понеделник, 31 март 2008

Злато и бронза за Ристески

Иле Ристески освои бронзен медал во поединечна конкуренција и беше дел од екипата на македонската репрезентација која се закити со златен медал во дисциплината аеро таи бокс на светското првенство во тајландски бокс што се одржа во Бугарија.
Фудбалерите на Победа повторно разочараа и играа само 1:1 со последнопласираната екипа на Цементарница. Голот за Победа го постигна Гешоски кој при крајот се повреди. Во следното коло играме со Башкими во Куманово.

среда, 26 март 2008

Ѓорѓи Крстевски на велосипед низ Македонија

Денеска започнува турнејата на Ѓорѓи Крстевски со велосипед низ Македонија, која ке опфати 15 градови. Турнејата ќе започне од плоштадот Македонија во Скопје во 12 часот.
Турата е под мотото „Моето име е Македонија“ и е во негова сопствена режија, и не е подржана од ниедна политичка партија, компанија или било каква институција. Од свое име Ѓорги на секој град кој ќе го посети, ќе му додели статуетка на која ќе биде изгравирано мотото „Моето име е Македонија“, во чест на нашата земја.
Турнејата ќе трае 7 дена, а неговото пристигнување во Скопје е планирано за 2. април, на денот на запоќнуванје на самитот на НАТО .

Пристигнувања:
Велес, среда , 26. март, во 14 часот
Штип, четврток, 27. март, во 12 часот
Струмица, четврток, 27. март, во 15 часот
Гевгелија, петок, 28. март, во 12 часот
Неготино, петок, 28. март, во 16 часот
Кавадарци, петок, 28. март, во 16 часот
Прилеп, сабота, 29. март, во 13 часот
Битола, сабота, 29. март, во 15 часот
Ресен, недела, 30. март, во 13 часот
Охрид, недела, 30. март, во 15 часот
Струга, понеделник, 31. март, во 12 часот
Кичево, понеделник, 31. март, во 15 часот
Гостивар, вторник, 1. април, во 15 часот
Тетово, среда, 2. април, во 11 часот
Скопје, среда, 2. април, во 14 часот

недела, 23 март 2008

Монодрамата „Филип II“ повторно во Прилеп

Во вторник во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена монодрамата „Филип II“ на актерот Петар Темелковски. Овај проект минатата година беше претставен во нашиот град но сега повторно ќе биде изведен во рамките на турнејата „Дознајте ја вистината“ која е помогната од агенцијата за млади и спорт. Почетокот е во 19.30 часот. Влезот е слободен.

сабота, 22 март 2008

Помогнете им на Андријана и Менде

Ние сме семејство Ристески од Прилеп, кое е засегнато од еден огромен проблем. Нашите две дечиња, Андријана и Менде, се болни од една ретка болест (Ataksija Telengiektazija), а за проблемот да биде уште поголем, овој наш случај е едниствен во Македонија и не постои компетентен стручен медицински кадар кој што може да влијае врз подобрување на состојбата на нашите деца. Тргнувајќи од фактот дека ова е прилично нова болест и на светско ниво, единтвени моментални пробни третмани се вкучени во проектот кој с еизведува во болницата "John Hopkins" во Балтимор. Оваа година во мај е закажана операција која чини над 120 000 $ , но за жал, тоа е преголема сума за нашата фамилија. Операцијата е закажана за 5ти мај 2008.
Затоа, сме принудени, да ве замолиме, доколку сте во можност да ни помогнете на било каков начин, ние би Ви биле бескрајно благодарни. Секоја помош е значајна и добредојдена. Знајте дека со ова ќе помогнете да се спасат животите на две дечиња, Менде 12г, и Андријана 17г, кај кои болеста многу брзо напредува и секој момент е драгоцен.
Со цел да им се помогне се отворени следниве жиро сметки:

Андријана Ристеска
ж-ка 300021000004948

Менде Ристески
ж-ка 30021000004851
во Комерцијална Банка, Прилеп

и телефонскиот број 070-143-143


Кристина Арнаудова за Андријана и Менде:
Андријана и Менде ги запознав пред неколку години...нивната мајка, иако никогаш лично не ме запознала, од немајкаде, собрала сили да ми се јави за да ме замоли да им помогнам во малата хуманитарна акција која заради црната судбина која ја снашла, се трудеше да ја реализира. Ми раскажа на кратко за нејзините две дечиња кои боледуваат од болест, која за жал е многу ретка и единствена на овие простори...од мигот кога се родиле, семејството Ристески се бори со болеста, живее и постои само со надеж дека еден ден Андријана и Менде ке живеат нормален живот...барем малку ќе ја почувствуваат радоста да се биде дете, да се има другарчиња...да се живее без страв. Срцето ми се кинеше, што не можев да и кажам, еве јас ке ви помогнам...незнаев како. Допринесов само со тоа што учествував во видео спотот со кој апелиравме до луѓето, да ги отворат своите срца, и да им помогнат, кој колку може... Целиот текст...

вторник, 18 март 2008

„Јас сум од Титов Велес“ во Прилеп

Филмот „Јас сум од Титов Велес“ на режисерката Теона Стругар Митевска вчера премиерно беше прикажан во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Проекцијата на „Јас сум од Титов Велес“ беше од 20 часот во големата сала на Домот. На премиерното прикажување пред прилепчани присуствуваа и дел од екипата на филмот: режисерката Теона Стругар Митевска, актерката Лабина Митевска и дел од продуцентската екипа.
Прилепчани ќе имаат можност филмот да го гледаат и наредните денови зашто ќе се прикажува до 23 март.
Извор: МИА

сабота, 15 март 2008

Изложба на Мариета Сидовски

Во галеријата при Домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена самостојната изложба „Земја од соништата“ од ликовната уметница Мариета Сидовски. Ќе бидат презентирани 44 дела - објекти изработени на дрво, во комбинирана техника со природни материјали настанати во периодот од 2006 до 2008 година.

среда, 12 март 2008

Што мислите за општинскиот веб портал?

Можете да одговорите на анкетата од десната страна на блогов, а коментарите оставајте ги овде. Понудени се следниве три опции:
  1. Супер е (22 гласови)
  2. Не го бива (13 гласови)
  3. Не е толку лош (6 гласови)

понеделник, 10 март 2008

Засади ја својата иднина

Во среда на 12 Март ќе се одржи акцијата „Засади ја својата иднина“ со која ќе бидат засадени околу два милиони нови садници. Воедно истиот ден е прогласен за ден на дрвото и е неработен, па се повикуваат сите жители да земат масовно учество и да помогнат да успее оваа акција. За Прилеп се обезбедени 20 автобуси кои ќе поаѓаат од сите средни и основни училишта како и од пред општината во 8.30 и 10.00 часот. Автобуси за назад ќе има на секои два часа. Местото на пошумување е во близина на селото Алинци. Вклучете се и бидете дел од новата, побогата со дрвја Македонија. Сепак, тоа е за наше добро.

Прочка 2008 (Слики и Клипови)

Бидејќи немаме автентични фотографии ќе се послужиме со постови од другите блогови:

сабота, 8 март 2008

Прочка 2008

Со учество на над илјада учесници со 250 маски во недела во Прилеп ќе се одржи годинашниот седми по ред интернационален карневал „Прочка 2008 „. Низ булеварот ќе продефилираат бројни маски од Прилеп, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Србија и Грција. На вчерашната прес конференција организаторите Здружението „Прилепски мечкари“ и општина Прилеп соопштија дека маскараданата атмосфера ќе почне в сабота на плоштадот „Александрија“ со парада на мажоретките и градскиот оркестар и дефиле на странските маскирани групи. Воедно во сабота ќе биде отворена и ликовна изложба на цртежи на тема“Маски“ изработени од прилепските ученици. На отворањето на манифестацијата, сабота во 19 часот, ќе се одржи пригодна културно- уметничка програма. Фондот на награди за годинашниот карневал изнесува 58 илјади денари.
Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески вели дека со оваа манифестација се продолжува долгогодишната традиција.
“Карневалот е можност преку маска и шега да се продолжи традицијата. Очекуваме бројни гости да го проследат карневалот кој финансиски освен општината со 200 илјади денари го поддржа и Министерството за култура“, вели градоначалникот Ристески.
Од Здружението “Прилепски мечкари“ велат дека досега пријавиле учество маскирани групи од земјава и странство.
“Шест месеци ги реализираме активностите за карневалот. Очекуваме да помине во најдобар ред и да пристигнат пријавените маски од земјава и од Словенија, Црна гора, Бугарија“, вели претседателот Ванчо Георгиев. Етнологот Александар Цветкоски, член на жирито, вели дека очекуваат годинава фестивалот да биде најбогат.
“Годинашната манифестација очекуваме да биде најбогата, да понуди препознатливи маски кои ќе ја одразуваат традицијата. Жири комисијата ќе ги оценува маските според општиот впечаток, уметничкиот квалитет, вложениот труд за изработката на маските и драмските елементи“, вели Цветкоски. Празникот Проштени Поклади, наречен “Прочка“ е првиот предвесник на големиот Христијански празник Велигден и го означува предвечерието на Големите пости за пречек на датумот на Христовото воскресение.
Извор: Нова Македонија

петок, 7 март 2008

Златко Крстевски изложува во Москва

На меѓународната изложба "ГАЛЕРИЈА 21" во Москва, на тема "Акумулација" учествува и ликовниот уметник Златко Крстевски. На изложбата, која ќе трае до 20 март, учествуваат и уметници од САД ,Франција, Австралија, Белгија, Германија, Јапонија, Русија, Уругвај и од Италија. На изложбата секој уметник учествува со рачно изработена уметничка книга во еден единствен тираж. „Учествувам со минијатурен речник, посветен на македонските темплари, во кој се жигосани 100 печати - симболи на средновековна Македонија, испреплетени со урбани елементи, отцртувајќи го македонскиот идентитет“, вели Крстевски.
Во 2007 година тој ја доби третата награда во Копер, Словенија, на изложбата на цртеж , како и специјална награда за цртеж во Нанџинг, Кина.
Извор: Вест

Се подготвуваат „Барабани во ноќта“ и „Глави“

Претставата „Барабани во ноќта“, по текст на Бертолд Брехт, а во режија на Мартин Кочовски, почна да се подготвува во Прилепскиот театар. За два месеца, прилепската театарска публика ќе може да види два нови проекта, најавува Стојан Дамчевски, директор на прилепскиот театар. Ова е втор проект што се подготвува во Прилепскиот театар од почетокот на годинава. Во завршна фаза се и подготовките на претставата „Глави“ по текст на Петар Петрески, во режија на Бранко Ставрев. Сценографијата за претставата „Барабани во ноќта“ ја работат Јулијана Војкова - Најман, а музиката е на Марјан Нечак. Во претставата гостува актерката Илина Чоревска од битолскиот театар, а во проектот играат младите актери на театарот.
Извор: Време

среда, 5 март 2008

Јованоски најдобар светски параглајдерист

Мартин Јованоски со само 17 години успеа да се искачи на првото место на светската ранг листа во параглајдерство во дисциплината прецизно слетување на цел. Оваа година тој победи на светскиот куп во Перник, беше втор во Крушево и трет во Хрватска и на светскиот куп во Литванија. Зад него останаа многу поискусниот Словенец Матјаж Ферарич и Србинот Зоран Петровиќ. Благодарение на него и Македонија се најде на одличното трето место во таа дисциплина. Јованоски беше прогласен и за најдобар спортист на Воздухопловната федерација на Македонија. Член е на параглајдерскиот клуб Делта од нашиот град од кој редовно произлегуваат успешни спортисти.

вторник, 4 март 2008

Пренамена на „Дом на АРМ“

Со саботното гостување на „Мизар“ во Прилеп, поточно во клубот „Апореа“ повторно се отвори долгогодишното прашање кога во Прилеп ќе се направи добар концертен простор?
Минатата година, општина Прилеп го зеде под своја власт „Домот на АРМ“ или како што е познат меѓу нас „Офицерски“. Намерата е овај објект да биде реновиран и доизграден за да би се користел како нова општинска зграда. Во меѓувреме одлично се најде за организирање на повеќе концерти и свирки како: „Од нас за Прилеп“, „Прилепски заговор“, „Winner Fest“, „Al&The Black Cats“, „Smut & Marrachash Orchestra“ и др. Не дека е кизнеј какво место но лично мене ми се допаќа андерграунд изгледот иако потсетува на комунистичките касарни бидејќи да не заборавиме за што служел претходно. Кога свиреја „Паркети“ кажаа дека тоа било најдоброто место каде што свиреле последно време. Или се зафркаваа со нас?
И сега доаѓаме до поентата на овај пост. Зошто да не се размисли со паметно вложување наместо општинска зграда овај простор да стане место за музички случувања. Нешто како „Дом за млади“ каде што би се искористиле и придружните простории како библиотека, место за изложби или собири на литературни друштва. Мислам дека просторот и не одговара баш за општинска зграда иако се наоѓа во центарот на градот. Подобро би било локалните власти да изградат потполно нова зграда на местото каде што се наоѓа сегашната. Така и оние малку љубители на алтернативната музика би добиле место каде почесто ќе уживаат во настапи на квалитетни музичари. Подобра изолација, реновирање, вентилација и уште мал милион други работи кој треба да се заменат во постојниот „Дом на АРМ“ се сепак голема инвестиција. Но кога може да се одвојуваат пари за други проекти не гледам причина зошто да не се инвестира во еден ваков објект. Го заслужуваме тоа, нели?

понеделник, 3 март 2008

Лош спортски викенд

Силекс-Победа 1:0
На стартот од пролетниот дел од фудбалското првенство фудбалерите на Победа доживеаја непријатен пораз во Кратово. Подмладениот и речиси нов тим на црвено-белите не успеа да ги израдува своите навивачи против слабиот состав на Силекс. Голот за домаќините го постигна Заревски во 44 минута. Следниот викенд го пречекуваме незгодниот тим на Напредок од Кичево.

Вардар Осигурување-11 Октомври 3:0
Одбојкарите на 11 Октомври се поразени на гостувањето во Скопје со 3:0 (25:18, 25:16, 25:16). Со тоа продолжуваат релативно слабите резултати во првата лига ако се знаат големите амбиции пред стартот на сезоната.

Пролет-Тутунски Комбинат 25:24
Уште една наша екипа беше поразена во Скопје. Овојпат тоа беа ракометарите на Тутунски Комбинат кои повторно изгубија од Пролет минимално со еден гол како во есенската полусезона. Пред стартот на продолжувањето од ракометната лига беше донесена мизерна одлука со која долгогодишното име беше променето во глупавото, кретенското, идиотското „ВИП 2007“ кое се надеваме дека нема да продолжи да се користи во иднина.

сабота, 1 март 2008

Премиера на „Приказна за војникот“

Во недела на сцената на народниот театар „Војдан Чернодрински“ во 11.00 часот ќе се одржи премиерата на претставата „Приказна за војникот“ која е во реализација на театарската работилница на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Режисер е Игор Трпчески по текст на Шарл Ф. Рами, кореографијата е на Кире Миладиноски, сцената и костимографијата се на Бојана Артиновска, а музика е на Игор Стравински. Во претставата учествуваат младите актери: Бобан Алексоски, Илија Волчески, Теодора Костадиноска, Елена Ристеска, Ангела Димоска и Наталија Трајкоска.

Мизар во Прилеп

Вечерва во клубот „Апореа“ свој концерт ќе одржи култната Македонска група „Мизар“. Тие пред прилепската публика ќе го претстават својот најнов албум „Поглед кон цветната градина“. Нема сомнение дека Горан Таневски, Горазд Чаповски и останатите членови на бендот ќе дадат се од себе да се прикажат во најдобро светло и на вистински начин да го приближат својот последен проект пред своите фанови. Претходно, на крајот од минатата година тие имаа голем концерт во Универзалната сала во Скопје. Влезот е 80 денари, а почетокот ќе биде околу 23.00 часот.