среда, 28 мај 2008

Иднината е во сегашноста

вторник, 27 мај 2008

Настап на Суперхикс на „Могила“

Популарниот македонски ска-состав „Суперхикс“ в четврток ќе настапи во Прилеп во спортско-рекреативниот центар „Могила“.
Прилепчани и сите обожаватели на нивната музика за време на свеченото отварање на овој спортски центар за прв пат ќе можат во живо да ги чујат нумерите од нивниот последен албум „И сега што“?.
Покрај „Суперхикс“ на сцената ќе се појават и нивни специјални гости. Засега од бендот не откриваат за кого станува збор, само велат дека гостите стопроцентно ќе го зачинат концертниот спектакл.
По официјалната промоција на албумот во Скопје, членовите на „Суперхикс“ заминаа во Нови Сад, Србија, каде што заедно со легендарните „Партибрејкерс“ ја кренаа десетилјадната публика на нозе.
Извор: Кирилица

четврток, 22 мај 2008

Партерно уредување на плоштадот околу Домот на култура

Плоштадот е проектиран како плато поплочено со гранитни плочки, простор за играње на шах, постаменти за споменици, површини со високо.средно и ниско зеленило, и клупи за седење и одмарање. На целиот архитектонски пристап во решавањето на задачата, му е даден модерен третман, со примена на уметничка нишка (примена на кубистички волумени) а со цел поврзување со архитектурата на самиот објект на Домот на културата. Плоштадот е логично продолжување на веќе изградениот плоштад “Александрија”.

Ракометарите на Тутунски отпаднаа од првата лига

Тажна вечер за прилепскиот ракомет
Градот кој што дал голем број ракометни имиња остана без претставник во ракометната супер лига. Зборовите се излишни. Оваа сезона ја немаше атмосферата која се создаваше на нивните натпревари во салите „Македонија“ и „Тутунски Комбинат“. Освојувач на купот, неколкукратен финалист, секогаш на врвот од осамостојувањето, клуб со голема традиција и верни навивачи. Тутунски Комбинат. После срамното менување на името го доживеа и дното. Се остварија многугодишните напори на Трифун Костовски, Михајло Михајловски и браќата Начевски да го згаснат ракометен Прилеп.
Сепак ние не се предаваме. Посилни сме од нив. Ракометот ќе живее секогаш во Прилеп и другата година се враќаме посилни од кога и да е. Во добро и лошо, напред Тут-Ком!

среда, 21 мај 2008

Кич?

вторник, 20 мај 2008

Сите на велосипед


10 години Апореа фестивал

По повод десетгодишнината од постоењето, рок клубот Апореа организира тридневен фестивал на 23, 24 и 25 Мај. Првата вечер е во петок и ќе гостуваат Мизар, Фолтин и Total Gym (Ex Seth), во сабота е DJ Вера Јанкович која ќе пушта ретро звук во сигурно најсиромашната вечер од овај мини фестивал. Последната вечер е посветена на прилепските бендови Inhibit, Pilgrims, Crossroad Blues Band и Stereо Condoms. Влезницата е 50 денари освен за во петок кога е 100 денари и влезот е со резервација однапред.

понеделник, 19 мај 2008

Мото тура - Мариово 2008

Здружение на мото-ентузијасти и љубители на природните убавини „Мото Туринг“ со цел промовирање на мото-туризмот во Македонија ја организира првата мото тура Мариово 2008. Турата е опишана како 3-дневно (23, 24 и 25 Мај) дружење и запознавање со природните убавини на Мариовскиот регион, збогатено со релаксиранао возење, кампување во прекрасните ливади, акустична музика покрај логорски оган, локални специјалитети, пиво, вино...
Пријавувањето е во тек, а доколку сте заинтересирани можете да ја погледнете и програмата за тие три дена. На сите учесници им посакуваме пријатен помин и убаво време.

Второ место во светот за четворица прилепчани на натпревар по екологија

Во конкуренција на 375 екипи од 48 земји во светот четворица средношколци од Прилеп го освоија второто место на меѓународниот натпревар по екологија во Шведска што го организираа Обединетите Нации и корпорацијата „Волво“. Финалето се одржа од 9 до 14 мај.

Приказната за „Последните биволи во Македонија“ ги направи Катерина Николоска, Александра Ацеска, Славко Попоски и Симона Зероска од прилепското училиште „Орде Чопела“ славни во светот меѓу своите врсници, кои заедно со својот професор Наталија Ацеска неодамна се вратија со многу впечатоци и задоволни со успехот што го постигнаа.

„Ова е неверојатно искуство. Ја претставивме Македонија во најдобро светло, им раскажавме со какви богатства располага нашата татковина. Ова е поттик за нови проекти и за поголема заштита на животната средина“, велат учениците се уште под импресии, додавајќи дека „се чувствуваат како филмски ѕвезди кои добиле оскар. Така и не третираа во Шведска“.

Средношколците денеска беа примени од прилепскиот градоначалник Маријан Ристески.

„Убаво е чувството дека правиш нешто многу корисно воопшто за планетата Земја. Проектот беше необичен и за жирито“, изјави професорката Наталија Ацеска горда на успехот на своите ученици.

Четворицата средношколци цела година работеа на темата за биволите од селото Дебреште каде 13-те женки три години не родиле подмладок, соочувајќи се со изумирање. Спроведоа и кампањи во основните училишта за промовирање на оваа проблематика. Веднаш потоа на семејството одгледувачи, швајцарската амбасада им донираше машки бивол, па се роди и првото младенче.

Сега приватна млекарница е заинтересирана да го откупува млекото од биволите и да почне со производство на првата македонска моцарела. Вака го објаснуваат проектот учениците со кои ги воодушевија организаторите на светскиот натпревар во Шведска.

Паричната награда за освоеното второ место на овој меѓународен натпревар по екологија изнесуваше 6.000 долари.
Извор: А1

сабота, 17 мај 2008

„Тапани во ноќта“ на Брехт премиерно во Прилеп

Претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт во режија на младиот битолски режисер Мартин Кочовски, својата премиерна изведба ќе ја доживее вечерва во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Приказната е лоцирана на 14 јануари 1921 во Берлин, кога се случува крајот на Спартанистичкото востание против власта. Војник, оптоварен со сите специфики на поствоениот синдром по Првата светска војна, се враќа дома со надеж дека барем љубовта останала. Но, војната оставила траги и во животот на неговата сакана...

Режисерот Мартин Кочовски вели дека станува збор за ансамбл претстава во која 17 актери се постојано на сцената. „Тоа е спецификата, затоа и ретко кој театар продукциски може да го издржи Брехт. Претставата зрачи со брилијантна актерска игра, има многу пеење, танцување... Екипата има огромна инспирација, волја и енергија која зрачи од сцената. Успеавме да ја постигнеме прочуената слоевитост на Брехт“, истакнува Кочовски.

Во подготовката на овој проект, освен младиот ансамбл на матичната театарска куќа, гостува битолската актерка Илина Чоревска. Музиката е на групата „Фолтин“, сценографијата ја подготви Филип Јовановски, додека задолжена за 100-те костими во претставата е Јулијана Војнова-Најман.
Извор: Утрински Весник

четврток, 15 мај 2008

Dedicated for Life во Апореа

Во недела на 18.05 во клубот „Апореа“ гостува една од нашите најдобри метал групи „Dedicated for Life“. Тие пред прилепчани ќе го промовираат нивните втор студиски албум „Another Dawn“. Првиот албум на ДФЛ „By all means“ можете да го преземете од овде. Ова ќе биде нивна трета промоција после првиот концерт во Скопје и синоќешниот во Куманово. Во составот на оваа скопска група членува и гитаристот Бобан Петрески од Прилеп, кој свири и во „Морталити“. Настапите низ Македонија се одлична подготовка за овај бенд пред нивниот настап на големиот метал фестивал во соседна Србија, „Castle Fest-Smederevo“.
Албумот „Another Dawn“ ќе може да се купи по цена од 250 денари. Освен тоа ќе се продава и друг рекламен материјал на групата како маици, пришивачи и беџови. Влезот е 50 денари, додека стартот е околу 23.00 часот.

среда, 14 мај 2008

Споменик на Итар Пејо

Споменикот на Итар Пејо треба да се постави во старата чаршија, во близина на Градскиот саат кај старата фонтана. Моментално тој простор е запуштен и ја нагрдува сликата за центарот на градот. Овај споменик би требало добро да се вклопи знаејќи дека голем број од анегдотите поврзани со Итар Пејо се одвивале токму во старата прилепска чаршија. Освен тоа овај простор би претставувал и летна сцена за културни, драмски и музички дела. Можете да погледнете како изгледа идејното решение:

среда, 7 мај 2008

Промовирана програмата за „Војдан Чернодрински“

Со претставата „Далај Мама“ од Љубиша Георгиевски, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на битолскиот народен театар, на 6 јуни на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се крене завесата на 43-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во текот на следните 6 фестивалски дена во официјална конкуренција ќе бидат изведени уште 9 претстави на македонските театри: „Комедија од грешки“ од Шекспир, во режија на Владлен Александров, а во изведба на струмичкиот театар, театарот на градот домаќин ќе го изведе проектот „Светилникот“ од Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски. „Женички“ од Тунџер Џуџеноглу, во режија на Наташа Поплавска е претставата на турскиот театар од Скопје, а МНТ ќе ја изведе драмата „Дракула“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанаќиевиќ. „Импресарио од Измир“, од Карло Голдони, во режија на Ахмет Јакупи е проектот на тетовскиот театар, „Супернова“ од Лори Андерсен во режија на Златко Славенски е претставата со која ќе учествува Драмски театар од Скопје. Велешкиот народен театар ќе ја изведе претставата „Да се заборави Херострат“ од Григориј Горин, во режија на Зоја Бузалкова, а последните фестивалски денови ќе бидат изведени претставите „Војцек“ од Георг Бихнер, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на албанскиот театар и „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Дејан Пројковски од штипскиот театар.

„Публиката ќе може да проследи еден колорит од театарски претстави од сите жанрови, кои се потврда дека македонскиот театар се движи по една нагорна линија. Млади актери и млади режисери ќе доминираат и на овој фестивал“, вели Петар Темелкоски, уметничкиот директор на фестивалот.

Во придружната програма ќе бидат изведени 3 претстави: „Приказна за Роланд Кловнот од Мек Доналдс“ од Родриго Гарсија во режија на Софија Ристевска, „Сердарот засекогаш љубов“ во режија на Тихомир Стојаноски, а во копродукција на велешкиот и театарот „Скрб и утеха“ и испитната претстава по актерска игра на втора година во класата на професорот Кирил Ристоски.

Како што вели Темелкоски секој ден на пладне ќе се одржи и по една трибина на конкретна тема.

„Се уште не се дефинирани темите, ниту модераторите, промоторите, а не е утврден ниту составот на жири комисијата.Но, важно е дека Прилеп ќе живее театарски живот полни 24 часа, ќе има доволно културна понуда, дневно ќе можат да се следат и по три претстави“, потенцира Темелкоски.

Инаку годинешни добитници на наградите за животно дело се тројца истакнати театарски работници: Кирил Андоновски од МНТ- Скопје и Лидија Иваноска и Благоја Ивчески, двајцата актери од прилепскиот народен театар.

Со свечено доделување на наградите фестивалот ќе биде затворен на 12 јуни, кога во чест на наградените ансамблот на Драмски театар ќе ја изведе претставата „Комшилук наопаку“ од Нина Митровиќ, а во режија на Нени Делместре.
Извор: Утрински весник