четврток, 7 август 2008

Откриен малтешки крст на локалитетот „Баба“

Уникатен рановизантиски железен крст од малтешки вид, досега непозната појава на македонските простори, е откриен при археолошките истражувања на локалитетот Баба, во близината на вештачкото езеро до Прилеп.
Прилепските археолози, по истражувањата, кои завршија деновиве, ќе продолжат со дополнителни анализи за да откријат хронолошки и културни аналогии за значењето на железниот крст, најатрактивниот наод од ископувањата на Баба.
- Крстот е со димензии 14 сантиметри височина и 11 сантиметри должина на краците. Првично го дефиниравме како рановизантиски крст од 6 век од малтешка варијанта. Крст од овој тип е непозната појава на македонските простори. Со дополнителни хронолошки и културни аналогии ќе го бараме временскиот период кога е настанат крстот и како се нашол на овие простори - вели Душко Темелкоски, археолог во прилепскиот Завод и музеј и раководител на проектот.
При ископувањата на Баба се пронајдени и други значајни наоди, како што се керамички предмети, покривна керамика, фрагментирани садови, наоди од метал - ножиња и врвови од копје, кои сведочат за животот и навиките на луѓето на овој простор.
- Се претпоставува дека локалитетот, поради неговата доминантност на теренот, во античко време бил воено-стратегиско утврдување. Досега со ископувањата откривме два типа градби: од македонски период, 2 век пред наша ера, и од рановизантиски период, односно од 6 век - објаснува археологот Темелкоски.
Иако откриен пред десетина години, на локалитетот Баба првичните ископувања почнаа пред три години. Годинава се извршени поопсежни истражувања со финансиска поддршка на Министерството за култура.
Се очекува поради големото значење на наодите археолошките истражувања на Баба да продолжат и в година.
Извор: Нова Македонија