вторник, 22 јануари 2008

Чибукот на рускиот цар е во Прилеп

Чибукот на рускиот цар Николај Романов и лулето на надвојвотката Ана Хабсбург, табакери и бурмутници на турски паши и бегови, на познати европски личности, но и на морнари... Се ова е дел од единствениот Музеј за тутун на Балканот, кој се наоѓа во Прилеп.
Музејот е сопственик и на единствената балканска збирка од околу 600 каширани фотографии и на оригинални графики од 18, 19 и од почетокот на 20 век. Во Музејот се чува и вториот примерок на книгата "Табакологија" од германскиот научник Јоханес Неандер од 1626 година. Првиот примерок од оваа книга е во Ватикан.
Музејот, кој е дел од комплексот на Институтот за тутун, има 2.500 експонати за уживање тутун, од кои 660 се ретки примероци, постојано изложени за посетителите од земјава и странство. Дел од оваа единствена збирка која само минатата година ја посетиле над 3.700 гости, дипломати и високи претставници, се примероци кои некогаш биле во сопственост на познати јавни личности.
Според кустосот Александар Цветкоски, од 1973 година, кога е отворен Музејот, за набавка на експонатите од речиси цел свет тогаш се потрошени шест милиони евра.
- Збирката е бесценета. Во оваа форма е поставена во 1994 година. Музејот наскоро ќе биде посебна туристичка атракција за странските посетители кои поминуваат низ Македонија. Предвидено е Музејот да организира и Ден на тутунот во чии рамки посетителите ќе имаат можност да берат, нижат и калапат тутун, вели Цветкоски.

Статија на „Вечер“