среда, 7 мај 2008

Промовирана програмата за „Војдан Чернодрински“

Со претставата „Далај Мама“ од Љубиша Георгиевски, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на битолскиот народен театар, на 6 јуни на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се крене завесата на 43-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во текот на следните 6 фестивалски дена во официјална конкуренција ќе бидат изведени уште 9 претстави на македонските театри: „Комедија од грешки“ од Шекспир, во режија на Владлен Александров, а во изведба на струмичкиот театар, театарот на градот домаќин ќе го изведе проектот „Светилникот“ од Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски. „Женички“ од Тунџер Џуџеноглу, во режија на Наташа Поплавска е претставата на турскиот театар од Скопје, а МНТ ќе ја изведе драмата „Дракула“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанаќиевиќ. „Импресарио од Измир“, од Карло Голдони, во режија на Ахмет Јакупи е проектот на тетовскиот театар, „Супернова“ од Лори Андерсен во режија на Златко Славенски е претставата со која ќе учествува Драмски театар од Скопје. Велешкиот народен театар ќе ја изведе претставата „Да се заборави Херострат“ од Григориј Горин, во режија на Зоја Бузалкова, а последните фестивалски денови ќе бидат изведени претставите „Војцек“ од Георг Бихнер, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на албанскиот театар и „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Дејан Пројковски од штипскиот театар.

„Публиката ќе може да проследи еден колорит од театарски претстави од сите жанрови, кои се потврда дека македонскиот театар се движи по една нагорна линија. Млади актери и млади режисери ќе доминираат и на овој фестивал“, вели Петар Темелкоски, уметничкиот директор на фестивалот.

Во придружната програма ќе бидат изведени 3 претстави: „Приказна за Роланд Кловнот од Мек Доналдс“ од Родриго Гарсија во режија на Софија Ристевска, „Сердарот засекогаш љубов“ во режија на Тихомир Стојаноски, а во копродукција на велешкиот и театарот „Скрб и утеха“ и испитната претстава по актерска игра на втора година во класата на професорот Кирил Ристоски.

Како што вели Темелкоски секој ден на пладне ќе се одржи и по една трибина на конкретна тема.

„Се уште не се дефинирани темите, ниту модераторите, промоторите, а не е утврден ниту составот на жири комисијата.Но, важно е дека Прилеп ќе живее театарски живот полни 24 часа, ќе има доволно културна понуда, дневно ќе можат да се следат и по три претстави“, потенцира Темелкоски.

Инаку годинешни добитници на наградите за животно дело се тројца истакнати театарски работници: Кирил Андоновски од МНТ- Скопје и Лидија Иваноска и Благоја Ивчески, двајцата актери од прилепскиот народен театар.

Со свечено доделување на наградите фестивалот ќе биде затворен на 12 јуни, кога во чест на наградените ансамблот на Драмски театар ќе ја изведе претставата „Комшилук наопаку“ од Нина Митровиќ, а во режија на Нени Делместре.
Извор: Утрински весник