петок, 18 јули 2008

Мартин Јованоски стана светски рекордер

Најмладиот македонски параглајдерист, 18 - годишниот Мартин Јованоски (Делта клуб, Прилеп), стана светски рекордер во дисциплината прецизно слетување. Тој всушност доби известување од Интернационалната спортско - воздухопловна федерација (ФАИ), дека му е признат како најголемо достигнување досега на планетата, резултатот од неодамна одржаното Предевропско првенство во Тракошчан, Хрватска. Таму, Јованоски во четири серии имаше вкупно само 11 сантиметри промашување од целта во слетувањата со својот параглајдер. Федерацијата на својата веб - страница веќе го објави рекордот а исто така и најновата ранг - листа. На неа, Мартин е при самиот светски врв, на второто место, а потсетуваме дека во мартовското рангирање беше и прв. Шанса да се врати на лидерската позиција ќе има на претстојното Европско првенство кое од 3. до 10. август ќе се одржи во Нишка Бања, Србија.
Извор: Дневник