среда, 4 март 2009

Локалитетот Локви кај Прилеп ќе биде природен резерват

Локалитетот Локви што се наоѓа на 3,5 км од прилепското село Големо Коњари ќе биде прогласен за природен резерват од прва категорија. Ендемскиот вид фауна вилинско ракче или хироцефалус пелагоникус што живее само во овие солени локви и никаде на друго место во светот ќе биде заштитен од државата. Во локвите има уште 50-ина други видови фауна, а 16 од нив се регистрирани во Европската книга на природни реткости.
Министерството за животна средина, локалната самоуправа, месното население и невладиниот сектор вчера во Прилеп почнаа јавна расправа пред подготовка на закон што треба да помине на Влада и да го усвои Собранието.
Вилинското ракче е со големина од два сантиметра. Поради спецификите на просторот и соленоста на водите, оваа уникатна, реликтна и ендемична фауна треба да се заштити, велат експертите.
„Својот животен циклус го почнува во рана пролет, а го завршува кон крајот на мај, кога женките ги полагаат резистентните јајца. Тие имаат дебела обвивка за да може да опстанат скриени во трските во студените зими и летната суша, кога локвите пресушуваат. Така, идната пролет при поволни услови се развива повторно вилинското ракче на длабочина до 60 сантиметри“, објаснуваат стручњаците.

Оваа природна реткост засега ја чуваат само жителите. Пред неколку години била поведена иницијатива за заштита на локалитетот, но како што велат жителите, ништо особено не е направено.
Вилинското ракче го има засега во три бари, на површина од околу 10 хектари кои се остаток од некогашното пелагониско блато.
За вилинското ракче знаеле и постарите жители на Големо Коњари, но не знаеле дека е природна реткост. Уште во турско време била позната солената вода, а локвите ги нарекувале солени бари.
Во 2001 година локалитетот е прогласен за заштитен од државата, но сега, согласно со новите законски регулативи и барања на ЕУ, треба да се изврши повторно прогласување за заштитен зоолошки објект.
Извор: Утрински Весник