четврток, 24 април 2008

Во Зрзе откриен монашки комплекс од 9 век

Во прилепскиот манастир „Свето Преображение“ во Зрзе, е откриен богат монашки комплекс кој датира од 12 век или два века порано од досегашните научни наоди. Во пештерата од бигорната карпа под сегашната манастирска црква, откриена е пештерска црква која најрано е датирана во 12 век. До црквата имало трпезарија, работилница за монасите, а констатирани се и 11 целини со 30 испоснички ќелии на четири ката. Секоја ќелија ја користел еден монах. Екипата археолози и конзерватори невестува дека при натамошните истражувања ќе се откријат уште десеттина други испоснички ќелии.

Ова неверојатно откриетие, велат стручњаците, го ситуира манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе во нов научен, културен и религиски контекст, зашто постојат индиции дека има културни слоеви од 9 век. „Иако ова е прва фаза од истражувањата, не е прехрабро ако се каже дека овој монашки комплекс по својот обем и материјални појави кореспондира во религиска смисла со климентовиот комплекс во Охрид. Значи, една врска во религиозната историја, визави културната, визави политичката историја“, вели Бранислав Ристески, координатор на проектот.

Според Владиката Климент, резултатите од овие истражувања се потврда на верувањата на монашкото братство кое една декада живее во манастирот во Зрзе. „Има цврсти претпоставки дека со натамошните истражувања временската хронологија и датирање ќе стигне до 9 век и овој монашки комплекс ќе го изедначи со обновувањето на климентовото монаштво на Плаошник, кое е еден век постаро од Светогорското монаштво. Првата фаза од археолошките истражувања е повеќе од успешна, бидејќи монашката населба која досега беше бледо и патем споменувана во 14 век, веќе сигурно е поместена во 12 век“, изјави Владиката Климент.

На горното плато од денешниот манастир е откриена доцна античка населба од 4 век. Особено значаен сегмент од оваа акропола е ранохристијанската базилика која почетно датира од 5 и 6 век, а е лоцирана на издвоено плато на север од денешниот манастир. „На платото над бигорната карпа на простор од 4 до 6 хектари откриени се контурите на акрополата. Оваа населба не била дефанзивна. Имала повеќе управно-политички карактер. Оградена е со бедем со широчина до 1,40 метри, но до крај не е дефинирана. Дел од фазите треба да се истражат. Во секој случај, остатоците од бедемот се видливи на влезот на манастирот, па со досегашните сондажни истражувања јасно е издвоена доцната античка фаза“, вели координаторот Ристески.

Откриени се и многу површински објекти, низа материјали, движни наоди, садова керамика, стаклени садови, метални орудија...

Инаку, овој проект ќе биде финансиран од Министерството за култура со 560 илјади денари.
Извор: Утрински Весник