среда, 30 јули 2008

Ликовна колонија

Сликари и скулптори од земјава и од странство и годинава работат на Интернационалната сликарска колонија во Прилеп, најстара во Југоисточна Европа, во ателјеата за мермер, за метал, дрво и најмладото за пластика.
Зоран Ивановиќ, вајар од Белград и професор на Факултетот за применета уметност, го изработи портретот на Александар Македонски.
"Александар Македонски е исклучително инспиративна личност и живеел во периодот кој мене ликовно и уметнички особено ме интересира. Работев во глина и во гипс, а постои можност да се направи и во мермер и во бронза", вели белградскиот вајар Ивановиќ.
Тој е првпат во Прилеп и во Македонија и е одушевен од природните убавини, богатата култура, која како историско наследство ја видел во Прилеп , во Охрид и во Крушево.
Женско торзо, насликано во масло на платно, во трајно наследство остави Јулијана Протиќ, академски вајар од Белград. Таа вели дека би сакала ако има можност, повторно да биде тука и да ја црпи инспирацијата од Марковите Кули.
Арсен Гушапша од Русија е учесник на интернационалниот симпозиум за мермер кој годинава се одржува по 45-ти пат во Прилеп. Тој вели дека прилепскиот мермер е најдобар за изработка на скулптура и е среќен што е во Македонија. Со задоволство ја реализира идејата да направи скулптурата "Птици", која ќе биде компилација од дела во мермер, метал и од дрво.
На Колонијата во Прилеп досега се создадени над 1.500 слики, цртежи и скулптури од уметници од над 120 земји од сите пет континенти.
Извор: Вест

вторник, 22 јули 2008

Квази новинарчиња

Локалниве квази новинарчиња за државниве кич медиумчиња. Па дури уште се нафрлаат врз интернет медиумите. Или само очајно се обидуваат да си ја спасат професијата пред налетот на новите медиуми? И замислете ниту еден од нив не се праша кој беше толку паметен што им отстапи цел стадион за 2000 евра?
Во меѓувреме семкарот си ужива во неговите 5 минути слава. Еве му мал придонес и на нашиот блог
Вест, Време, Утрински...итн сите наши медиуми

сабота, 19 јули 2008

„Гранд ефект“ вечерва на плоштадот „Александрија“

Вечерва на плоштадот „Александрија“ во Прилеп во 21 часот, во рамките на „Прилепско културно лето“, ќе биде изведен современиот танцов перформанс „Гранд Ефект“ во кореографија на Кире Миладиноски. „Гранд Ефект“ претставува соединување на сите минијатурни кореографии на танц-студиото на Кире Миладиноски наречено „Зодијак“, поставени во алтернативен простор, во продукција на матичната сцена на Центарот за култура од Прилеп.

„Идејата за поставување на ваков перформанс беше поттикната од желбата за што помасовна посетеност и воедно запознавање на поширокиот аудиториум со современиот танц како начин на изразување преку говор на тело. Насловот ’Голем ефект’ произлегува од фактот што сите делови на овој перформанс се наградувани со посебни награди за кореографија и уметнички впечаток на фестивали во и вон државава“, вели Миладиноски.

По претставувањето во Прилеп, „Гранд Ефект“ ќе се изведе и низ неколку други градови во Македонија.
Извор: Утрински Весник

петок, 18 јули 2008

„Тапани во ноќта“ ги одушеви белграѓани

Претставата на прилепскиот театар „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, завчеравечер ја остави на нозе публиката во Југословенското драмско позориште. Публиката аплаудирала 15 минути, а како што вели Стојан Дамчески, раководителот на прилепскиот театар, актерите не можеле да си заминат од сцената. Тие настапија на летниот фестивал „Белеф. Ни се потврди дека претставата станува бренд не само на македонските простори. Реакциите беа повеќе од пофални. Салата беше преполна. Честитки добивме и од директорот на БИТЕФ, Јован Ќирилов. За квалитетот и приемот сведочат неколкуте аплаузи на сцената и петнаетсеминутните овации на крајот. Актерите не можеа да заминат од аплаузите. Сите беа воодушевени и зачудени како е можно еден мал театар од Македонија со млада екипа да подготви толку силна претстава - вели Дамчески.Претставата ја виделе и театролози, политичари и многумина Македонци што живеат во Белград. Покрај македонскиот амбасадор во Србија, присутен бил и Зафир Хаџиманов, како и претставници на театарската српска елита. Во претставата играат Илина Чоревска, Владимир Ѓорѓијоски, Игор Трпчески, Марија Спиркоска-Илиеска, Андон Јованоски, Александар Степанулески, Зоран Иваноски, Никола Настоски, Димитар Црцороски, Александар Тодески, Наташа Наумоска, Виолета Чакарова, Милан Секулоски и Димитрина Мицкоски. Претставата е илустрирана со музика на „Фолтин“. „Тапани во ноќта“ ќе учествува и на МЕСС во Сараево и на „Експонто“ во Љубљана.
Извор: Дневник
Други извори: Време

Мартин Јованоски стана светски рекордер

Најмладиот македонски параглајдерист, 18 - годишниот Мартин Јованоски (Делта клуб, Прилеп), стана светски рекордер во дисциплината прецизно слетување. Тој всушност доби известување од Интернационалната спортско - воздухопловна федерација (ФАИ), дека му е признат како најголемо достигнување досега на планетата, резултатот од неодамна одржаното Предевропско првенство во Тракошчан, Хрватска. Таму, Јованоски во четири серии имаше вкупно само 11 сантиметри промашување од целта во слетувањата со својот параглајдер. Федерацијата на својата веб - страница веќе го објави рекордот а исто така и најновата ранг - листа. На неа, Мартин е при самиот светски врв, на второто место, а потсетуваме дека во мартовското рангирање беше и прв. Шанса да се врати на лидерската позиција ќе има на претстојното Европско првенство кое од 3. до 10. август ќе се одржи во Нишка Бања, Србија.
Извор: Дневник

среда, 16 јули 2008

Прилепското уметничко лето

Во Прилеп официјално почна Прилепското уметничко лето, кое со своите ателјеа е меѓу најстарите на Балканот. Диме Јанески, секретар на Центарот за современа ликовна уметност, кој е организатор на Прилепското уметничко лето, најави учество на 15 уметници, сликари и скулптори од земјава и од Јапонија, Србија, Русија, Италија и од Бугарија. По 51. пат ќе работи интернационалната сликарска колонија, најстара во Југоисточна Европа, по 45. пат ќе биде отворен интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер, 37. интернационалното студио за пластика во дрво, 26. интернационално ателје за скулптура во метал и ателјето за пластика во пластика... кое е отворено пред 6 години - изјави Јанески. Манифестацијата и годинава ја има поддршката на мермерскиот комбинат каде што е сместен симпозиумот за скулптури од мермер, а не изостанува ни поддршката од фабриката „Металец“, која обезбедува простор и алат за работа на скулпторите што своите дела ги создаваат во метал. Делата што ќе ги создадат уметниците по традиција остануваат во трајно наследство на Прилеп и на Македонија.
Извор: Крале Марко

Ќе се обновува манастирот Трескавец

Македонскиот Синај - манастирот Трескавец, што се наоѓа во близина на Прилеп, ќе се обнови. Ова е интенцијата на новоформираниот Координативен одбор за ревитализација на еден од најзначајните, но и најзапуштените споменици на културата.

Еминентен состав на академици од МАНУ, Министерството за култура, МПЦ и локалните власти во Прилеп ги дефинираа проектите за целосна ревитализација. Во манастирскиот комплекс се наоѓаат фрески од 13 век на темели на ранохристијанска базилика и кои му даваат посебна културолошка вредност.

„Системски ќе се истражуваат сите содржини во манастирот, почнувајќи од црквата, конаците, трпезаријата“, изјави владиката Климент.

Манастирот е на списокот на 100-те најзагрозени споменици на културата во светот, па за кусо време ќе прерасне во една од најатрактивните туристички локации во државата.

„Проектот за обнова и заштита на манастирот во Трескавец опфаќа повеќе активности. Ќе биде изграден пристапен пат до манастирот со средства од Министерството за транспорт и врски. Подготвен е и проект за вода. Има потреба од увид во целокупната документација пред да се реализираат какви било други зафати. Ова е со цел за да се знае што е досега направено на полето на археологијата, архитектурата и заштитата на манастирот“, објасни Елизабета Канческа - Милеска, претседателка на Одборот. Таа истакна дека во реализација на проектот ќе бидат вклучени сите ресори, а Министерството за култура има одвоено буџет од 20 милиони денари.
Извор: Утрински Весник

петок, 11 јули 2008

Култниот „Алан Форд“ повторно на македонски

Популарниот стрип „Алан форд“ на италијанскиот издавач „Макс бункер“ од август повторно ќе почне да излегува на македонски јазик, под капата на прилепската фирма „Варм комикс“, која го доби ексклузивното право за издавање на стрипот. Тој ќе излегува двапати месечно во пластифицирана корица со тврд повез и на тој начин изданието на култниот стрип ќе биде ексклузивно и колекционерско. Во Македонија „Алан Форд“ излегуваше на македонски јазик во 1994 година и во 1995 година, а тогашниот издавач „Етеа стрип“издаваше една редовна и една специјална серија од стрипот. Дејството на најпопуларниот стрип во поранешна Југославија се врти околу Дружината ТНТ и околу нивниот водач наречен Број Еден, а се создаде во ателјето на италијанските автори Роберт Равиола Магнус и Лучано Сечиј Бункер во 1969 година. Интересно за овој стрип е тоа што никогаш не беше преведен на англиски јазик.
Извор: Време

среда, 9 јули 2008

Започнува Прилепското културно лето

Со претставата „Песијазол“, во режија на Бранко Ставрев, вечерва започнува Прилепското културно лето. Претставата ќе биде изведена под отворено небо во дворот на цркавата „Св.Благовештение“ со почеток од 21.00 часот.
Прилепското културно лето предвидено е да трае два и пол месеци, а програмата содржи голем број на ликовни манифестации, циклус филмови, музички концерти, театарски перформанси, гостување на Македонската опера и балет, блуз фестивал на кој кој ќе бидат промовирани новите албуми на Влатко Стефаноски и Венко Серафимовски и многу други пропратни манифестации за кои ќе бидете навремено известувани.

недела, 6 јули 2008

Излезе стрип-списанието „Бијон бордерс“

Стрип-магазинот „Бијон бордерс“, единственото списание од ваков вид кај нас, деновиве излезе од печат во издание на Центарот за визуелна уметност „Визант“ од Прилеп. Од македонските стрип-мајстори во него се застапени: Горан Дачев, Иванка Апостолова, Миле Ничевски, Наташа Андреска, Димитриј Михајловски и Златко Крстевски. Во магазинот се наоѓаат и стрипови од познати стрип- мајстори од САД, Австралија, Германија, Канада, Словенија, Италија, Холандија, Хрватска, Црна Гора, Србија и од Естонија. Магазинот содржи 200 страници и корици во боја. За насловната страница на списанието се погрижи македонскиот уметник Атанас Ботев. Од „Визант“ најавуваат дека магазинот ќе биде промовиран на неколку меѓународни фестивали за стрип.
Извор: Време

петок, 4 јули 2008

„Music Event“ на Могила

Откажано!!!

среда, 2 јули 2008

Златен медал за Иле Ристески

Иле Ристески (71 кг) го освои златниот медал на Балканското првенство што се одржа во Охрид. Тој во К1 со убедлива победа од 3:0 го совлада Србинот Живковиќ и потврди дека е нашиот најдобар кик боксер во моментов.

Довчерашниот спонзор на Вардар, Брацо Вујчиќ и неговата компанија Уфа Медиа се нови спонзори на ФК Победа. Брацо, кого не го бие баш добар глас во фудбалскиот свет вети стабилизација на финансиски план и доведување на голем број нови фудбалери меѓу кои и неколкумина негови послешници од скопски Вардар. Тренер на екипата и понатаму останува Николче Здравески.

Ракометарите на Тутунски Комбинат сеуште се надеваат дека ќе играат во супер лигата и оваа година иако испаднаа од истата. Засега во игра е варијантата за купување на МРК Вардар кој доби право да игра во најквалитетната македонска ракометна лига или евентуално фузирање на овие два клуба при што седиштето би било во Прилеп.

Кошаркарскиот клуб Баскет се откажа од големите амбиции за директен влез во првата лига и создавање на конкурентен тим уште во првата сезона. Некоректноста дојде од здружението на прволигаши кои побараа 30.000 евра за купување на правото нашиот клуб да игра директно во првата лига. Со тоа пропаднаа и влегувањето на Витаминка како спонзор, доведувањето на Александар Петровиќ за тренер и неколкумина најквалитетни кошаркари од нашата лига.