понеделник, 28 јануари 2008

„Fighting Windmills“ во Апореа (27.01.2008)






















четврток, 24 јануари 2008

„Прилепски мечкари“ на карневал во Перник

Здружението „Прилепски мечкари“ замина во Перник, Република Бугарија каде викендов ќе учествува на 17-тиот традиционален карневал „Сурва“ што се одржува во овој град. Нашето здружение е редовен учесник во Перник, град на дваесетина километри од Софија со голема традиција и добро познат на меѓународната мапа на карневали.
Инаку во тек се подготовките за карневалот во Прилеп-„Прочка“ 2008, кој станува традиционален секоја година на овој празник. И годинава ќе има доста учесници како од Македонија така и од странство. Карневалот од 2006 година е влезен во Асоцијацијата на Европски Карневалски градови на Европа. Повеќе за традицијата на „Прочка“ во Прилеп, прочитајте овде

вторник, 22 јануари 2008

Чибукот на рускиот цар е во Прилеп

Чибукот на рускиот цар Николај Романов и лулето на надвојвотката Ана Хабсбург, табакери и бурмутници на турски паши и бегови, на познати европски личности, но и на морнари... Се ова е дел од единствениот Музеј за тутун на Балканот, кој се наоѓа во Прилеп.
Музејот е сопственик и на единствената балканска збирка од околу 600 каширани фотографии и на оригинални графики од 18, 19 и од почетокот на 20 век. Во Музејот се чува и вториот примерок на книгата "Табакологија" од германскиот научник Јоханес Неандер од 1626 година. Првиот примерок од оваа книга е во Ватикан.
Музејот, кој е дел од комплексот на Институтот за тутун, има 2.500 експонати за уживање тутун, од кои 660 се ретки примероци, постојано изложени за посетителите од земјава и странство. Дел од оваа единствена збирка која само минатата година ја посетиле над 3.700 гости, дипломати и високи претставници, се примероци кои некогаш биле во сопственост на познати јавни личности.
Според кустосот Александар Цветкоски, од 1973 година, кога е отворен Музејот, за набавка на експонатите од речиси цел свет тогаш се потрошени шест милиони евра.
- Збирката е бесценета. Во оваа форма е поставена во 1994 година. Музејот наскоро ќе биде посебна туристичка атракција за странските посетители кои поминуваат низ Македонија. Предвидено е Музејот да организира и Ден на тутунот во чии рамки посетителите ќе имаат можност да берат, нижат и калапат тутун, вели Цветкоски.

Статија на „Вечер“

понеделник, 21 јануари 2008

„Влатко Стефановски трио“ хуманитарно во Прилеп

Членовите на „Влатко Стефановски трио“ на 3 февруари ќе одржат хуманитарен концерт во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, од кој средствата ќе бидат наменети за помош на општата болница во градот, поконкретно за гинеколошко-акушерското одделение каде што е роден Влатко Стефановски. „Идејата на Влатко е да се заблагодари на високото признание, наградата ’3 Ноември‘ што му беше врачена минатата година“, информираа од „Авалон продукција“. Патем, Стефановски заедно со триото моментално е концентриран на работата во студиото „Езотерија“ каде што го подготвува својот нов албум, кој ќе биде ориентиран кон стандардниот блуз.
Извор: Утрински Весник

сабота, 19 јануари 2008

Филмски преводи на прилепски начин

Доколку ви е здосадено од класичните преводи на холивудските филмови, обидете се да се релаксирате со малку поинакви, преводи на прилепски начин. Преземете ги преводите на следниве три филмови: „The New Guy“, „Rat Race“ и „Ice Age“ и гледајте без премногу да се замарате. Впрочем и овие филмови се класични, малку глупави американски комедии.
Архивата е преместена на Megaupload и не би требало да има проблеми како минатиот пат:
Download

понеделник, 14 јануари 2008

Неофицијален блог за ФК Победа

Сте го посетиле ли официјалниот веб сајт на фудбалскиот клуб Победа? Ако сте го посетиле знаете колку е очаен, а доколку тоа го немате направено подобро не се ни обидувајте. Затоа од пред скоро време постои и неофицијален сајт/блог кој освен свежи информации содржи и доста архивски податоци за богатата историја на нашиот клуб. Блогот е на англиски јазик и е достапен за сите љубители на фудбалот ширум светот. Останува да се надеваме дека конечно и управата ќе си ја сфати својата работа посериозно и ќе престани да го руши долгогодишниот углед на клубот.
Адресата е: www.fkpobeda.info

вторник, 8 јануари 2008

Олимписки базен во Прилеп!

Пред неколку месеци пишував како во проектот на владата за изградба на затворени олимписки базени не беше предвидено еден од нив да биде во Прилеп. Сепак, од тогаш работите се смениле и новиот план е во наша корист. Прилеп ќе биде еден од деветте градови каде ќе се гради современ затворен базен кој би се дал на користење на општината. Таму би имало и деловен објект како би можело да биде исплатлив и да биде функционален за разлика од постоечките во Скопје кои повеќе не работат него што работат. Сеуште не е точно одредена локацијата за градба, а почетокот на работите е предвиден за средината на годината. Изградбата се очекува да биде завршена во 2010 година.

сабота, 5 јануари 2008

Спортот во 2007

Фудбалскиот клуб „Победа“ по вторпат од осамостојувањето ја освои шампионската титула. Ова е најзначајниот момент во 2007-ма на спортски план. За жал, после тоа повторно не посрамотија откако беа елиминирани уште во првото претквалификационо коло од лигата на шампиони. И на малите деца им беше јасно дека натпреварот не се одигра на зелениот терен. Повторно навивачите беа изиграни. Ништо подобро не е ниту по првиот ден од оваа сезона. Веќе се изгубени шансите за титулата, а тимот се соочува со бројни финансиски проблеми.
Тешки моменти доживува и ракометниот клуб „Тутунски Комбинат“. Минатата сезона некако ја протуркаа до крај. Пред стартот на оваа сезона се расформира женската екипа, а со големи напори некако се обезбедија средства истата судбина да не ја снајди и машката екипа. Со релативно млад состав во кој се единствено домашни ракометари се наоѓаат на последната позиција на табелата. Да биди работата посериозна, нашиот клуб повеќе сезони е во немилост на раководството на РФМ на чело со Трифун Костовски и Михајло Михајловски, а покрај нив и нивните поттрчковци браќата Начевски. Дали е можно конечно да им се остварат желбите и екипата на „Тутунски Комбинат“ да ја напушти првата лига ќе дознаеме во продолжението на првенството.
Светла точка во ракометниот спорт е формирањето на новиот клуб „Прилеп“ кој што игра во втората македонска лига. Пред некоја недела се формира и женска екипа на овај клуб кој со добра организација може да прерасне во иден прволигаш.
Сезона за паметење имаа и одбојкарите на „11 Октомври“. Тие за првпат во својата историја играа во европските купови, каде беа на четири натпревари убедливо поразени. Оваа сезона не им почна најдобро иако стартуваа многу амбициозно. Голема одговорност за тоа сноси и самото раководство на клубот кое од непознати причини го разреши тренерот Дејан Димоски кој беше и главен иницијатор на реоформувањето на клубот.
Еден од нашите најистакната спортисти оваа година беше шахистот Звонко Станојоски кој со македонската репрезентација настапуваше на ЕП во Грција. Велемајсторот Станојоски беше наш најдобар шахист и за влакно избегна медал, а веднаш потоа триумфораше на „Трофеј на Белград“. Со тоа освои нови поени и сега го има најдобриот рејтинг во кариерата со 2529 поени.
Одлична година имаше и кик-боксерот Иле Ристески кој беше прогласен за најдобар во 2007 и од својата федерација. Тој ги освои златните медали на сениорскиот Светски куп, Медитеранското и на Балканското првенство.
Оваа година ќе остани забележана и за најдобриот македонски параглајдерист Мартин Јованоски кој освои бронзен медал на светското првенство во Литванија, а триумфираше на Светскиот куп кој што се одржа во Бугарија.
Илија Мартиноски настапуваше на голем број тениски турнири како во Македонија така и во странство, а дебитираше и за сениорската тениска репрезентација.

петок, 4 јануари 2008

2007 на музички/концертен план

Значи како и во претходниот осврт и на ова поле оваа година беше доста плодна. Тука пред се мислам на концертен план. После подолга пауза се обнови „Прилепскиот заговор“, за прв пат се одржа „Tobacco Blues Festival“, „Winner Fest“, „Moratorium II“, „Мелфест“, „Звездички“, при крајот на годинава и манифестацијата „Од нас за Прилеп“, настапи на повеќе странски бендови како: „Al & The Black Cats“, „Marracash Orchestra“, „Infest“, настапот на две ска/панк групи од Франција и Словенија, неколку целодневни транс журки на езеро, настапи на скоро сите познати рок и метал групи од Македонија, пречекот на нова година со „Ареа“ и Дани...се на се слободно може да се каже дека дека после Скопје во Прилеп има најголема концертна активност. За тоа се заслужни пред се неколку луѓе кои се бројат на едната рака и го заслужуваат целиот респект за нивниот ентузијазам. За жал често пати се случуваше на овие манифестации да присуствуваат многу малку луѓе. Дали тоа значи дека не се заинтересирани за ваква музика или подобро им е да седат дома? И повторно заклучокот, колку сме-толку сме. И десет души да бидиме на овие свирки, вреди да се организираат.
Што се однесува на полето на активноста на нашите пејачи и групи не сум многу компетентен, но од она што ми остави впечаток ситуацијата е следна. Албуми издадоја „Македонски синови“ и „Морталити“ (снимен е 2006, издаден претходната година). Елена Петреска, како наша најпозната пејачка го освои второто место на „Охридски трубадури“ и четвртото на „Макфест“, а мислам дека настапи и на некој фестивал во Црна Гора. За други групи/пејачи на сум запознат дека издале нешто или имале некој позабележителен успех.

Изложба на Тања Јакимоска

Вечерва во 19.00 часот во ликовната галерија на Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на слики од Тања Јакимоска. Флаерот можете да го погледнете овде. Ова ќе биде првата изложба и првиот културен настан во новава година. Со среќа и нека се множат.

четврток, 3 јануари 2008

Културата во 2007-та

Прилеп-град на културата за 2007 година. Го оправда ли ова име нашиот град?
Апсолутно. Никогаш досега немало толку културни настани во само една календарска година. Би ги издвоиле настапите на Симон Трпчески, Борис Трајанов, Македонската опера и балет и уште многу млади но и искусни солисти од класичната музика. После подолго време се прикажуваа филмови на големо платно, некогаш со доста публика, некогаш пред празна сала. Се организираа голем број на изложби, ликовни колонии, рецитали, настапи на фолклорни друштва, промоции на книги итн итн. Тука се и голем број на традиционални манифестации кои што се одржаа како: театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, пиво фестот, карневалот „Прочка“, меѓународниот фестивал на народни песни и инструменти „Пеце Атанасоски“, прослава на „11 Октомври“ но и некои кои се одржаа за прв пат како: „денови на Крале Марко“, одбележувањето на меѓународниот ден на музеите, викенд на астрономијата, ден на книгата и слично.
Да се надеваме дека ова нема да остани само на претходната година, туку и понатаму ќе се негуваат и развиваат се повеќе културни манифестации во нашиот град. Публика, колку-толку има. Има луѓе во овој град што се желни за повеќе културни манифестации. Само така можеме да создадеме генерации кои ќе ги заштитиме од се поголемото влијание на кичот и турбо фолк некултурата. Или како што рече градоначалникот, Прилеп да биде град во културата.

вторник, 1 јануари 2008

Среќна нова 2008