петок, 27 февруари 2009

Пуштена во употреба шаховската табла

Со првиот шаховски потег на градоначалникот Ристески, беше пуштена во употреба новата шаховска табла која е една од составните компоненти на новиот современ Арт плоштад. Арт плоштадот е надополнување на плоштадот Александрија, пред Центарот за култура “Марко Цепенков“, а покрај шаховската табла ќе содржи и патека на славните, која ќе претставува своевиден пандан на патеката на славните во Холивуд и водена завеса. Со ова комплетно ќе се уреди централното градско подрачје и ќе се надополни со еден современ уметнички простор, истакна градоначалникот Ристески.Новиот плоштад ќе биде на површина од 600 метри квадратни и за неговата доградба предвидени се 10 милиони денари.
Свеченото отворање беше крунисано со партија во влечење на брзи потези од страна на велемајсторот Ѕвонко Станоески, кој е четирикратен првак на Македонија во шах и редовен репрезентативец на Македонската репрезентација од 1994 год. и Тони Кироски интернационален велемајстор во шах и двократен првак на Македонија. Како надополнување на свеченото пуштање на шах таблата беше промоцијата на книгата “Шахот во Прилеп“ од Д-р. Наде Карачоска која претставува своевидно монографско, библиографско издание за историјата на овој спорт во нашиот град.
Извор: Општински веб портал