среда, 4 јуни 2008

Мариово е неистражено археолошко наоѓалиште

На локалитетот Висока, на врвот од Селечка Планина во Мариовско, на височина од 1.472 метри, пред три години е откриен антички град и дворец со огромни блокови. Археолозите потенцираат дека Мариово е богато, но неистражено археолошко наоѓалиште.

Објектите датираат од 4 век пред нашата ера, што е претпоставка дека тука владеел некаков крал или помал кнез. Гробницата во подножјето на планината е потврда дека тој великодостоинственик бил погребан тука.

„Досегашните истражувања се реализирани на површина од два хектара, во должина од 350 метри и широчина од околу 100 метри. Таму е документиран град со одбранбен ѕид во доцен антички опус. Годинава сме во фаза на дооткривање на гробницата. Најголем проблем е тоа што не можеме да работиме на врвот Висока поради непристапноста на теренот“, објаснува професор Виктор Лилчиќ.

Според него, откриени се разни видови керамика од 4 век пред новата ера, делови од накит и од копци од облеката на воините, монети на македонските кралеви, Александар Македонски, монети од градовите...

Но, натамошните истражувања треба да ја решат дилемата кој владетел владеел во дворецот и кое било името на овој антички град“, додава Лилчиќ. За досегашните истражувања се потрошени над 1,4 милиона денари.
Извор: Утрински Весник