вторник, 23 септември 2008

Нов број на „Стремеж“

Новиот број на списанието „Стремеж“ од Прилеп донесува повеќе поетски, прозни и есеистички прилози од познати македонски автори, како и преводи од српската теорија и белетристика. Во воведната рубрика „Расказ за овој број“ е објавен постмодернистички интонираниот расказ „Непознатите ракописи на Сингер“ од Младен Србиновски, кој е проследен со критичкиот осврт на Трајче Крстески.
Во овој број на списанието, по повод јубилејот 100 години од раѓањето на големиот македонски поет Кочо Рацин, е објавен текст од Филомена В. Марковска, во кој таа открива провокативни детали за животот и за убиството на Рацин. Во рубриката „Критика и есеистика“ Санде Стојчевски се осврнува кон поезијата на познатата бугарска поетеса Елка Њаголова, Никола Маџиров во есејот „Расплетување на поезијата“ ги изложува своите размислувања за интегрирањето на поезијата во електронскиот свет, Маја Апостолоска се осврнува кон книгата „За восхитот и пораката“ од Санде Стојчевски, определувајќи ја како полемички интонирана афирмација на иманентниот пристап кон книжевното дело во која авторот вешто ги комбинира теорискиот дискурс и дијалогот, а Александра Димитрова ги анализира ликовите во романот „Смртта на дијакот“ од Драги Михајловски.
Во рубриката „Поезија“ свои прилози имаат Науме Радически и Борис Апостолов, а во рубриката „Проза“ е објавен расказот „Менаџер“ од Емил Калешковски. Во рубриката „Преводи“ македонските читатели можат да го прочитаат есејот „Уметноста меѓу интересот и монахизмот“ од Бранко Лазиќ, како и расказите на Данило Николиќ и Милисав Савиќ.
Извор: МИА