понеделник, 25 мај 2009

Мото-тура Мариово 2009

05.06.2009:
10-12 Пристигнување и пријавување на учесниците на плоштадот „Александрија“ во Прилеп
12.00 Свечено отварање на мото турата
12.30 Брифинг околу возењето и оформување на колоната
13.00 Старт на турата- Прилеп-Мариово
14-15 Пристигнување во кампот, подигање и сместување
16.00 Забавна програма: (Пиворидарење, турнир во мал фудбал-државни екипи, кратки утакмици)
21.00 Прогласување на победниците (поделба на признанија и награди)

06.06.2009:
Будење и утринско кафе
10.00 Организирана тура низ Мариовскиот предел со посета на попатни места со туринг водич (посета на с.Витолиште, с.Манастир, с.Крушевица, с.Чаниште – организиран ручек за учесниците на Мото турата, Расимбегов мост – освежување)
16.00 Враќање во кампот
18.00 Мото игри (гимпкана, bite the weenie, push the barrel...)
20.00 Прогласување на победниците на Мото игрите (поделба на награди)
21.00 Забавно-културна програма

07.06.2009:
Будење со утринско кафе, расформирање на кампот, средување на околината од аспект на еколошка чистота
11.00 Тура: Мариово – Прилеп (Дом на Култура Марко Цепенков – голема сала)
12.00 Свечено затворање на Мото Турата

недела, 24 мај 2009

Ревија на модното студио „Менхетен“





























понеделник, 18 мај 2009

Денови на Крале Марко




недела, 17 мај 2009

Ќе продолжат истражувањата на локалитетот Стибера

Прилепските археолози годинава ќего истражуваат центарот на античкиот град Стибера. Со стручната екипа од Заводот за заштита на спомениците и музеј од Прилеп ќе раководат археолозите Лилјана и Костадин Кепески. Тие ќе работат речиси три месеци.
- Ќе ископуваме во централниот дел, западно од Хероонот и ќе го доотвориме објектот со култна намена што го откривме лани - вели Кепеска.Археолозите лани открија значајни скулптури на Стибера, меѓу кои три мермерни глави, скулптура на божицата Ника, портретот на младо момче Ефеб и помала скулптура од млада жена, без глава и нозе.

На локалитетот досега се откриени 28 споменици со натписи и 27 статуи. Истражувањата почнале во 1924 година, а со нив раководел српскиот археолог Никола Вулиќ. Античкиот град Стибера бил формиран во 4 век пред новата ера и доживеал процут во 2 век.
Истражувањата на античкиот град се дел од капиталните проекти на Владата. За годинашните истражувања се издвоени околу три милиони денари.
Извор: Дневник

Гостување на прилепскиот театар во Бугарија

Со претставата „Светилникот“ од Димитар Талев во режија на Владо Цветановски, прилепскиот Театар од 16 до 18 мај ќе учествува на фестивалот „Друмски театарски празници - нова бугарска драма” што ќе се одржи во Шумен, Република Бугарија.
Фестувалот во Шумен се одржува по 18-ти пат и има меѓународен карактер, со цел да го стимулира создавањето претстави по драмски текстови на бугарски автори. Учествуваат 13 театри од три земји. Прилепскиот театар ќе настапи на завршницата на фестивалот на 17 мај.
Ова е второ гостување на театарот надвор од земјава годинава, по неодамнешното претставување на „Тапани во ноќта” во Хрватска.
Извор: МИА

понеделник, 11 мај 2009

„Јане Задрогаз“ се враќа во Прилеп

По успехот на претставата „Од кол на кол“, режисерот Коле Ангеловски на сцената на прилепскиот театар го поставува текстот „Јане Задрогаз“ од Горан Стефановски. Премиерата ќе биде прикажана во четврток. Ангеловски посочува повеќе причини зошто се одлучил текстот на Горан Стефановски, по 30 години од неговото поставување во Драмскиот театар, повторно да го актуализира на сцената на прилепскиот.
- Текстот спаѓа во класиката на македонскиот театар и е еден од најубавите текстови во нашата драматургија. Составен е од приказни, поговорки, на кои Горан го инспирирало творештвото на Цепенков. Текстот сè уште е многу актуелен. И најважно и најзначајно е што прилепскиот ансамбл сега има таков состав и актерски потенцијал, што оваа претстава е измислена за неговата сцена - објаснува режисерот Коле Ангеловски.
„Јане Задрогаз“ ќе биде гледлива претстава, најавува режисерот.
- Не и е одреден жанрот, зашто во суштина тоа е бајка, приказна за еден народ, за лоша царица и змеј, кој му прави пакост на народот, за трите царски сина и за Јане, кој ќе го спаси народот. Сето тоа ќе биде поставено во една алегориска форма. Се менуваат многу емоции, многу слоеви. Оди од трагедија до многу смешни ситуации. „Јане Задрогаз“ ќе биде гледлива претстава, во која публиката ќе се препознае себеси и ќе ужива додека ја гледа - вели Ангеловски..
Костимограф е Зорица Тодороска, музиката ја напиша Оливер Јосифоски, а кореографијата е на Кренаре Невзати-Кери.

Ангеловски досега во прилепскиот театар има реализирано над 20 претстави, меѓу кои „Солунски патрдии“, „Молам за секс“, „Смешни пари“, „Кумови“ и други.

- Секогаш сум бил радосен кога сум доаѓал да режирам тука, иако зградата се распаѓа. Мирисот што го има театарот, овдешните луѓе прават да работам со големо задоволство. И да се чувствувам многу убаво - вели Ангеловски.
Извор: Нова Македонија

недела, 10 мај 2009

Галерија на отворено

Идејата од пред три години Прилеп - град на скулптури да прерасне во град со галерија на отворено заживува.
Дел од непроценливото богатство од над 300 скулптури, создавани педесетина години, кои го красат и ќе го красат Прилеп, облагородувајќи го централното градско подрачје, ќе си најдат соодветно место. Тоа е целта на проектот Галерија на отворено на локалната самоуправа и Центарот за современа ликовна уметност.
"Од веќе евидентираните и документирани 111 скулптури, за еден месец на соодветни и пригодни места ќе бидат поставени првите педесетина скулптури", вели Снежана Ристеска, советник за култура. Во моментот четириесетина скулптури во мермер, дрво и метал, изработувани од светски познати уметници - учесници на симпозиумите во рамките на Прилепското уметничко лето, го красат Прилеп и неговата околина и дел од фабрички кругови. "Но некои се и на несоодветно место, па целта е со проектот секое уметничко дело да се најде на вистинското место и со уметнички впечаток да го привлече вниманието на намерниците во Прилеп. Дел од вредното уметничко богатство од над 300 скулптури го красат и Градскиот парк во Скопје и во Битола", вели секретарот на Центарот за култура Диме Јанески, потенцирајќи дека четири скулптури од Прилеп се поставени и во Националната галерија во Скопје.
Извор: Вест

петок, 8 мај 2009

Избрани претставите за МТФ „Војдан Чернодрински“ 2009

Претставата „Свето срце“ од Љубиша Георгиевски, во продукција на Македонскиот народен театар, ќе го отвори 44. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој ќе се одржува од 5 ти до 11 јуни, соопшти денеска Петар Темелковски, претседател на Собранието на Фестивалот и селектор на програмата.
Од 28 понудени претстави на македонските театри, тој за официјалната фестивалска програма избрал десет, кои ќе се натпреваруваат за наградата за најдобра претстава на годинашната национална театарска манифестација.
Покрај „Свето срце“, во трка за наградите се и претставите: „Црна се чума зададе” на Битолскиот театар, „Глогов жбун” на Штипскиот, „Тапани во ноќта“ на домаќинот - театарот од Прилеп, „Последниот ден на Мисирков” во продукција на Народниот театар од Струмица, „Кинегонда во Карлаленд” на Драмски театар-Скопје, „Тетовирани души” на Кумановскиот театар, „Тероризам“ на Народниот театар од Велес, „Албански ноќи” на Албанскиот театар - Скопје и претставата „Сијах Калем” на Турскиот театар - Скопје.
Наградата за животно дело, според одлуката на Собранието на МТФ „Војдан Чернодрински“, ќе ја добијат актерите Димитар Костов од Македонскиот народен театар и Љубица Гојковиќ од Народниот театар Куманово.
- Со радост констатирам дека театарот во Македонија оди по нагорна линија, творечки заздравува. Се трудев да ги одберам најдобрите претстави од тие што ги гледав, според мојот концепт. Оваа година ќе имаме пет-шест текстови од домашни автори, што е и целта и непишано примарно значење на овој фестивал, истакна Темелковски на прес-конференцијата. Претставите тематски и жанровски се различни и тој се надева дека понудената програма ќе го задоволи истенчениот театарски вкус и остриот критериум на публиката.
Во придружниот дел на фестивалската програма ќе има пет до осум претстави кои дополнително ќе бидат утврдени. Се договараат и четирите теми за кои ќе се дискутира, а ќе ги опфатат аспектите и проблемите на театарското творештво.
Во чест на актерите кои ќе ги освојат наградите на 44. фестивалско издание, на свеченото затворање Драмски театар ќе ја изведе претставата „Лебедова песна“ од Чехов во режија на Бранко Ставрев, која премиерно беше изведена на матичната сцена пред една недела.
Македонскиот театарски фестивал нема финансиски проблеми и ја има поддршката на Министерството за култура и прилепската локална самоуправа, кои се негови покровители.
Извор: МИА

четврток, 7 мај 2009

Прилеп-лулка на културата

Во „Galerie du Crabe“ -Jodoigne-Белгија, од 2 - 25 мај, центарот за визуелни уметности „ВИЗАНТ“ ги промовира визуелните материјали: постер, плакат и поштенски картички со наслов „Прилеп-лулка на културата“. Преку овие материјали се промовира манастирскиот и црковен туризам.
-Промовирањето на Прилеп - неговиот културен идентитет, неговата околина како атрактивно место со идеални услови и потенцијали за заживување и понатамошен развој на локален туризам каде придобивки би имала самата локална заедница како дел од една услужна економија, така и за потенцијалните туристи, истата би претставувала и нова иницијатива за креирање на локалната туристичка политика вели Златко Крстевски.
Извор: Culture.in.mk

недела, 3 мај 2009

Мораториум IV

Мораториум IV

Едит: Фестивалот е преместен во клубот „Апореа“ поради неповолна временска прогноза. Во меѓувреме додадени се уште два други бенда: „Токсик“ од Прилеп и „А.Т.А.“ од Битола