петок, 13 јуни 2008

„Бегалка“ е победник на „Војдан Чернодрински“

Претставата „Бегалка“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Штипскиот театар е победник на 43-от театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Одлуката, според жирито, била донесена едногласно.

„Малку избегавме од оној класичен битов текст, којшто е напишан од Иљоски и тука малку ја поместивме работата, значи повеќе одевме да се изрази љубовта“, рече Владимир Тулиев, глумец во претставата.

Фестивалот помина во одлична организација, а публиката желна за култура, ги преполни салите. Глумците задоволни од сработеното, но велат, ако сакаме подобар театар во Македонија, потребни се повеќе пари за културата.

„Треба да се даде малку повеќе за културата отколку што досега се даваше. Со години плачеме за тие пари, нема смисла повеќе да се зборува“, изјави Лидија Иваноска, добитник на наградата за животно дело. Дел од театарските работници сепак велат, пари во културата имало отсекогаш, но ако сакаме нашиот театар да оди напред, мора да научиме да менаџираме со тие средства, а не да ги трошиме на непотребни работи.

„Најдобрите претстави мислам дека се направени со многу малку пари, некои се дури и без пари, така што не е до парите. Проблемот е каде се даваат пари и второ, дали тие пари одат на безвезни места заради лоша организација“, вели Срѓан Јанакиевиќ, режисер. Дел од нив, пак, се обвинија самите себе дека и тие се виновни за одредената криза во македонскиот театар, за која се зборува со години.

„Театарџиите да почувствуваат, повторно да поверуваат дека тоа што го прават е многу битно во светот и дека тоа што е нивна професија е една од најубавите професии, нешто што го заборавија“, рече Златко Славенски, режисер.
Извор: А1