среда, 23 април 2008

Драма за самоуништувањето-Кон праизведбата на „Песијазол“

Пишува: Иван Ивановски

Кога точно пред шест години (април 2002 година), младиот драмски писател Петар Петрески се појави со својот драмски превенец „На трета мајка“ во театарот во градот под Маркови кули, во кој живее и создава, не беше којзнае колку тешко да се забележи неговото несомнено талентирано присуство. Тоа не само што се потврди, туку стана уште поевидентно со неговата неодамнешна драма, втора по ред - пиесата со метафоричен наслов „Песијазол“, која беше праизведена, исто така, на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, со што беше означена афирмација на уште еден роднокраен драматург.
Напредокот, постигнат во споменатото најново драмско дело на Петрески, е повеќе од очигледен и тој најмногу се рефлектира во многу подлабоката образложеност и побогатото развивање на ликовите и настаните, кои овој пат не се толку скромни како во неговиот дебитантски драмски текст, а, исто така, и во продлабочувањето на јазичните валери, поетски созвучја и слично. Текстот за кој станува збор ја следи одисејата, т. е. почнува со хаотичното бегање на неколкумина комити на чело со војводата пред потерата од турскиот аскер наоѓајќи засолниште во предворјето на една црква. Овде нив ги прифаќа никој друг, туку една група душевно болни луѓе. За да спасат глава, за да не бидат откриени, комитите решаваат да ги следат постапките и однесувањата на „домаќините“, од чиишто погледи на животот, од чијашто филозофија и постапки не се знае колку се луди, и кој од нив е полуд од другиот!
Независно од тоа што оваа пиеса не пренесува во минатото и говори за него, таа мошне впечатливо кореспондира, т. е. ги проблематизира сегашните наши состојби понудувајќи ни два слоја - првиот е изразеното чувство за типично народско Цепенково јазично кажување, на места преточено во стихувана форма, а вториот слој се состои во прикажувањето на длабоките човечки лузни, на големата драма на луѓето затворени во својот сопствен свет, во кој има широк простор за сонувања и мечтаења, во кој секој посебно и сите заедно ја носат трагиката на свето постоење со синдромите што низ вековите ги следат - самоуништувањето, кодошењето, малодушноста. Тоа што јасноста и образложеноста на некои од поклучните сцени и ликови не се доведени до усвитеност, до внатрешна експлозија, што ќе рече дека не наоѓаат уште поголем израз, е повеќе резултат на плаќање данок на неискуството на пат на совладување на занаетот, отколку на отсуство на креативна немоќ...
Сепак, земено во целина, младиот автор по малку невообичаеното драмско дејство го води сигурно и мошне занимливо, прелевајќи го трагичното и комичното, апсурдното и алогичното... Благодарение на мошне сериозниот и комплексен ангажман на режисерот Бранко Ставрев, прилепската публика имаше можност да види повеќеслојна, мошне впечатлива сценска реализација, која остави впечаток со својата продлабочена и цврста концепција, со успешното поврзување на сите компоненти во изведбата, со убавата динамика и со темпото, со релјефно оцртаните ликови и сцени, што не беше случај со постановката на претходната пиеса на Петрески - „На трета мајка“. При оформувањето на „Песијазол“, како и во низа други негови постановки, Ставрев се определува за современа насоченост на текстот, што подразбира избегнување на традиционалните и конвенционални режисерски манири и обезбедување асоцијативна рамка.
Од друга страна, иако во случајов не станува збор за камерна драма (во неа беше вклучен целиот изведувачки состав) , гостинскиот режисер дејството го сместува на сцената на која се наоѓа и публиката, на тој начин воспоставувајќи директен, уште понепосреден контакт со гледачите. Беше, исто така видливо дека со својата искусна рака, режијата го имаше обединето актерскиот ансамбл во една динамична целина, па иако во случајов се работеше за една строго колективна игра, сепак би требало да се издвојат креациите на Марјан Чакмакоски, Најдо Тодески, Андон Јованоски, Димитар Вандески и Трајче Иваноски, кој како пензиониран актер играше речиси препородено, впрочем како и поголемиот број негови помлади колеги.
Во духот на продуктивните режисерски замисли прозвучи музиката на Златко Ориѓански, а сцената и костимографијата, што ги потпиша режисерот Бранко Ставрев, исто така, мошне функционално беа вклопени во стилот и во духот на изведбата...
Објавено во: Време