среда, 31 октомври 2007

Изложба на дела од Борко Лазески

По повод девет годишнината од смртта на академскиот сликар Борко Лазески во неговиот роден град Прилеп, Друштвото за наука и уметност, Музејот и градската библиотека одржаа час за животот и делото на истакнатиот македонски уметник и педагог, а во галеријата од домот на културата „Марко Цепенков“ е отворена изложба со дела на Лазески.
- Ликовниот опус на Лазески содржи иновациски транзиции во рамките на македонската современа ликовна уметност. Тој е од оние десетмина кои кај нас успеаја да ја задржат модернистичката линија препознатлива како уметност по 1945-тата година, рече Марика Бочварова Плавевска, од Музејот на современата уметност од Скопје.
Деклариран монументалист, односно муралист, Лазески наслика многу мурали, пред се со тематика од Народноослободителната борба на повеќе јавни објекти во Македонија. Муралите ги има во прилепскиот Дом на културата и во Музејот „11 Октомври“. Негово дело се и витражите во Македониумот во Крушево.
- За татко ми предизвик беше да го облагороди Ѕидот. Тој тоа постојано го правеше со нескриена инспирација, вели ќерката на уметникот Росица Лазеска.
На изложбата во Галеријата во прилепскиот Дом на културата се изложени и дела на Лазески кои јавноста прв пат ги виде, меѓу кои портрет на Драги Пепељугоски и циклусот цртежи насловен „Митрашинци“ донесен од неговото ателје.
Извор: МИА