
„Според начинот на градење и според монументалноста на самата гробница може да претпоставиме дека во оваа гробница е погребан некој пелагониски крал, за жал за кого не знаеме се уште кој е“, изјави д-р Антонио Јакимоски, раководител на Археолошките ископувања.
Оваа гробница потекнува од четвртиот век п.н.е. кога и постоело Кралството на Пелагонците. Се претпоставува дека е ограбена уште во антиката.
„Ова е единствената гробница во Македонија и пошироко и меѓу ретките објекти од четвртиот век п.н.е.“, вели Јакимоски.
Гробницата се наоѓа веднаш под врвот Висока каде се претпоставува дека се наоѓал градот. Откривањето на градот Пелагонија на овие простори би било од огромно значење за Македонија затоа што другите три старо антички престолнини Пела, Амфиполис и Тесалоника се наоѓаат на територија на денешна Грција.
За жал, оваа година државата не оддели средства за да се истражува и на врвот Висока. По овој град археолозите трагаат повеќе од 150 години.
Тука пред две години беа откриени и три штитови со Сонцето од Вергина на кралот Деметриј. Кога ќе се реставрираат, за прв во светот ќе се добие како изгледал штитот на Македонската фаланга.