петок, 18 јули 2008

„Тапани во ноќта“ ги одушеви белграѓани

Претставата на прилепскиот театар „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, завчеравечер ја остави на нозе публиката во Југословенското драмско позориште. Публиката аплаудирала 15 минути, а како што вели Стојан Дамчески, раководителот на прилепскиот театар, актерите не можеле да си заминат од сцената. Тие настапија на летниот фестивал „Белеф. Ни се потврди дека претставата станува бренд не само на македонските простори. Реакциите беа повеќе од пофални. Салата беше преполна. Честитки добивме и од директорот на БИТЕФ, Јован Ќирилов. За квалитетот и приемот сведочат неколкуте аплаузи на сцената и петнаетсеминутните овации на крајот. Актерите не можеа да заминат од аплаузите. Сите беа воодушевени и зачудени како е можно еден мал театар од Македонија со млада екипа да подготви толку силна претстава - вели Дамчески.Претставата ја виделе и театролози, политичари и многумина Македонци што живеат во Белград. Покрај македонскиот амбасадор во Србија, присутен бил и Зафир Хаџиманов, како и претставници на театарската српска елита. Во претставата играат Илина Чоревска, Владимир Ѓорѓијоски, Игор Трпчески, Марија Спиркоска-Илиеска, Андон Јованоски, Александар Степанулески, Зоран Иваноски, Никола Настоски, Димитар Црцороски, Александар Тодески, Наташа Наумоска, Виолета Чакарова, Милан Секулоски и Димитрина Мицкоски. Претставата е илустрирана со музика на „Фолтин“. „Тапани во ноќта“ ќе учествува и на МЕСС во Сараево и на „Експонто“ во Љубљана.
Извор: Дневник
Други извори: Време