понеделник, 1 септември 2008

Пиво Фест '08

После многу неизвесност помина и шестото издание од Пиво Фестот или како што годинава се нарекуваше „Фестивал на пивото, скарата и мајтапот“. За разлика од претходните години, имаше помалку пивари, помалку скари и помалку посетители. Но, тоа не беше пречка за да не се ужива во нашето пиво и забавата која што ја понудија како организаторите така и локалните кафулиња. Најмногу внимание предизвикаа забавите „кај зидот“ каде што се пушташе електронска музика до кај 3 часот наутро. Се чини сепак премалку. За една ваква манифестација локалните власти треба да дозволат подолготрајна забава бидејќи имаше доволно посетители кои сакаа сеуште да се забавуваат. За танчерките не коментирам. Само се надевам дека другата година на тоа место ќе уживаме во целодневни забави со познати диџеи.
На главната сцена имаше од се по нешто и за старо и за младо. Најголема посета имаше за настапот на Александра Пилева кој што се претстави во одлично светло. За поздравување е фактот дека преовладуваа рок бендовите и понатаму треба да се размислува за носење на странски познати рок бендови на оваа манифестација.
Дефинитивно најголемо промашување и оваа година беа тоалетите, па така да никој не ги користеше и секој се снајдуваше како знај и умее. Едноставно трошоците за нивно поставување треба да ги сносат организаторите, а не посетителите.
За пофалба е и јавното комунално претпријатие кое навреме го расчистуваше ѓубрето кое го имаше во големи количини. Минус за несовесните посетители кои мислеа дека можат да прават што сакаат.
Годинава имаше послаба рекламираност на настанот. Но знаејќи дека организаторите беа нови не треба да им се забележува. Мислам дека годинава фестов се движеше во добар правец. Поголема ангажираност, носење повеќе пивари, помалку скари, подобра забава во градот...тоа му фали на пиво фестот.