среда, 13 август 2008

Вечери на мајтапот пред споменикот на Итар Пејо

Секој петок талентираните прилепчани за мајтап, шега и вицеви ќе ги забавуваат сограѓаните на „Вечерта на мајтапот“, која ќе се одржува на малиот плоштад пред споменикот на мариовскиот итрец Итар Пејо. Според најавите, во овој проект на прилепскиот театар и локалната самоуправа, со натпреварувачки дух, ќе имаат право на учество сите граѓани. Жири-комисија ќе им додели соодветни награди на најдуховитите.

„Намерата е овој културен настан да стане бренд на градот, бидејќи прилепчани се познати по својата духовитост и шегите“, изјави градоначалникот Марјан Ристески. Според него, овој единствен проект од ваков вид во државава има цел да прерасне во традиционален и да привлече поголем број туристи од земјава и од странство.

Првиот настап в петок е резервиран за двајца млади актери од прилепскиот театар, Александар Тодески и Милан Секулоски. А натаму се предвидени и изведби на повеќе комедии од репертоарот на ансамблот на „Чернодрински“ и видеопрезентација на хумористичната серија „Солунски патрдии“.
Извори: Утрински Весник, Прилеп.гов.мк