среда, 16 јули 2008

Ќе се обновува манастирот Трескавец

Македонскиот Синај - манастирот Трескавец, што се наоѓа во близина на Прилеп, ќе се обнови. Ова е интенцијата на новоформираниот Координативен одбор за ревитализација на еден од најзначајните, но и најзапуштените споменици на културата.

Еминентен состав на академици од МАНУ, Министерството за култура, МПЦ и локалните власти во Прилеп ги дефинираа проектите за целосна ревитализација. Во манастирскиот комплекс се наоѓаат фрески од 13 век на темели на ранохристијанска базилика и кои му даваат посебна културолошка вредност.

„Системски ќе се истражуваат сите содржини во манастирот, почнувајќи од црквата, конаците, трпезаријата“, изјави владиката Климент.

Манастирот е на списокот на 100-те најзагрозени споменици на културата во светот, па за кусо време ќе прерасне во една од најатрактивните туристички локации во државата.

„Проектот за обнова и заштита на манастирот во Трескавец опфаќа повеќе активности. Ќе биде изграден пристапен пат до манастирот со средства од Министерството за транспорт и врски. Подготвен е и проект за вода. Има потреба од увид во целокупната документација пред да се реализираат какви било други зафати. Ова е со цел за да се знае што е досега направено на полето на археологијата, архитектурата и заштитата на манастирот“, објасни Елизабета Канческа - Милеска, претседателка на Одборот. Таа истакна дека во реализација на проектот ќе бидат вклучени сите ресори, а Министерството за култура има одвоено буџет од 20 милиони денари.
Извор: Утрински Весник