сабота, 17 мај 2008

„Тапани во ноќта“ на Брехт премиерно во Прилеп

Претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт во режија на младиот битолски режисер Мартин Кочовски, својата премиерна изведба ќе ја доживее вечерва во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Приказната е лоцирана на 14 јануари 1921 во Берлин, кога се случува крајот на Спартанистичкото востание против власта. Војник, оптоварен со сите специфики на поствоениот синдром по Првата светска војна, се враќа дома со надеж дека барем љубовта останала. Но, војната оставила траги и во животот на неговата сакана...

Режисерот Мартин Кочовски вели дека станува збор за ансамбл претстава во која 17 актери се постојано на сцената. „Тоа е спецификата, затоа и ретко кој театар продукциски може да го издржи Брехт. Претставата зрачи со брилијантна актерска игра, има многу пеење, танцување... Екипата има огромна инспирација, волја и енергија која зрачи од сцената. Успеавме да ја постигнеме прочуената слоевитост на Брехт“, истакнува Кочовски.

Во подготовката на овој проект, освен младиот ансамбл на матичната театарска куќа, гостува битолската актерка Илина Чоревска. Музиката е на групата „Фолтин“, сценографијата ја подготви Филип Јовановски, додека задолжена за 100-те костими во претставата е Јулијана Војнова-Најман.
Извор: Утрински Весник