вторник, 27 ноември 2007

Стоп за убивањето на кучињата!

Пред неполна година бев сведок на суровото, нехумано убивање на кучињата скитници. Верувам дека не бев единствената (тоа се случи во Точила околу полноќ и на улиците имаше повеќе претежно млади луѓе што пукањето не го правеше само грозна глетка, но и опасна) која се најде изреволтирана и згрозена од таквата сурова, нехумана и варварска постапка која се случуваше пред наши очи.
Од овој настан не бев само јас засегната, погледнете што се пишуваше на интернет: Прилеп, град убиец на кучиња, иако претпоставувам и на други места луѓето реагираа.
Но тоа беше пред неполна година, сега како што дознав кучињата се ловат и потоа се успиваат. Тоа не ми се чини ништо похумано и поцивилизирано. Убивањето си е убивање, но овојпат тоа не се случува пред очите на прилепчани. Контактирав со некои здруженија за заштита на животните и добив повратна информација дека успивање (еутаназија) на животни не е дозволено во никој случај, освен во исклучителни ситуации кога животното е многу болно, а ветеринарната помош не може да помогне.
Како најдобро и најхумано решение се смета и практикува, според европски стандарди: ловење, вакцинирање, евентуално кастрирање, а потоа или вдомување или повторно враќање на улица.
Колку што знам во Битола и Скопје веќе има стационари што функционираат. Кога може таму, сигурно може да се најде некое поцивилизирано решение и во Прилеп, зошто сепак се стремиме Прилеп да биде европски град, нели?

Менче З.

п.с. Благодарност до Менче за испратениот текст. Воедно ова нека биде апел и другите читатели да праќаат свои текстови.