вторник, 4 март 2008

Пренамена на „Дом на АРМ“

Со саботното гостување на „Мизар“ во Прилеп, поточно во клубот „Апореа“ повторно се отвори долгогодишното прашање кога во Прилеп ќе се направи добар концертен простор?
Минатата година, општина Прилеп го зеде под своја власт „Домот на АРМ“ или како што е познат меѓу нас „Офицерски“. Намерата е овај објект да биде реновиран и доизграден за да би се користел како нова општинска зграда. Во меѓувреме одлично се најде за организирање на повеќе концерти и свирки како: „Од нас за Прилеп“, „Прилепски заговор“, „Winner Fest“, „Al&The Black Cats“, „Smut & Marrachash Orchestra“ и др. Не дека е кизнеј какво место но лично мене ми се допаќа андерграунд изгледот иако потсетува на комунистичките касарни бидејќи да не заборавиме за што служел претходно. Кога свиреја „Паркети“ кажаа дека тоа било најдоброто место каде што свиреле последно време. Или се зафркаваа со нас?
И сега доаѓаме до поентата на овај пост. Зошто да не се размисли со паметно вложување наместо општинска зграда овај простор да стане место за музички случувања. Нешто како „Дом за млади“ каде што би се искористиле и придружните простории како библиотека, место за изложби или собири на литературни друштва. Мислам дека просторот и не одговара баш за општинска зграда иако се наоѓа во центарот на градот. Подобро би било локалните власти да изградат потполно нова зграда на местото каде што се наоѓа сегашната. Така и оние малку љубители на алтернативната музика би добиле место каде почесто ќе уживаат во настапи на квалитетни музичари. Подобра изолација, реновирање, вентилација и уште мал милион други работи кој треба да се заменат во постојниот „Дом на АРМ“ се сепак голема инвестиција. Но кога може да се одвојуваат пари за други проекти не гледам причина зошто да не се инвестира во еден ваков објект. Го заслужуваме тоа, нели?