понеделник, 11 август 2008

Уникатни откритија и во Мариово

На локалитетот Трештена стена, во близина на мариовското село Чаниште, се откриени предмети со уникатно украсување. Тие се единствени во Македонија и и припаѓаат на костолачката и на вучидолската културна група, сметаат археолозите. Александар Миткоски, археолог и раководител на проектот, вели дека при ископувањата на локалитетот, кои завршија деновиве, се откриени вредни предмети кои говорат за духовниот живот на луѓето кои живееле на овие простори.
- Пронајдовме фрагменти од керамички садови, култна пластика, мали куќни жртвеници и слично. Заслужуваат внимание фрагментираните зооморфни и антропоморфни фигурини кои говорат за духовниот живот на луѓето кои живееле тука од средниот до доцниот енеолит. Дел од откриените предмети се украсени со посебна техника на украсување која се нарекува фурхенштихт - вели Митксоки, виш кустос во прилепскиот завод и Музеј.
Освен предметите, на локалитетот Трештена стена се откриени и пет хоризонти на живеење од бакарниот период, со објекти кои се надземни, градени во класичен тип на праисториски градби од дрвена граѓа, излепена со куќен лепеш. Првичните истражувања на Трештена стена почнаа во 2001 година. Досега е утврдено дека локалитетот датира од времето на доцниот енеолит, односно од бакарно време.
Извор: Време