сабота, 23 февруари 2008

Нови истражувања на Стибера

Истражувачките задачи на локалитетот Стибера, античкиот град на скулптурите, ќе почнат напролет, а Министерството за култура годинава одобри еден милион денари, со што овој локалитет ќе биде во фокусот на интересирањата на археолозите. - Стибера е антички град каде што постоеле работилници на скулптори и на вајари, и таму се откриени 70-80 отсто од античките статуи и скулптури зачувани во целост. Со повеќе заложба Стибера може да стане интересна туристичка дестинација, вели директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Минатата година таму беше пронајдена и статуа на херкуланка, стара 19 века, која во својот двор ја откопа Васко Дебрешлиоски од селото Чепигово. Меѓу проектите што Министерството за култура ги одобри на прилепскиот Завод и музеј се и истражувачките и конзерваторски работи на манастирот Трескавец со црквата „Успение на пресвета Богородица“. Овој манастир е меѓу стоте најзагрозени споменици во светот. Оваа година ќе почне и првата фаза за зачувување на фрескоживописот во црквата „Свети Никола“ во Мариово, единствен по ликовите на фреските големи и по два и пол метра. Работите на теренот почнуваат во март, а од прилепскиот Завод и музеј не беа подготвени да ни дадат какви било информации.- Не се комплетно завршени сите проекти за работа на терените. Деновиве ќе имаме поконкретна подготовка на стратегијата за работа и екипирањето на тимот што ќе работи, вели Гордана Даниловска-Спировска, директор на прилепскиот Завод и музеј. Издвоени се пари и за конзервација на дел од Маркови Кули, кои се на листата на природните реткости, како и за стабилизирање на Саат-кулата.
Извор: Шпиц

вторник, 19 февруари 2008

58 години од првата претстава во Прилеп

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ вечерва ќе одбележи 58 години од изведбата на првата премиера со која театарот ја почна својата дејност во 1950 година. Ансамблот ја почна работата со претставата „Кир Јања“ од Јован Стерја Поповиќ, во режија на Аце Михајловски. Од тогаш до денес, во оваа куќа се одиграни 350 премиери и речиси 7.000 претстави, пред околу еден милион и четиристотини илјади гледачи.
- Со бројните настапи на матичната сцена и со гостувањата во земјава и во странство, со наградите добиени на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и на други фестивали, може да се пофалиме дека прилепскиот театар бил школа за многу наши доајени-изјави Стојан Дамчески, директорот на театарот. Според него, театарот е квалитетно доекипиран со млади актерски имиња, кои како и нивните искусни колеги, може да излезат на крај со улогите во класичните и во современите драмски остварувања.
Проблем со кој во моментов се соочува театарот е просторното решение бидејќи ансамблот се уште работи во истите услови од пред шеесетина години.
- Иако со новата организација од пред неколку години театарот е дел од Центарот за култура „Марко Цепенков“ и ја користи големата сцена на домот, сепак на матичната сцена и на објектот им недостига целосно реновирање. Пожелно би било да се бара нова локација, но тоа засега останува само голема желба на театарските уметници - додава Дамчевски.
Театарот во моментов ја подготвува претставата „Глави“, според текст на Петар Петрески, во режија на Бранко Ставрев, прва од петте претстави што се на програмата за оваа година. Премиерата се најавува за крајот на март.
Извор: Време

сабота, 16 февруари 2008

КЛО

„КЛО“ се еден од најоригиналните музички бендови што потекнува од Прилеп. Бендот е составен од тројца музичари: Дејан Змејкоски (гитара, бас), Соња Димитриоска (вокали, флејта) и Александар Ников (гитара). Нивната музика нема дефиниција. Звукот на „КЛО“ се состои од комплексни гитарски текстури и интроспективен и етеричен вокал. Бендот е под влијание на „Mazzy Star“, „My Bloody Valentine“, „Cocteau Twins“, „Cranes“ и др. Моментално го спремаат нивниот прв албум, а имаат издадено и едно демо кое е снимено во доста лоши услови. Соња има соработувано со „Mooger Fooger“ на првиот и на последниот албум, додека заедно со Дејан учествуваа во првиот албум на Пиколомини. Минатата години учествуваа со една преработка во реиздавањето на албумот на култната македонска група од 80-тите, „Бастион“. Досега имаат само два акустични настапи во „Канал 103“ радио и во клубот „Лудница“. Неколку нивни нумери можете да слушните на нивната MySpace страна.

вторник, 12 февруари 2008

Мартиноски со прва победа во дејвис куп

Илија Мартиноски ја забележа првата победа во дејвис купот во вториот настап. Тој во неделата славеше над Лејниекс со 2:0 (6/3, 6/4) и беше дел од големиот триумф на Македонија над тенисерите на Летонија со 4:1. Мартиноски се искачи на АТП рејтинг листата и сега се наоѓа на 1106 место со шест бодови.
Одбојкарите на 11 Октомври триумфираа во Струмица на стартот од пролетниот дел на одбојкарското првенство. Тие ја победија домашната екипа на Струмица со 2-3 (24-26, 25-22, 22-25, 25-23, 12-15).
Екипата на Победа го продолжува тренажниот процес пред стартот на пролетниот дел од фудбалската сезона. Веќе се договорени повеќе контролни натпревари. Екипата ја напуштија повеќемина стандардни играчи, а беа ангажирани пред се непознати фудбалери од Србија и Босна. Со каков состав ќе настапуваат во продолжение сепак ќе знаеме наскоро кога ќе се дефинира точниот список на фудбалери што ќе го носат црвено-белиот дрес

понеделник, 4 февруари 2008

Почна акцијата за пошумување

Со засадување на дрвца во дворот на гимназијата „Мирче Ацев“ започна акцијата за пошумување на Македонија и во нашиот град. На 12 март е финалето на кампања, под мотото „Засади ја својата иднина“, која ќе кулминира со засадување 2 милиона садници. Раководител на акцијата е познатиот оперски пејач Борис Трајанов, а ќе учествуваат и други познати естрадни имиња како Каролина и Калиопи. Кампањата ќе има натпреварувачки карактер односно ќе се натпреваруваат градовите помеѓу себе кој повеќе садници ќе засади. Борис Трајанов ќе биде командант во Прилеп бидејќи и самиот има прилепско потекло, додека во Битола командант ќе биде Каролина Гочева. На самиот ден ќе има и музички концерти во сите градови со локални групи. Поддржете ја и вие акцијата. За подобра иднина на нашиот град.