среда, 30 јули 2008

Ликовна колонија

Сликари и скулптори од земјава и од странство и годинава работат на Интернационалната сликарска колонија во Прилеп, најстара во Југоисточна Европа, во ателјеата за мермер, за метал, дрво и најмладото за пластика.
Зоран Ивановиќ, вајар од Белград и професор на Факултетот за применета уметност, го изработи портретот на Александар Македонски.
"Александар Македонски е исклучително инспиративна личност и живеел во периодот кој мене ликовно и уметнички особено ме интересира. Работев во глина и во гипс, а постои можност да се направи и во мермер и во бронза", вели белградскиот вајар Ивановиќ.
Тој е првпат во Прилеп и во Македонија и е одушевен од природните убавини, богатата култура, која како историско наследство ја видел во Прилеп , во Охрид и во Крушево.
Женско торзо, насликано во масло на платно, во трајно наследство остави Јулијана Протиќ, академски вајар од Белград. Таа вели дека би сакала ако има можност, повторно да биде тука и да ја црпи инспирацијата од Марковите Кули.
Арсен Гушапша од Русија е учесник на интернационалниот симпозиум за мермер кој годинава се одржува по 45-ти пат во Прилеп. Тој вели дека прилепскиот мермер е најдобар за изработка на скулптура и е среќен што е во Македонија. Со задоволство ја реализира идејата да направи скулптурата "Птици", која ќе биде компилација од дела во мермер, метал и од дрво.
На Колонијата во Прилеп досега се создадени над 1.500 слики, цртежи и скулптури од уметници од над 120 земји од сите пет континенти.
Извор: Вест