четврток, 8 ноември 2007

Маестро Трпчески во Прилеп

Нашиот најреномиран пијанист Симон Трпчески, на 5-ти Декември по втор пат ќе настапи во Прилеп како дел од мини турнејата низ Македонија. Турнејата има хуманитарен карактер на која ќе свири композиции од Скријабин, Шопен, Брамс и две дела од Дебиси, кои ќе бидат прв пат изведени во Македонија. Освен во Прилеп свои концерти ќе има и во Гевгелија и Струмица. Еве што вели самиот Трпчески за оваа турнеја:
- Одамна ми е желба да свирам во секој град каде што има барем минимални услови. Програмата ќе биде пресек на длабоки чувства. Секое дело зборува за љубовта кон различни субјекти. Намерно ги избрав така, зашто љубовта е главен двигател на човекот. Се решив за овие дела зашто во нив има многу драма, што е обележје на нашиот менталитет и мислам дека треба да се негува. Драго ми е што ќе настапам во внатрешноста на нашата земја, зашто и таму има големи почитувачи на класичната музика.
Трпчески наскоро ќе замине во Англија, каде што треба да сними ново цеде, за ЕМИ, во која ќе влезе и „Пајдушко“ на Живојин Глушиќ, кој според нашиот виртуоз, е најизведуваниот македонски композитор надвор од земјава. Ќе следуваат концерти во Брисел, Хамбург, четири концерти во Англија, Малезија, Сингапур. До крајот на годината, ќе настапи со Филаделфискиот симфониски оркестар.