петок, 20 јуни 2008

„Тапани во ноќта“ селектирана на МЕСС

Претставата „Тапани во ноќта“ од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски, а во продукција на Народниот театар од Прилеп е македонскиот репрезент на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС во Сараево. Таа е избрана во официјалната натпреварувачка програма на овој познат регионален фестивал, кој ќе се одржи од 18 до 26 октомври, а ќе се игра на вториот фестивалски ден, на 19 октомври.

Според директорот на Прилепскиот театар, Стојан Дамчевски, селекторот на МЕСС, Дино Мустафиќ, веднаш по гледањето на претставата, без размислување соопштил дека таа влегува во официјалната програма на фестивалот.

„Тапани во ноќта“ доби покана да учествува и на фестивалот „Белеф“ во Белград, каде биде изведена на 16 јули, на сцената на познатото Југословенско драмско позориште. Исто така, постои можност претставата да биде селектирана и да гостува на најголемиот словенечки театарски фестивал „Експонто“во Љубљана, кој се одржува во средината на септември. Според директорот Дамчевски, селекторот на „Експонто“, Дамир Кос, пријатно изненаден откако ја гледал претставата, ветил дека ќе се потруди таа да се најде и на „Експонто“ иако програмата на фестивалот е веќе затворена. Според Дамчевски, „Тапани во ноќта“ веќе го пробива патот на странските театарски сцени и ќе биде бренд на прилепскиот театар и на градот. Таа ќе има и светска презентација во Богота и во Москва.
Извор: Утрински Весник