четврток, 3 јануари 2008

Културата во 2007-та

Прилеп-град на културата за 2007 година. Го оправда ли ова име нашиот град?
Апсолутно. Никогаш досега немало толку културни настани во само една календарска година. Би ги издвоиле настапите на Симон Трпчески, Борис Трајанов, Македонската опера и балет и уште многу млади но и искусни солисти од класичната музика. После подолго време се прикажуваа филмови на големо платно, некогаш со доста публика, некогаш пред празна сала. Се организираа голем број на изложби, ликовни колонии, рецитали, настапи на фолклорни друштва, промоции на книги итн итн. Тука се и голем број на традиционални манифестации кои што се одржаа како: театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, пиво фестот, карневалот „Прочка“, меѓународниот фестивал на народни песни и инструменти „Пеце Атанасоски“, прослава на „11 Октомври“ но и некои кои се одржаа за прв пат како: „денови на Крале Марко“, одбележувањето на меѓународниот ден на музеите, викенд на астрономијата, ден на книгата и слично.
Да се надеваме дека ова нема да остани само на претходната година, туку и понатаму ќе се негуваат и развиваат се повеќе културни манифестации во нашиот град. Публика, колку-толку има. Има луѓе во овој град што се желни за повеќе културни манифестации. Само така можеме да создадеме генерации кои ќе ги заштитиме од се поголемото влијание на кичот и турбо фолк некултурата. Или како што рече градоначалникот, Прилеп да биде град во културата.