понеделник, 19 мај 2008

Второ место во светот за четворица прилепчани на натпревар по екологија

Во конкуренција на 375 екипи од 48 земји во светот четворица средношколци од Прилеп го освоија второто место на меѓународниот натпревар по екологија во Шведска што го организираа Обединетите Нации и корпорацијата „Волво“. Финалето се одржа од 9 до 14 мај.

Приказната за „Последните биволи во Македонија“ ги направи Катерина Николоска, Александра Ацеска, Славко Попоски и Симона Зероска од прилепското училиште „Орде Чопела“ славни во светот меѓу своите врсници, кои заедно со својот професор Наталија Ацеска неодамна се вратија со многу впечатоци и задоволни со успехот што го постигнаа.

„Ова е неверојатно искуство. Ја претставивме Македонија во најдобро светло, им раскажавме со какви богатства располага нашата татковина. Ова е поттик за нови проекти и за поголема заштита на животната средина“, велат учениците се уште под импресии, додавајќи дека „се чувствуваат како филмски ѕвезди кои добиле оскар. Така и не третираа во Шведска“.

Средношколците денеска беа примени од прилепскиот градоначалник Маријан Ристески.

„Убаво е чувството дека правиш нешто многу корисно воопшто за планетата Земја. Проектот беше необичен и за жирито“, изјави професорката Наталија Ацеска горда на успехот на своите ученици.

Четворицата средношколци цела година работеа на темата за биволите од селото Дебреште каде 13-те женки три години не родиле подмладок, соочувајќи се со изумирање. Спроведоа и кампањи во основните училишта за промовирање на оваа проблематика. Веднаш потоа на семејството одгледувачи, швајцарската амбасада им донираше машки бивол, па се роди и првото младенче.

Сега приватна млекарница е заинтересирана да го откупува млекото од биволите и да почне со производство на првата македонска моцарела. Вака го објаснуваат проектот учениците со кои ги воодушевија организаторите на светскиот натпревар во Шведска.

Паричната награда за освоеното второ место на овој меѓународен натпревар по екологија изнесуваше 6.000 долари.
Извор: А1