сабота, 27 јуни 2009

Откриен апсидален објект на Стибера

На античкиот локалитет Стибера, во близина на Прилеп, при истражувањата е откриен нов импозантен објект со апсидална форма и епиграфски споменик. Тие фрлаат нова светлина за животот во античкиот град.

- Новата градба е во продолжение на објектот со култна намена, кој лани беше откриен. Претпоставуваме дека објектот не бил посветен само на култот на императорот, туку и на некои од божествата што биле заштитници на градот. Ова се првични претпоставки. Очекуваме до крајот на ископувањата да се добие појасна слика за што служела градбата - вели археологот Лилјана Кепеска, раководител на проектот.Епиграфски споменик „табула ансата“ што е откриен е со натпис во повеќе редови.

- Споменикот треба да се прочита. Со читањето ќе добиеме одговори на повеќе прашања - додава Кепеска.Со ископувањата се појавил нов културен слој, кој, според надлежните, давал индиции дека во античка Стибера имало градба и во 4 век.Стибера како град бил формиран во четврти - трети век пред наша ера.Опстојувал до трети век. Во досегашните истражувања откриени се повеќе мермерни скулптури, статуетки и друг движен материјал.
Извор: Дневник

петок, 26 јуни 2009

Елена Петреска со нов сингл

Елена ПетрескаЕлена Петреска летово ќе биде актуелна со новиот сингл "Остави ме". Станува збор за брза ретро песна. Автори на нумерата се Јован Јованов и Елвир Мекиќ, а снимена е во студиото Јованови. За песната Елена има и нова фотосесија работена со Бранко Андреев. Мецосопранката, која е вработена во Македонската опера и балет, направи мала пауза од поп сцената, а со новата песна за која вели дека е полн погодок, повторно се враќа меѓу своите фанови. Атрактивната прилепчанка наскоро ќе направи и видеозапис за песната.
Извор: Вечер

среда, 24 јуни 2009

Прилеп да има езеро, по можност Охридското!

ВО ПРВО ЛИЦЕ: ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ, АКТЕР
Дипломиран актер кај гуру В.Ц. и М.Т. моментално борец во слободен стил, да не речам слободен уметник, оти во последно време уметник може и погрешно да се сфати. Во подзнак ПАНКЕР...

За сценската прашина... Одговорно тврдам дека многу подобро е да се движиш низ сценска прашина отколку низ сценски измет. Ова второво смрди за разлика од прашината која изгледа како stardust* под рефлектор.

За убавото... За бесконечни прегратки, насмевки, бакнежи... за една руса коса низ прстиве, за мама, тато и бато, за сите домашни и диви животни, за сите добронамерници кои викаат добар ден и навистина веруваат во добрината на денот...

За грдото... Море... за убавото

За сонот... Сонувам еден ден да ги видам Боб Дилан, Том Веитс, Дарко Рундек, Данил Хармс, Винсент Ван Гог, Џек Лондон, Марко Крале, Муарем Сербезовски, Брус Ли и Силвестер Сталоне, на иста маса во меана како пеат македонска народна песна, а Хитлер (џгољавото келнерче со смешни мустаќиња) ги служи со пиво... А!... и Прилеп да има езеро, по можност Охридското.

За јавето... На тешко да издржиме, на лесно секој може...

За љубовта... Или за Бога... нека е клише, ама силно верувам во бесконечната љубов на поредокот на нештата, во мајката Природа (или таткото Природ), која случајно или не, во разните религии може да се сретне под името Јехова, Алах, Господ, Зевс, Буда итн.

За колегите... Актер (погенерално уметник) не е професија, тоа е националност, па така колегите повеќе ги сметам за сограѓани на една држава која за жал, се уште се труди да го измисли својот јазик и писмо...

За речта... За бескрајната низа на убави нешта кои можеме да си ги кажеме едни на други. А и не мора, доволно е да си се насмевнеме.

За недореченоста... "Ако имаш нешто недоречено,
Нешто што те притиска и пече,
Закопај го во длабока тишина,
Тишината сама ќе го рече..."

За неодиграните улоги... За Хамлет

За пријателите и душманите... Сите ќе умреме

За детето во мене... Тоа е движечката сила што ме тера да правам работи кои на сите останати (па дури и на старецот во мене) им се чинат глупави, а подоцна излегува дека биле крајно мудри и полезни решенија. На пример, мојата одлука да станам професионален фудбалер и да играм во Јувентус...

За крај... Јазикот коски крши...Тешко кој го нема...

Извор: Вечер

вторник, 23 јуни 2009

Ликовна колонија во конаците на Дрен

Три­на­е­сет уметници од земјава и од Србија, од вчера до 29 јуни, ин­спи­ри­ра­ни од природните убавини во околината на прилепското село Дрен, ќе тво­рат во конаците на манастирскиот комплекс "Св. Илија ", во рамките на Ли­ков­на­та колонија која ја организира Центарот за култура "Марко Це­пен­ков" .
Ол­ги­ца Антоска, Владимир Кнежевиќ, Сергеј Дамовски, Анета Петреска, Ма­ри­ја Стојановска и Мита Ристиќ се дел од уметниците што ќе учес­тву­ва­ат на втората ликовна колонија "Дрен 2008". "По ланскиот успех, кога 13 умет­ни­ци создадоа 28 дела кои ги виде не само прилепската туку и кул­тур­на­та јавност во повеќе македонски градови, и Министерството за кул­ту­ра финансиски застана зад Колонијата, која годинава има ин­тер­на­ци­о­на­лен карактер", вели директорот на Центарот Тони Чатлески.
Извор: Вест

понеделник, 22 јуни 2009

„Femfest Macedonia“ во Прилеп

Од 29 јуни до 5 јули за првпат кај нас ќе се одржи „Femfest“, фестивал чија програма ќе понуди настани од различен вид, се‘ со цел да се укаже на дискриминацијата и насилството врз жените во патријархалното и сексистичко општество

Отворањето на фестивалот ќе се случи во Скопје, на 29 јуни во 19 часот, пред продавницата за плочи „Максимум рокенрол“, со концерт на „Graham Young“ (Македонија) и „My name is Ann“ (Чешка). Чешкиот состав ќе настапи наредниот ден во Прилеп, во клубот „Апореа“. На 1 јули, со почеток во 17 часот, во Сојузот на синдикатите на Македонија во Прилеп ќе се одржи семинар на тема: „Дискриминацијата на жените на пазарот за вработување“. Во 21 часот следува настап на „Bernays Propaganda“.
На 2 јули ќе биде одржан арт работилница (13 - 15 часот), потоа следува видео перформанс и семинар на тема „Семејно насилство - што е?“. Во 21 часот е настапот на „Fighting Windmills“.
На 3 јули ќе биде одржан вториот дел од арт работилницата, потоа видео перформанс и семинар „Disciplining of female body“, во организација на Акција Здруженска од Скопје. По овој семинар следува концерт на „Lira Vega“ (Србија) и „Djane Jasmina“ (БиХ).
Последниот ден од фестивалот е резервиран за филмска проекција и дебата со Ениса Еминовска и настап на „Ž/buka“ (Хрватска) и „Djane Vera Umca & Pit the Sample“ (Македонија).
Извор: Форум

сабота, 13 јуни 2009

Колку претстави изгледавте на Македонскиот Театарски Фестивал?

Можете да гласате за една од понудените опции од десната страна на блогов.
Во коментари можете да го кажете Вашето мислење за целокупната манифестација.
+ за „Тапани во ноќта“
+ за посетеноста и исполнетоста на салите
+ за дружењето и свирките во бифето
- за аплаудирањето на сред и помеѓу чинови на неколку претстави
- за застарените театарски сцени

Конечни резултати:

  • Ниту една (8)
  • 1-3 (7)
  • 4-6 (3)
  • 7+ (3)

петок, 12 јуни 2009

Мариовско-мегленски средби 2009

„Тапани во ноќта“ најдобра претстава на МТФ

Претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на ансамблот на прилепскиот театар, ја доби наградата за најдобра претстава на 44. издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Награда за режија, пак, отиде во рацете на режисерот Мартин Кочовски. Марија Спиркоска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за истата претстава. Ова е одлуката на комисијата во состав: Митко Маџунков, Ванчо Петрушевски и Зијадин Муртезовски. Маџунков објасни дека некои сцени во претставата „Тапани во ноќта“, како пеењето на Интернационалата, се незаборавни антологиски сцени достојни за најголемите театри.Кочоски по претставата рече дека актерите во претставата се надминаа себеси.

- По многубројните награди што ги освоивме на сараевски МЕСС, стигна и домашно признание. На последниот фестивалски настап актерите одиграа над очекуваното. Чувствувам огромна радост, среќа и возбуда. Иако главно сите се млади, тврдам дека се вистински професионалци, кои од претстава во претстава растат и се подобри. Впрочем, тоа го потврди реакцијата на публиката - рече Кочовски. Гостинката од Битола во прилепската претства, Ирина Чоревска, немаше зборови да ја искаже радоста од реакциите на пубиката.

- Силно е чувството кога публиката ве враќа толку многу пати на бис. Претставата вреди за толку многу аплаузи. Со „Тапаните...“ доживеавме големи успеси и надвор од земјава, а сега многу ми е мило што тоа го потврдивме уште еднаш на матичната сцена - вели Чоревска.Наградата за главна женска улога ја доби Билјана Беличанец-Алексиќ за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје. Награден за машка улога е Елијаса Касо за улога во „Сијах Калем“ во изведба на Турскиот театар.

Жирото наградата за најквалитетен текст му ја додели на Венко Андоновски за „Кинегонда во Карлаленд“. Актерот Филип Мирчевски е добитник на наградата за млад актер „Трајко Чоревски“, за играта во претставата „Црна се чума зададе“ на битолскиот театар, како и наградите за кореографија и сценски движења и за музичката улустрација (Марјан Неќак). За костимите е награден Тихомир Спировски за „Кинегонда од Карлаленд“.Тој ја однесе и наградата за сценографија. Најквалитетен рекламен материјал имаше за претствата „Последниот ден на Мисирков“ на струмичкиот театар. Фестивалската завеса се спушти по синоќешната изведбата на претставата „Тестостерон“ на битолскиот театар.
Извор: Дневник

петок, 5 јуни 2009

Вечерва се отвора МТФ „Војдан Чернодрински“

Најдоброто од македонската продукција во последната театарска сезона од вечерва до 11 јуни ќе се распостеле на неколкуте сцени во Прилеп, под закрилата на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Осумнаесет претстави на национални и приватни театри и групи ќе може да види прилепската публика на 44-та средба на театарските уметници. Фестивалската завеса ќе ја крене претставата „Свето срце“ на Љубиша Георгиевски, на Македонскиот народен театар од Скопје, што ќе биде изведена во 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Улогите ги толкуваат Искра Ветерова, Ѓорѓи Јолевски, Сенко Велинов, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Ѕвездана Ангеловска, Бранко Ѓорчев, Сашко Коцев, Александра Пешевска и други. Пред претставата, ќе им бидат врачени наградите за животно дело на актерите Димитар Костовски од МНТ и Љубица Гојковиќ од кумановскиот театар.

На полноќ, во рамките на придружната програма ќе биде изведена „Таму каде што не сум бил“ во режија на Зоја Бузалковска, која прилепскиот театар, ќе ја изведе на матичната сцена. Ќе настапат Димитар Ѓорѓиевски, Зоран Иваноски, Наташа Наумоска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Александар Степанулески и други.

За наградите на фестивалот ќе одлучува тричленото жири, што ќе го предводи академик Митко Маџунков, а членови се актерите од Драмски театар и од Албански - Ванчо Петрушевски и Зијадин Муртези. За наградите на Фестивалот ќе бидат земени предвид „Кинегонда во Карлаленд“ на Драмски, „Тероризам“ на велешкиот, „Албански ноќи“ на Албанскиот театар од Скопје, турската „Сијах Калем“, „Тетовирани души“ од Куманово, „Црна се чума зададе“ на Народниот театар од Битола, „Глоговиот џбун“ на штипскиот, „Последниот ден на Мисирков“ на струмичкиот и „Тапани во ноќта“ на прилепскиот театар. Во придружната програма се најдоа повеќе приватни театри и групи.

За награди нема да се натпреваруваат - „Црна птица“ на Буден театар од Скопје, „Дивите пајки“ на Центарот за култура од Куманово, „Лет во три глави“ на МНТ. Во дворот на црквата „Свети Никола“ во населбата Варош во Прилеп ќе се игра „Чернодрински експрес“ - копродукција на „Скрб и утеха“ и на велешкиот театар. Студентите по актерска игра на втора година во класата на Владо Цветановски и Мими Таневска од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе ја изведат испитната претстава „Вака, вака и вака“.Три трибини ќе бидат посветени на проблемите што го тиштат македонскиот театар. „Авангардата во театарот во Македонија“, „Театарот во служба на драмската уметност или на естрадата“ и „Литературниот јазик и театарот“.По претставите ќе бидат организирани настапи на македонските музички групи - „Фолтин“, „Баклава“ и други.
Извор: Дневник

Целосната програма на фестивалот

среда, 3 јуни 2009

Прилеп домаќин на конференција на карневалските градови од Европа

Во многу силна конкуренција Прилеп успеа да се избори да биде домаќин на 32. конференција на карневалските градови од Европа во 2012 година. Од општината велат дека организацијата на конференцијата на карневалските градови е голема чест за Прилеп и воопшто за Република Македонија бидејќи на овој начин ќе се презентира културниот туризам на државата и на градот.

- Добивањето на организацијата на овој голем настан е чест за градот, но и обврска. Треба добро да се организираме, да го подигнеме нивото на инфраструктурата на градот, да обезбедиме сместување и да понудиме добри туристички понуди преку кои гостите од триесетина земји што се членки на Карневалската асоцијација, ќе се запознаат со убавините што ги имаме како држава - вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Меѓународната карневалска асоцијација постои од 1980 година. Во себе обединува над стотина карневалски града од триесетина земји, кои организираат традиционални карневалски манифестации.
Извор: Нова Македонија

Цветановски ја подготвува „Крпен живот“

Во прилепскиот театар почнаа подготовките за новата театарска претстава, „Крпен живот“, што се работи по текстот на Стале Попов. Драматизација на текстот за претставата е на Блаже Миневски, а режијата е на Владо Цветановски. Во претставата игра поголемиот дел од ансамблот на театарот. Музиката ја работи Оливер Јосифоски, костимите се на Благој Мицевски, а премиерата се планира за Фестивалот „Охридско лето“. „Крпен живот“ ќе биде трета претстава што театарот ќе ја работи во согласност со годишната програма поддржана од Министерството за култура на Република Македонија. Претходно беа прикажани „Таму каде што не сум бил“ во режија на Зоја Бузалковска и „Јане Задрогаз“ во режија на Коле Ангеловски. На претстојниот 44. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој почнува на 5 јуни, прилепскиот театар ќе учествува со две претстави. Во официјална конкуренција ќе настапи со претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски и во придружната програма со „Таму каде што не сум бил“ од Жанина Мирчевска, во режија на Зоја Бузалковска.
Извор: Време

вторник, 2 јуни 2009

Златко Крстевски на фестивал во Макарска

На четвртиот МАФЕСТ - меѓународен Стрип фестивал во Макарска - Хрватска, кој се одржа деновиве, покрај учеството на познати стрип автори: -Галијено Фери од Италија - цртачот на „Загор“, Боро Павловиќ, Роберто Дисо, Гиги Симеони, Роберто Ди Ангелис, Антонио Сера, Дарко Мацан, автори кои работеле на популарните стрипови „Дилан Дог“, „Натан Невер“, „Мистер Но“, свое
учество и презентација имаше и Македонскиот стрип автор Златко Крстевски. Тој ја претставуваше сцената на новиот македонски стрип, изданието на Центарот за Визуелна уметност „ВИЗАНТ“ - ,,BEYOND BORDERS“.
-Како автор сум многу задоволен. Макарска конечно влегува во топ листата на првите пет топ-стрип Фестивали во светот. Имаше над 1500 гости, многу посетители кои дојдоа специјално да купат стрип албуми цртани од стрип мајсторот Фери, кого го паметиме по бравурозните стрип цртанки на „Загор“, а посебно би ја издвоил работилницата на Есад Рибиц, Судзука и Тицо, како и хуманитарната аукција, големо разбирање и присутност и на градоначалникот на Макарска Марко Ожиќ-Бебек.
Извор: Culture.in.mk