четврток, 1 ноември 2007

Утре премиера на „Светилникот“

Вечерва прилепскиот народен театар ќе ја изведе претпремиерата на театарската претстава „Светилникот“ работена според романот „Железниот светилник“ на Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски, додека премиерата е закажана за утре во 19.30 часот. Ова ќе биде прво претставување во Македонија на контраверзниот писател, инаку роден прилепчанец Талев. Според режисерот Цветановски, на сцената ќе бидат пренесени духот на авторот и духот на стариот Прилеп, на старите градски семејства, занаети и на старата прилепска чаршија преку приказната за едно семејство.
За подготовката на проектот, чиј буџет далеку ги надмина средствата и стигна до еден и пол милион денари, екипата од 60-ина луѓе користеше стари предмети и фотографии од познати прилепски семејства, а кај занаетчиите се снимени сцени и дијалози. Во фоајето на театарот ќе биде поставена изложба на графики од познатот прилепски сликар Аче, а снимена анкета ќе говори кој е всушност Димитар Талев.
За претставата, драматизацијата на романот на Талев „Железниот светилник“ ја направи Трајче Крстески, музиката е на Оливер Јосифовски, костимите на Благој Мицевски, сценографијата на Владо Ќоревски, а покрај целата актерска екипа на прилепскиот театар, гости актери се Владо Јовановски и Александра Пешевска.
Утрински Весник за „Светилникот“