понеделник, 23 јуни 2008

Софија Никоска ја освои главната награда на „Охридски бисери“

17-годишниот виртуоз на виолина, Софија Никоска од Прилеп, ја крена на нозе охридска Света Софија.

Од 150 учесници од десетина европски земји, ја освои главната награда Лауреатот на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“. Како награда од жири комисијата доби и стипендија за студирање на престижниот конзерваториум во Сан Франциско.

„Оваа награда претставува за мене како кула на трудот кој досега го вложивме јас и мојот професор Олег Контатенко и стимул за понатамошно вежбање и работа. Моја најголема желба е да ја продолжам мојата музичка надградба кај светски познати професори“, изјави Софија Никоска, музичар.

Никоска е единствениот студент во Македонија која со свои само 15 години, земајќи го предвреме средното образование, се запиша на Музичката академија. Иако, еден од нашите најголеми таленти, со освоени безброј награди, таа нема доволно поддршка од државата. Според неа, музичките таленти во Македонија се препуштени сами на себе.

„Сите настапи на натпревари од меѓународен тип надвор од границите на нашата земја, сите семинари кои ги посетуваме ние музичарите се финансиски поддржани само од нашите семејства“, вели Софија никоска.

Токму поради ваквата не-поддршка, македонските таленти најчесто се преселуваат во странство.

„Државата не ни дава голема важност и шанса на класичната музика тука и поради тоа, музичарите од Македонија гледаат поголеми можности во странство“, додаде Никоска.

Следниот меѓународен натпревар на Никоска ќе биде идниот месец во Словенија, учество за жал, финансирано само од нејзините родители.
Извор:А1