среда, 29 јули 2009

На прилепско лето се изработуваат портрети на Филип II и на Конески

Меѓународната сликарско-скулпторска манифестација „Прилепско уметничко лето“ е во тек. Дваесетина уметници од повеќе држави творат на различни локации од градот во неколку сликарски техники, мермер, метал и дрво. Меѓу делата што ги работат се портретите на Филип Втори и на Блаже Конески. Автор на портретот на Филип Втори е професорот Зоран Иванов од Белград, а на Блаже Конески - скулпторот и професор Симеон Арнаудов.

„Ќе се обидеме во август портретите излеани во гипс да бидат во бронза или изделкани во камен. Се' зависи од тоа дали ќе добиеме пари“, вели Диме Јанески, секретар на Центарот за современа ликовна уметност, организатор на „Уметничко лето“, која е меѓу најстарите манифестации на Балканот со 52. сликарска колонија.

Покрај од Македонија, годинава ќе има гости од Русија, Србија, Италија и Турција. Прв пат годинава беше организирано фотосафари и петмина фотографи направија уметност од глетките што ги понудија манастирите, околината, луѓето.

„Прилепско уметничко лето“ располага со над 1.500 дела на уметниците, учесници од земјава и странство.
Извор: Утрински Весник