среда, 29 октомври 2008

Три награди за прилепскиот театар на МЕСС

Претставата „Тапани во ноќта“ во продукција на Народниот театар од Прилеп, доби три награди на 48. Интернационален театарски фестивал МЕСС во Сараево.
Претставата работена по Бертолд Брехт во режија на Мартин Кочовски е наградена со Сребрен ловоров венец за најдобра претстава во категоријата MittelEurope. Наградата „Јурослав Корениќ“ за најдобар млад режисер му е доделена на Мартин Кочовски, кој ја дели со Филип Гринвалд. Прилепскиот театар ја доби и наградата на Тркалезната маса на критиката на МЕСС 2008 за најдобар авторски став „Клуч за толкување“.

Ново востановената награда „Марко Ковачевиќ“, која што се доделува за најдобра книга од областа на есеистиката или публицистиката за сценските уметности, оваа година и е доделена на театарската критичарка и публицистка од Македонија, Лилјана Мазова за книгата „Посветеност, Процеси, Персони“ во издание на Силсонс, Македонија.
Наградите на 48. Интернационален театарски фестивал МЕСС, што се одржа од 18 до 28 октомври, утринава беа соопштени во Сараево.
На годинешниот фестивал беа прикажани 33 претстави од 17 земји од светот. Гран при или Златниот венец за најдобра претстава во целина, жирито и додели на претставата Sclavi/Емигрантска песна, во продукција на театарското студио Farm in the cave од Чешка.
Извор: Макфакс