петок, 5 јуни 2009

Вечерва се отвора МТФ „Војдан Чернодрински“

Најдоброто од македонската продукција во последната театарска сезона од вечерва до 11 јуни ќе се распостеле на неколкуте сцени во Прилеп, под закрилата на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Осумнаесет претстави на национални и приватни театри и групи ќе може да види прилепската публика на 44-та средба на театарските уметници. Фестивалската завеса ќе ја крене претставата „Свето срце“ на Љубиша Георгиевски, на Македонскиот народен театар од Скопје, што ќе биде изведена во 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Улогите ги толкуваат Искра Ветерова, Ѓорѓи Јолевски, Сенко Велинов, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Ѕвездана Ангеловска, Бранко Ѓорчев, Сашко Коцев, Александра Пешевска и други. Пред претставата, ќе им бидат врачени наградите за животно дело на актерите Димитар Костовски од МНТ и Љубица Гојковиќ од кумановскиот театар.

На полноќ, во рамките на придружната програма ќе биде изведена „Таму каде што не сум бил“ во режија на Зоја Бузалковска, која прилепскиот театар, ќе ја изведе на матичната сцена. Ќе настапат Димитар Ѓорѓиевски, Зоран Иваноски, Наташа Наумоска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Александар Степанулески и други.

За наградите на фестивалот ќе одлучува тричленото жири, што ќе го предводи академик Митко Маџунков, а членови се актерите од Драмски театар и од Албански - Ванчо Петрушевски и Зијадин Муртези. За наградите на Фестивалот ќе бидат земени предвид „Кинегонда во Карлаленд“ на Драмски, „Тероризам“ на велешкиот, „Албански ноќи“ на Албанскиот театар од Скопје, турската „Сијах Калем“, „Тетовирани души“ од Куманово, „Црна се чума зададе“ на Народниот театар од Битола, „Глоговиот џбун“ на штипскиот, „Последниот ден на Мисирков“ на струмичкиот и „Тапани во ноќта“ на прилепскиот театар. Во придружната програма се најдоа повеќе приватни театри и групи.

За награди нема да се натпреваруваат - „Црна птица“ на Буден театар од Скопје, „Дивите пајки“ на Центарот за култура од Куманово, „Лет во три глави“ на МНТ. Во дворот на црквата „Свети Никола“ во населбата Варош во Прилеп ќе се игра „Чернодрински експрес“ - копродукција на „Скрб и утеха“ и на велешкиот театар. Студентите по актерска игра на втора година во класата на Владо Цветановски и Мими Таневска од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе ја изведат испитната претстава „Вака, вака и вака“.Три трибини ќе бидат посветени на проблемите што го тиштат македонскиот театар. „Авангардата во театарот во Македонија“, „Театарот во служба на драмската уметност или на естрадата“ и „Литературниот јазик и театарот“.По претставите ќе бидат организирани настапи на македонските музички групи - „Фолтин“, „Баклава“ и други.
Извор: Дневник

Целосната програма на фестивалот