среда, 11 февруари 2009

Институт за роботика во Прилеп

Министерството за образование и наука ја прифати апликацијата на прилепски „Микросам“ за отворање приватен, единствен во регионот институт за современи композити и роботика.
Оваа научна установа, низ интердисциплинарен пристап ќе ја развива фундаменталната и применета наука во областите на современите композити и роботиката.
Како што велат во „Микросам“, институтот ќе создаде услови за лидерска позиција на домашниот и на меѓународниот пазар.
„Имаме доволно стручни кадри. Двајца доктори на науки, на кои наскоро ќе им се придружи уште еден, и шестмина инженери. Сега имаме простор и опрема која постојано ќе ја надградуваме. Така, наскоро во кругот на фабриката ќе се изградат и нови објекти. До крајот на годинава треба да стигне и акредитацијата за магистерските и докторските студии“, објаснува Благоја Самакоски, сопственикот на „Микросам“.
Институтот ќе едуцира и кадри од вториот и третиот циклус од Болоњскиот универзитет. Според планот, годишно ќе се примаат од тројца до петмина млади научници кои сакаат да ги продолжат своите магистерски и докторски студии. Вратите на Институтот ќе бидат отворени не само за домашните студенти туку и за студенти од странство.
Извор: Утрински Весник