четврток, 4 септември 2008

Откриени траги од карпести гравири стари околу 32.000 години пред Христа!

Во околината на манастирот Трескавец кај Прилеп се пронајдени траги од карпести гравири стари околу 32.000 години пред Христа.
- На највисоката точка во близина на манастирот откривме траги од карпести гравири од типот на купулите. Значењето на ова откритие е поголемо кога се знае фактот дека овој вид карпести гравири се меѓу најстарите, кои проф. д-р Амати од Шведската архива за карпеста уметност ги става во временски рамки од 32.000 години пред Христа, вели Душко Алексовски од Македонскиот центар за карпеста уметност.

Тој додава и дека такви гравири забележале пред и зад манастирот. "Истражувањата во околината на Трескавец наскоро ќе продолжат и ќе траат се до целосното документирање на откриениот материјал", вели Алексовски, кој е изненаден од големата концентрација на квадратни вдлабнувања од подоцнежниот период.
Алексовски објаснува и дека купулите или вдлабнатите полутопки се гравири кои се поврзани со: култот на плодноста на луѓето; култот на плодноста на полињата и бујноста на ливадите и шумите; култот на сонцето и погребниот ритуал.

Европската агенција за реконструкција обезбедила средства за набавка на најмодерна опрема за видео и фотозаписи со што истражувањата се документирани.
Извор: Вечер