среда, 29 април 2009

WI-FI во центарот на Прилеп?

Според некои информации наскоро центарот на Прилеп би можел да биде покриен со WI-FI безжичен интернет. Тоа значи дека секој со лап-топ или мобилен телефон кој поддржува Wireless ќе може да си седна на клупите на плоштад и да си сурфа. Звучи одлично. Останува да се надеваме дека и ќе биде реализиран овај проект што поскоро.
Кога сме кај WI-FI, дали некој располага со листа на кафулиња во градот кои им овозможуваат ваква услуга на своите потрошувачи?

среда, 22 април 2009

Сите во природа!

На 26.04.2009 ќе се одржи традиционалната планинарска акција СИТЕ ВО ПРИРОДА.
Целта на акцијата е поттикнување на граѓаните на Прилеп на се почесто движење во природа.
Секој учесник на акцијата треба да ја мине патеката која почнува околу 650м после подвозникот за с.Селце (каде што се дели патот за манастирот Св.Димитрија), па минува на чешмата Колкоец, чешмата Под плазо, споменикот на Спасе Темелкоски и завршува под Шаторов Камен.

понеделник, 20 април 2009

Миленко Неделковски ја накодошил Победа

„...На сослушувањето беа презентирани и фактите на комисијата врз кои се темели ова обвинување, како исказ на стручно лице за следење на коефициентите на обложувалниците, а во улога на клучен сведок и информатор се појави спортскиот новинар Миленко Неделковски.“ Извор
Што да се каже? Македонскиот народ е познат по предавството на самиот себе. Луѓе без морал кои за ситни пари би го продале и сопственото дете. Особено боли што тоа е направено од човек познат криминалец кој лежел во затвори и јавно признал за сторени криминални дела. Човек без никакви морални вредности се обиде да му пресуди на цел еден клуб. Ова не беше напад врз луѓето кои што сториле криминал туку врз гордоста на градот, единствено и единствено заради сопствени профитерски интереси. Тој не ги засрами криминалците туку фудбалот и сопствената земја. Миленко Неделковски не е ништо подобар од луѓето кои што го предадоја Ченто заради сопствени позиции. Миленко е ништо друго туку предавник на сопствениот народ!

недела, 19 април 2009

Победа суспендира на 8 години

Фудбалскиот клуб Победа од Прилеп осум години ќе нема право на настап на европската фудбалска сцена. Александар Забрчанец, првиот човек на овој клуб, и Николче Здравески, тогашен фудбалер на прилепчани, доживотно не ќе можат да извршуваат никакви функции во фудбалот. Неофицијално дознаваме дека ова е одлуката на дисциплинците на УЕФА по повод обвинувањата за местенка на мечот Победа - Пјуник од Ерменија (1-3), од квалификациите за ЛШ, во Скопје, на 13 јули, 2004 година. Прилепчани имаат право да се жалат на оваа одлука на дисциплинската комисија на УЕФА донесена вчера доцна попладне. Тоа ќе може да го сторат во рок од шест дена по добивањето на одлуката во писмена форма.

Прилепчани беа обвинети за непочитување на принципите за интегритет и фер плеј во фудбалот, манипулирајќи со резултатот на натпреварот од квалификациите за ЛШ, за да остварат незаконски добивка за себе и за трета страна. Обвинението УЕФА го темели според информации од обложувачката индустрија за нерегуларни уплати и на изјави од сведоци.
Извор: Дневник

четврток, 16 април 2009

„Тапани во ноќта“ гостува во Хрватска

Прилепскиот театар со најнаградуваната македонска претстава минатата година, „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, од 19 до 22 април ќе гостува на сцените во Бјеловар и во Вараждин, Хрватска. Настапот во Бјеловар е на 20 април, кога претставата ќе биде изведена на седмиот фестивал „Бок фест“. На вараждинската сцена претставата ќе биде изведена на 21 април, во рамките на соработката меѓу прилепскиот и вараждинскиот театар.
Изведбата во Хрватска е петто гостување во странство за Прилепскиот театар со оваа претстава.
Лани „Тапани во ноќта“ се играа на сараевски МЕСС, каде што претставата освои три престижни награди, на љубљански „Експонто“, на белградскиот летен фестивал „Белев“ и на подгоричката сцена.
Од Центарот за култура „Марко Цепенков“ велат дека „Тапани во ноќта“ не само за прилепскиот театар, туку и за македонскиот, е вистински театарски бренд, претстава која плени со својата модерна естетика.
Бјеловарскиот „Бок фест“ почнува на 18 и ќе трае до 30 април, а се одржува под покровителство на градот Бјеловар и Министерството за култура на Хрватска. На него, освен што ќе се прикажат претстави за возрасни и за деца, ќе има и изложби и популарни перформанси.
Извор: Шпиц

вторник, 14 април 2009

Илија Мартиноски е македонски рекет број еден

Илија Мартиноски од вчера е новиот македонски рекет број еден откако на најновото рангирање на АТП-листата Предраг Русевски забележа огромен пад. Деветнаесетгодишниот прилепчанец во моментов го држи 816. место, што му овозможи да го симне Русевски од македонскиот тениски трон по долго време.
Русевски само го продолжи надолниот тренд на АТП-листата и со најновиот пад од дури 438 позиции, сега се наоѓа на 1.248. место, што придонесе да биде престигнат и од Димитар Грабулоски, кој е пласиран на 1.011. место. Во последните 14 месеци Русевски назадуваше за цели 1.006 места, откако во февруари минатата година го забележа рекордно високиот пласман на 242. место. Четвртиот македонски тенисер кој фигурира на АТП-листата е Шендрит Деари на 1.715. место, додека нашиот најискусен Дејвис куп-репрезентативец Лазар Магдинчев во моментов е без пласман.

четврток, 2 април 2009

„Скици 2008“ во Прилеп

На 03.04.2009 год. (петок), со почеток во 20ч. во Уметничката галерија на НУ Центар за култура "Марко Цепенков" - Прилеп, ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи " СКИЦИ 2008". Организатор и координатор на проектот е Националната установа Центар за култура "Трајко Прокопиев" - Куманово. Изложбата за прв пат беше презентирана пред кумановската ликовна публика во декември 2008 г. На изложбата учествуваат шест кумановски академски сликари: Момчило Аврамовски, Дејан Арсовски, Зоран Арсовски, Борис Кукуњавски, Оливер Младеновски и Трајко Тошевски.
Извор: Culture.in.mk