петок, 31 август 2007

Прилепскиот Народен Театар работи на нова претстава

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ почна со работа на новата претстава „Железниот светилник“ која се најавува како голем мултимедијален проект.
Претставата е според романот на Димитар Талев, во режија на Владо Цветановски и во драматизација на писателот Трајче Крстески.
- Возбудлива е приказната што во романот ја раскажува Талев со нарација слична на оваа на нобеловецот Андри. Сметам дека оваа година кога Прилеп е град на културата треба да се направи претстава која ќе биде одраз на градот кој постоел и се уште постои во старите градби во чаршијата. Во претставата се следи драмата на семејството на Стојан и Султана Глаушеви, вели режисерот Цветановски.

Тој ќе користи видео и сценски ефекти за да го долови тогашниот Прилеп во функција на целосно обликување на претставата.

За писателот Трајче Крстески предизвик е да се преведе од бугарски и да се драматизира делото на Талев. Актерот Владо Јованоски, кој заедно со Александра Пешева се повикани во претставата, првпат соработува со прилепскиот ансамбл и по 15 години во МНТ првпат е на сцената на друг театар во градовите во Македонија.

- Приказната допира, ја бранува душата и е ново искуство, вели Јовановски.

Покрај целиот ансамбл на прилепскиот народен театар во подготовките на „Железниот светилник“ вклучени се и пензионираните актери Благоја Спиркоски Џумерко и Трајче Иваноски. Сценографијата е на Владо Ќорески, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Оливер Јосифовски. Ова е првпат да се поставува Димитар Талев на сцената на прилепскиот театар.

Преземено од МИА