвен за оваа изложба можете да го прелистате на следниов линк

понеделник, 8 септември 2008

Честит 8-ми Септември

На 8-ми Септември 1991 година се оствари вековниот сон на многу наши предци.
Независна и суверена Македонија!

петок, 5 септември 2008

Златко Крстевски на стрип-фестивал во Херцег Нови

Во познатата галерија „Јосип Бепо Бенковиќ“ и на други локации во Херцег Нови, Црна Гора, од денеска до 10 септември ќе се одржува вториот стрип- фестивал, еден од водечките во регионов, на кој ќе гостува и стрип-авторот од Македонија, Златко Крстевски. Истовремено, ќе биде промовиран и стрип-фестивалот „Арт ноу бордерс“, кој ќе се одржи во Битола во соработка со Центарот за визуелни уметности „Визант“ од Прилеп. Поканети се и светски познати имиња од областа на деветтата уметност-стрипот, како Есад Рибиќ од Хрватска, кој работи за најтиражните стрип- изданија, Зоран Јањетов од Нови Сад, познат по стрип кариерата во Франција, Дубравко Матаковиќ од Хрватска и други.
Извор: Шпиц

четврток, 4 септември 2008

Откриени траги од карпести гравири стари околу 32.000 години пред Христа!

Во околината на манастирот Трескавец кај Прилеп се пронајдени траги од карпести гравири стари околу 32.000 години пред Христа.
- На највисоката точка во близина на манастирот откривме траги од карпести гравири од типот на купулите. Значењето на ова откритие е поголемо кога се знае фактот дека овој вид карпести гравири се меѓу најстарите, кои проф. д-р Амати од Шведската архива за карпеста уметност ги става во временски рамки од 32.000 години пред Христа, вели Душко Алексовски од Македонскиот центар за карпеста уметност.

Тој додава и дека такви гравири забележале пред и зад манастирот. "Истражувањата во околината на Трескавец наскоро ќе продолжат и ќе траат се до целосното документирање на откриениот материјал", вели Алексовски, кој е изненаден од големата концентрација на квадратни вдлабнувања од подоцнежниот период.
Алексовски објаснува и дека купулите или вдлабнатите полутопки се гравири кои се поврзани со: култот на плодноста на луѓето; култот на плодноста на полињата и бујноста на ливадите и шумите; култот на сонцето и погребниот ритуал.

Европската агенција за реконструкција обезбедила средства за набавка на најмодерна опрема за видео и фотозаписи со што истражувањата се документирани.
Извор: Вечер

вторник, 2 септември 2008

Гоце Бошкоски со награда во Зеница

На Радискиот фестивал Еуро Поп – Зеница 2008, пред повеќе од 30.000 публика, свое учество зедоа 20 европски земји, меѓу кои и нашиот претставник Гоце Бошкоски – Чоки, кој настапи со песната Оваа ноќ. Жирито составено од еминентни имиња во музичкиот свет од сите земји учеснички имаше тешка задача да ги распредели наградите...

Во потесниот круг, во битка за Гранд-При влегоа 7 држави и тоа: Хрватска, Турција, Грција, Бугарија, БиХ, Русија и Македонија, со нашиот претставник Гоце - Чоки. Главната награда Гранд-При отиде во рацете на Енрико Џако - од Италија, додека, пак, нашиот изведувач заслужено се закити со награда за најдобра интерпретација. Наградата за музика му припадна на Григор Копров за песната Мој слатки отрове, во изведба на Лука Ѓурѓевиќ од Црна Гора, за аранжман награда понесе песната на Кипријанос - Грција, а најдобар беше текстот на Јасмина Мушановиќ и Индира Мујкановиќ за песната Сломљена крила која ја изведуваше Јелена Павлиќ од Србија.
Извор: МММ

„Кумановски скулптори 2008“ во Прилеп

Во саботата во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура - „Марко Цепенков“ - Прилеп беше отворена изложбата „Кумановски скулптори 2008“. Изложбата ја координира Националната установа Центар за култура - „Трајко Прокопиев - Куманово. На изложбата со по три дела ќе бидат застапени академските скулптори: Азир Азири; Сашо Андевски; Синиша Кашавелски; Марина Цветановска-Мартиновска; Мирослав Величковски и Вања Зафировска.
Скулпторите во Куманово не се многубројни како сликарите и графичарите, но со своите дела заслужуваат соодветно внимание, вредно за едно пошироко претставување пред македонската публика. Работејќи на нивото на своите колеги од постоечкиот македонски скулпторски потенцијал, притоа пристапувајќи како класични скулптори или како концептуални креатори, кумановските автори и покрај скромната продукција сите овие изминати години даваа значаен придонес во обликувањето на вкупната слика за остварувањата во современата македонска скулптура, било да се работеше за експонирања во групни или самостојни проекти.
Изложбата во Прилеп ќе биде поставена во наредните 14 дена а потоа ќе се пресели во неколку галериски центри низ Македонија.
Извор: Culture.in.mk

понеделник, 1 септември 2008

Пиво Фест '08

После многу неизвесност помина и шестото издание од Пиво Фестот или како што годинава се нарекуваше „Фестивал на пивото, скарата и мајтапот“. За разлика од претходните години, имаше помалку пивари, помалку скари и помалку посетители. Но, тоа не беше пречка за да не се ужива во нашето пиво и забавата која што ја понудија како организаторите така и локалните кафулиња. Најмногу внимание предизвикаа забавите „кај зидот“ каде што се пушташе електронска музика до кај 3 часот наутро. Се чини сепак премалку. За една ваква манифестација локалните власти треба да дозволат подолготрајна забава бидејќи имаше доволно посетители кои сакаа сеуште да се забавуваат. За танчерките не коментирам. Само се надевам дека другата година на тоа место ќе уживаме во целодневни забави со познати диџеи.
На главната сцена имаше од се по нешто и за старо и за младо. Најголема посета имаше за настапот на Александра Пилева кој што се претстави во одлично светло. За поздравување е фактот дека преовладуваа рок бендовите и понатаму треба да се размислува за носење на странски познати рок бендови на оваа манифестација.
Дефинитивно најголемо промашување и оваа година беа тоалетите, па така да никој не ги користеше и секој се снајдуваше како знај и умее. Едноставно трошоците за нивно поставување треба да ги сносат организаторите, а не посетителите.
За пофалба е и јавното комунално претпријатие кое навреме го расчистуваше ѓубрето кое го имаше во големи количини. Минус за несовесните посетители кои мислеа дека можат да прават што сакаат.
Годинава имаше послаба рекламираност на настанот. Но знаејќи дека организаторите беа нови не треба да им се забележува. Мислам дека годинава фестов се движеше во добар правец. Поголема ангажираност, носење повеќе пивари, помалку скари, подобра забава во градот...тоа му фали на пиво фестот.