сабота, 5 јануари 2008

Спортот во 2007

Фудбалскиот клуб „Победа“ по вторпат од осамостојувањето ја освои шампионската титула. Ова е најзначајниот момент во 2007-ма на спортски план. За жал, после тоа повторно не посрамотија откако беа елиминирани уште во првото претквалификационо коло од лигата на шампиони. И на малите деца им беше јасно дека натпреварот не се одигра на зелениот терен. Повторно навивачите беа изиграни. Ништо подобро не е ниту по првиот ден од оваа сезона. Веќе се изгубени шансите за титулата, а тимот се соочува со бројни финансиски проблеми.
Тешки моменти доживува и ракометниот клуб „Тутунски Комбинат“. Минатата сезона некако ја протуркаа до крај. Пред стартот на оваа сезона се расформира женската екипа, а со големи напори некако се обезбедија средства истата судбина да не ја снајди и машката екипа. Со релативно млад состав во кој се единствено домашни ракометари се наоѓаат на последната позиција на табелата. Да биди работата посериозна, нашиот клуб повеќе сезони е во немилост на раководството на РФМ на чело со Трифун Костовски и Михајло Михајловски, а покрај нив и нивните поттрчковци браќата Начевски. Дали е можно конечно да им се остварат желбите и екипата на „Тутунски Комбинат“ да ја напушти првата лига ќе дознаеме во продолжението на првенството.
Светла точка во ракометниот спорт е формирањето на новиот клуб „Прилеп“ кој што игра во втората македонска лига. Пред некоја недела се формира и женска екипа на овај клуб кој со добра организација може да прерасне во иден прволигаш.
Сезона за паметење имаа и одбојкарите на „11 Октомври“. Тие за првпат во својата историја играа во европските купови, каде беа на четири натпревари убедливо поразени. Оваа сезона не им почна најдобро иако стартуваа многу амбициозно. Голема одговорност за тоа сноси и самото раководство на клубот кое од непознати причини го разреши тренерот Дејан Димоски кој беше и главен иницијатор на реоформувањето на клубот.
Еден од нашите најистакната спортисти оваа година беше шахистот Звонко Станојоски кој со македонската репрезентација настапуваше на ЕП во Грција. Велемајсторот Станојоски беше наш најдобар шахист и за влакно избегна медал, а веднаш потоа триумфораше на „Трофеј на Белград“. Со тоа освои нови поени и сега го има најдобриот рејтинг во кариерата со 2529 поени.
Одлична година имаше и кик-боксерот Иле Ристески кој беше прогласен за најдобар во 2007 и од својата федерација. Тој ги освои златните медали на сениорскиот Светски куп, Медитеранското и на Балканското првенство.
Оваа година ќе остани забележана и за најдобриот македонски параглајдерист Мартин Јованоски кој освои бронзен медал на светското првенство во Литванија, а триумфираше на Светскиот куп кој што се одржа во Бугарија.
Илија Мартиноски настапуваше на голем број тениски турнири како во Македонија така и во странство, а дебитираше и за сениорската тениска репрезентација.