петок, 14 декември 2007

Премиерна изведба „На два стола“

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во сабота премиерно ќе ја изведе петтата последна годинашна премиера комедијата „Од кол на кол“, работена според Реј Куни во режија на Коле Ангеловски.
- На општо задоволство ја подготвивме претставата со прилепскиот ансамбл со кој имаме повеќедецениска соработка. Комедиите имаат силни пораки и најважно од се е на публиката да и понудиоме час и половина смеа и задоволство од ситуациите во кои ќе се најдат актерите во претставата, истакна режисерот Коле Ангеловски.
Оригиналниот наслов на Куни „На два стола“ е преименуван само поради потребата да се доближи до публиката и до одредени наши комични ситуации во животот, објаснува Ангеловски.
Со оваа претстава актерот Трајче Иваноски заокружува четири децениска кариера на „штиците што живот значат“.
- Со режисерот Ангеловски имаме 25-годишна соработка и над 20 остварени улоги, вели Иваноски.
Тој ја избрал комедијата како и многупати досега да и донесе смеа на публиката во ова време - невреме. Иваноски и натаму ќе остане активен во проекти на театарот и на други сцени, продолжувајќи да им ја дава поддршката на младите.
Во комедијата „Од кол на кол („На два стола“) играат и Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Андон Јованоски, Најдо Тодески, Марјан Чакмакоски, Димитар Вандески и Гоце Наумоски. Изборот на костимите го направи режисерот Ангеловски чија е и адаптацијата на делото на Куни. Соработник на сценографијата е Пеце Ристески.
Извор: МИА