петок, 12 септември 2008

Р.К.Тутунски Комбинат стана „Златен даб“

Екипата која со години беше позната како Т. Комбинат, за да се ребрендира во Т. К. Бренд, а лани накратко се викаше и ВИП 2007, во новата сезона, во која ќе се натпреварува во Првата Лига, ќе се вика Златен даб.
Со тоа, конечно, е ставен крај на дилемите околу тоа како ќе изгледа (барем на прв поглед) прилепскиот клуб, кој годинава ќе ја преживува својата најлоша година, како член на втората по квалитет лига во Македонија.
Прилепчаните лани доцна се снајдоа со пари, веќе немаа време да се дигнат по катастрофалните резултати во есенскиот дел од сезоната и стигнаа само до шанса да се борат за суперлигашки статус. Не успеаја, на клучниот натпревар со В. В. Тиквеш во Кавадарци беа поразени и се преселија во понизок ранг.
Некогашниот освојувач на Купот на Македонија, со нова управа, се обиде административно да се врати на суперлигашката сцена. Не успеаја, нивното барање да се прошири лигата доби поддршка само од В. В. Тиквеш. А за да се разгледува, беше потребна согласност од сите 8 суперлигаши.
Но, прилепчани не се предадоа и продолжија да го одржуваат во живот клубот, кој сега има и ново име и веројатно ќе се обиде да доведе засилувања кои експресно би го вратиле во македонската елита.
Извор: Македонски Спорт